1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јасна порака до Ердоган

Сабине Кинкарц/превод: З. Јордановски13 јули 2016

Германија не може да биде уценувана! Ова го стави на знаење претседателот на Бундестагот Ламерт доведувајќи го под прашање на ангажманот на Бундесверот во базата Инџирлик во Турција. Тоа е в ред – смета Сабине Кинкарц.

Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Кој смее да го посети Бундесверот во базата на НАТО во Инџирлик, а кој не? За турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган тука нема место за прашање: воздухопловната база која игра важна улога во меѓународната борба против џихадистичката милиција „Исламска држава“ е сопственост на турското воено воздухопловство и се наоѓа во Турција. Од тоа Ердоган го извлекува правото да дозволува и да одбива пристап на посетители како што му одговара во моментот.

За германските парламентарци од пред трди недели е спуштена рампата. Тоа е смислена провокација и неслучајно уследи по разолуцијата на Бундестагот, со која масакрот извршен од Османлиското царство врз Ерменците пред повеќе од сто години е означен како „геноцид“. Дали е ова само нагол порив за одмазда кој изгледа детски, или пак Ердоган навистина верува дека со забраната за посета ќе може да го наведе Бундестагот да ја повлече резолуцијата?

Сабине Кинкарц

Бундесверот е армија на парламентот

Во секој случај, тоа е политички недоволно промислена реакција, оти тешко дека во некоја земја парламентот има толку многу права на соодлучување во воените прашања колку во Германија.

Бундесверот се смета за армија на парламентот, оти за секој ангажман во странство мора да реши Бундестагот. Тоа веќе јасно го кажаа редица пратеници. И кога претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт го става под прашање останувањето на Бундесверот во Инџирлик, со тој став го поврзува и го засилува досега кажаното. Покрај тоа, со ова се покажува дека повлекувањето на Бундесверот е опција која треба сериозно да се сфати.

Ламерт претпочита јасни зборови и зазема јасен став во спорот со Турција, спротивно на канцеларот Меркел, која на викендот во разговор со Ердоган безуспешно се заложи за повлекување на забраната за посета и од тоа (уште) не сака да извлече консеквенции. Таму каде Ангела Меркел останува неодредена, Норберт Ламерт со право става јасна граница: ако Бундесверот веќе не е добредојден во Турција – а забраната за посети го сигнализира тоа – тогаш и нема подолго да остане таму.

Инџирлик им припаѓа на Ерменците

Но, и на Ламерт му е јасно – на Меркел дотолку повеќе – дека ангажманот на Бундесверот против таканаречената „Исламска држава“ не е само турско-германска работа. На меѓународната заедница ѝ се потребни тие околу 250 германски војници, кои со борбени авиони и еден авион-цистерна учествуваат во извидувачките летови над Сирија. Може ли и покрај тоа едноставно тие да бидат повлечени? Тоа е политички конфликт и судир со совеста, врз што Ердоган ладнокрвно игра. Тоа го прави уште уште помачно донесувањето решение.

Вистинскиот тест ќе дојде најрано во втората недела од септември – кога завршува летната пауза за Бундестагот. А тогаш експертите за прашања на одбраната од сите фракции имаат намера заеднички да ги посетат германските војници во Турција, што го најавија уште пред одморот. Значи, не би било лошо дотогаш да се надмине спорот со Турција. И, за крај, можеби само уште забелешката: теренот на кој денес се наоѓа воздухопловната база Инџирлик беше национализиран во контекстот на геноцидот во 1915. година. Инаку, им припаѓаше на Ерменците.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми