1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасна победа на партијата на Претседателот Владимир Путин на изборите во Русија

Nagel, Christina3 декември 2007

По пребројувањето на повеќе од 90% од ливчињата, партијата на Владимир Путин „Обединета Русија„ го зацврсти двотретинското мнозинство гласови. Според соопштението на Изборната комисија таа освоила 63,3% од гласовите.

Претседателот Владимир Путин со сопругата Људмила во изборната единица во МоскваФотографија: AP


Покрај партијата на Претседателот Путин во новиот парламент ќе бидат застапени се‘ на се‘ уште три партии. Тоа се партијата Праведна Русија, која е исто многу блиска до Кремљ, потоа ултранационалистичката Либерално демократска партија на Владимир Жириновски и Комунистичката партија, која веројатно ќе биде втора по големина во новиот состав на Думата. Таа ќе биде патем и единствената опозициона партија, бидејќи сите преостанати три се сметаат за блиски до политичкиот курс на актуелниот претседател.

Останува уште само да се види дали владеачката партија „Обединета Русија„ ќе го освои дефинитивно и дво третинското мнозинство, неопходно за промена на уставот. Со или без него, шефот на партијата Борис Гризлов по изборите порача:


„Тоа беше без сомнение гласање не само за партијата Обединета Русија, туку и за курсот на Владимир Путин. Затоа е толкав бројот гласови за нашата партија. Избирачите кои гласаа за Обединета Русија ја дадоа својата поддршка и за курсот од изминатите осум години.„


Додека претставници на партиите блиски до Кремљ, набљудувачите од земјите на Здружението на државите од поранешниот Советски Сојуз, како и Изборната комисија оценија дека на изборите имало само помали неправилности, Комунистичката партија најави дека ќе достави приговори за вкупната регуларност на изборите. Шефот на партијата Генадиј Зјуганов смета дека и официјалното пребројување на ливчињата не било веродостојно:


„Ние не им веруваме на тие податоци. И понатаму ги собираме протоколите од секоја изборна единица и правиме сопствено броење на гласовите. И од него произлегуваат поинакви резултати за Сибир на пример, но и за други делови на земјата. Сметаме дека изборните резултати се според од напред одредена шема и не се во согласност со расположението во народот и со реалноста!„


Критики на сметка на вкупниот изборен процес дојдоа и од редовите на опозицијата во Русија, како и од невладините организации. На изборите присуствуваше и германската пратеничка Марија Луизе Бек. Таа требаше да биде набљудувач на ОБСЕ, но организацијата ја повлече мисијата. Бек со оглед на критериумите на ОБСЕ оцени:


„Ако ги земеме предвид транспарентноста, еднаквоста на шансите, еднаквоста во пристапот кон медиумите исл, тогаш сметам дека овде не може да станува збор ниту за фер, ниту пак за слободни избори„ – порача пратеничката од редовите на германските Зелени, Марија Луизе Бек.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми