1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанша: „Мини-Трамп“ и „Маршал Твито“

Кено Верзек
5 март 2021

Јанез Јанша води вербална војна на Твитер против неговите критичари во медиумите. Во неговите очи, тие се лажговци кои произведуваат лажни вести. Сега ЕУ зазеде критички став за односот на Јанша кон медиумите.

Belgien I Slowenischer Premier Janez Jansa
Фотографија: Olivier Hoslet/Pool/REUTERS

Едно девојче пишува графит на англиски јазик: „Ако повеќепати повториш лага, таа станува вистина“. Зборот „вистина“ е прецртан со црвена боја и наместо него е допишан зборот „новинарство“. Оваа слика Јанез Јанша ја постави на својот налог на Твитер, како одговор на постот на весникот „Клајне цајтунг“ од австриски Грац. Нивниот текст за односот на Јанша кон слободното новинарство го налути словенечкиот премиер.Таквите твитови не се исклучок.

Ниту еден европски премиер не води толку огорчена војна на Твитер против новинарите како Јанша. Тој редовно ги напаѓа домашните новинари, а секој критички ориентиран текст од странство за ситуацијата во Словенија и за неговата влада - тој некогаш го оценува луто, некогаш со презир, но речиси секогаш со обвинување дека станува збор за лажни вести. Јанша, неодамна, ја обвини дописничката на магазинот Политико од Брисел, Лили Бајер, за ширење лажни вести, бидејќи критички пишуваше за односот на словенечката влада кон медиумите.

Паралелен медиумски биотоп

Лили Бајер лично ја напаѓаа на профилите на социјалните мрежи на телевизијата Нова24Тв, десничарска телевизија блиска до Словенечката демократска партија на Јанша. За Лили Бајер таквиот медиумски мобинг од страна на словенечката влада не е ништо ново. Неа редовно ја прозива и портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач. Тој ѝ оспорува дека е новинарка и ја нарекува „СЈВ“, кратенка на англиски јазик за „воин за социјална правда“ (Social Justice Warrior).

Флоријан БиберФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Оваа кованица ја лансираа американските екстремни десничари. „Разликата меѓу Унгарија и Словенија е во тоа што Орбан не ги напаѓа лично критички ориентираните новинари“, вели стручњакот за Југоисточна Европа од Грац, Флоријан Бибер, и додава оти Јанша на тоа постојано работи на својот налог на Твитер, па подбивно го нарекуваат „Маршал Твито“ - асосијацијата секако алудира на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито. Бибер смета дека Јанша се обидува да изгради „паралелен биотоп на медиуми кои му се лојални, многу активни на интернет и кои покажуваат 'поалтернативен поглед на светот'“.

„Мини-Трамп“

Јанша не смета оти критички ориентираните новинари се само лажговци и измамници, туку и прикриени комунисти. Словенечкиот премиер, кој и самиот започна како комунистички, партиски новинар, додека не дојде во конфликт со југословенскиот режим, има намера, според Бибер, да испрати порака на социјалните мрежи дека „секоја критика на неговиот стил на владеење е нелегитимна и неприфатлива“. А, кога критиката ќе стигне од странство, додава Бибер, тогаш Јанша „многу брзо се навредува“.

Повеќе:

-Јанша ја кани ЕУ да се увери во правната држава во Словенија

-Што може да направи Брисел против „испадите” на Јанез Јанша?

-Каде оди Словенија на чело со Јанша?

Шефот на германскиот огранок на Репортери без граници, Кристијан Мир, вели оти Јанез Јанша се однесува „како еден вид мини-Трамп“. Словенечкиот премиер не ги крие своите симпатии кон поранешниот американски претседател, кој, исто така, грубо се однесува кон новинарите. Јанша сепак најмногу се угледува на унгарскиот премиер Виктор Орбан, чии медиумски менаџери инвестираат во Словенија и во С. Македонија. „Во многу работи тоа што го прави Јанез Јанша потсетува на унгарскиот премиер Орбан“, вели Кристијан Мир и притоа мисли на сѐ поголемото влијание на Орбан и врз словенските медиуми.

Кристијан МирФотографија: DW/Maryam Mirza

Унгарска поддршка

Петра Лесјак Тушек, претседателка на Словенечкото здружение на новинари, вели дека унгарските медиумски менаџери од 2017 година се обидуваат да создадат медиумско опкружување во Словенија кое е поволно за Јанша и кое би можело да биде контролирано од партијата на Јанша. Телевизијата Нова24ТВ, неделникот Демократија и над 20 портали на интернет, шират нелиберални идеи по примерот на Виктор Орбан, вели Тушек.

Нивното известување, оценува таа, е насочено против Џорџ Сорос, американскиот милијардер со потекло од Унгарија, но и против хомосексуалците и мигрантите. „Во суштина, тоа е пропагандна машина“, вели новинарката на мариборскиот дневен весник „Вечер“, додавајќи дека оваа машинерија пука со сето расположливо оружје. „Цел е да се произведе впечаток оти таквото мислење е сеприсутно.“

И во тоа пример е Орбан, бидејќи поголемиот број од унгарските медиуми се доведени на провладин курс. Словенечките медиуми блиски до Јанша обично пишуваат позитивно за него, а за владините критичари лошо - тоа доведува до мобинг на интернет, но и до предизвикување на физички напади. На наградуваниот новинар Примож Цирман од неделниот весник „Демократија“ му е посветена потсмешлива песна. Во неа се вели дека новинарот „дел по дел“ ќе го собира својот скршен нос. На колумнистот Матија Степишник на Фејсбук-страницата на Нова24ТВ, му се закануваа со куршум в глава. Новинарките примаат сексистички мејлови и ги нарекуваат „проститутки“, вели Петра Лесјак Тушек. Словенечкото здружение на новинари прецизно евидентираше две години на омраза.

Фотографија: DW/S. Ozsváth

Словенечко претседателство со Европската унија

Европската комисија остро реагираше на нападите врз словенечки и странски новинари: „Не прифаќаме навредливи изјави за новинари и ги осудуваме“, изјави портпаролот на Комисијата пред десетина дена во Брисел. Јанша тогаш напиша писмо полно со незадоволство и го испрати на адреса на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во која ја поканува да дојде во Словенија со делегацијата на ЕУ и да ја провери состојбата на медиумите и демократијата во земјата.

Сето ова доби во тежина затоа што Словенија на 1 јули ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ, така што ќе може да стави важни теми на агендата на Европската унија. Шефот на германскиот огранок на Репортери без граници, Кристијан Мир предупредува дека од јули со Советот на ЕУ ќе раководи земја, чиј премиер постојано ги повторува нападите врз слободата на медиумите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми