Јанкулоска: истрагата напредува, извршителите се непознати
15 април 2012 Таа рече дека не може да изнесат повеќе детали за профилот на убијците на петтемина кај Смиљковци зашто се’ уште се обработуваат материјалните докази. Многу им помогнале и информациите што ги добиле на телефонот 199 и ги охрабрува граѓаните и понатаму да се јавуваат.
„Профилот го утврдивме, но не би оделе со детали, зашто ни е потребно време да ги провериме материјалните докази собрани на терен. Но, и поради комплексноста и затоа што некои хемиски анализи кои бараат одредено време“, истакна Јанкулоска од Оперативниот штаб.
Меѓу материјалните докази е и едно возило за кое, според најдените траги од вештачењето, има индиции дека било на местото на злосторот. Најдено било на десет километри од таму.
Министерката ги охрабрува граѓаните и понатаму да се јавуваат на бројот 199. Најголем дел од јавувањата потвдиле дел од сценаријата за кои размислува и МВР.
„Не би зборувала за сценаријата со кои јавувањата се совпаднаа, бидејќи нивното јавно елаборирање би ја отежнало истрагата. Меѓутоа, може да се каже дека од нашите сценарија што ги разгледувавме и од јавувањата на граѓаните на телефонот 199 успеавме да отфрлиме дел од тие сценарија и да ги нотираме тие што се најмалку веројатни“, рече Јанкулоска.
Јанкулоска рече дека сите сценарија се се’ уште отворени, но најмалку е веројатно дека момчињата биле сведоци на друго кривично дело.
Досега на информативен разговор биле над 100 лица, но нема осомничени за убиството. Клучни ќе бидат и исказите на семејствата на жртвите кои од разбирливи причини вчера и завчера не биле на распит.
МВР за сега нема повратна информација од службите на соседните земји, кои се подготвени за соработка во расчистување на петкратното убиство. Јанкулоска повтори дека е тоа најтешко кривично дело со кое МВР досега се соочило. Рече и дека состојбата е мирна и оти ноќта поминала без нарушувања на јавниот ред и мир.