Јапонија: Mоже ли да биде уште полошо?
14 март 2011Во Јапонија по земјотресот и цунами брановите од петокот (11.03.2011) катастрофата добива се‘ подраматични размери: по новиот потрес се случила втора експлозија во атомската централа Фукушима. Во неа се заканува топење на нуклеарното јадро во три реактори во блокот еден. За хаварии се јавува и од другите нуклеарни централи. Не престануваат ниту земјотресите, денеска еден од нив се почувствува и во главниот град Токио. Продолжуваат во меѓувреме спасувачките работи- само на плажите во регионот Мијаги се откриени нови илјада безживотни тела.
Критична состојба во повеќе атомски централи
Откако во саботата по експлозијата беше уништена зградата на блокот 1, денеска се случи епслозија на водород во блокот 3 во јапонската атомска централа Фукушима, која ги уништила надворешните ѕидови и по која остана само челичната конструкција. Според властите, челичната обвивка на реакторот останала неоштетена, а биле повредени единаесет лица. Фирмата која управува со централата, „Токио електрик пауер“, не ја исклучува можноста дека во вториот реактор започнало топење на нуклеарното гориво, кој може да предизвика синџирни реакции на хемиски процеси и да се ослободат радиоактивни честички во атмосферата.
Во третиот од вкупно четирите реактори на Фукушима денеска нуклеарните прачки кратко време останале комплетно без ладење, додека во реакторот 2 била доведена морска вода за ладење на прачките. Претставник на ТЕПКО изјави дека постои можност од натамошни експлозии. Поради лесно зголеменото зрачење преку облаците пареа по експлозијата, американските воени сили ги преместија бродовите и авионите на нивната седма флота која се наоѓаше во близина на атомските централи во Јапонија. Медиумите известуваат дека ветрот кој дува во правец на исток може евентуалниот облак со радиоактивно зрачење да го однесе над Пацификот, а не кон копното.
Јапонските власти ги повикаа луѓето во радиус од 20 километри на Фукушима да останат дома, зоната на задолжителна евакуација останува во важност, од неа беа евакуирани над 170 илјади луѓе.
Во три јапонски атомски централи моментно не функционира системот за ладење, погодени се девет реакторски блокови.
Продолжуваат спасувачките работи
Во меѓувреме спасувачките тимови работат на пронаоѓање и спасување на луѓето под урнатините од земјотресот и последиците од цунами брановите. Често тие наоѓаат само мртви тела. На плажите во регионот Мијаги биле пронајдени илјада безживотни тела. Се стравува дека бројот на загинатите во двојната катастрофа ќе надмине 10 илјади. Преживеаните се соочуваат со недостаток од вода за пиење и основните прехранбени продукти.
Економската штета во Јапонија од катастрофален земјотрес, според досега расположивите податоци, би можела да изнесува помеѓу 14 и 15 милијарди јени (од 171 до 183 милијарди долари). Ваква проценка денеска изнесе филијалата на швајцарската банка „Креди Свис“ во Јапонија.
Автор: ЖА/СН/дпа/дпад/дв
Редактор: Симе Недевски