1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јенс Столтенберг пред предизвици со НАТО

Кристоф Хаселбах / Александар Методијев6 септември 2014

Новиот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг има искуство во однос на Русија. Но, волку тешка состојбата не беше долго време. Поранешниот противник на НАТО сега треба да раководи со Алијансата.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Промена на челото на НАТО во шпицот на најтешкиот спор на западниот воен сојуз со Русија во последниве децении. На местото генерален секретар Андерс Фог Расмусен е наследен од уште еден Скандинавец, 55-годишниот Јенс Столтенберг. Трипати Столтенберг беше премиер на својата земја: првпат од 2000 до 2001 година (тогаш тој како 41-годишник беше најмладиот премиер во историјата на неговата земја); и потоа од 2005 до 2013 година.

На изборите во есента 2013 година социјалдемократите на Столтенберг останаа најсилната партија, но не доби доволно мандати, па конзервативната политичарка Ерна Солберг ја презеде владата. При примопредавањето на должноста Солберг посебно ја потенцирање улогата на Столтенберг по атентатот на Андерс Беринг Брејвик во јули 2011 година. „Ти стоеше цврст како карпа“, рече таа.

Најдени вистинските зборови

И буквално Столтенберг стана познат во пошироката јавност надвор од Норвешка по масовното убиство од страна на Брејвик во летниот камп на подмладокот на Социјалдемократската партија на островот Утоја. Столтенберг, кој и самиот порано беше во раководството на подмладокот на оваа партија, тогаш настапи како татко на нацијата - секогаш смирен, нудејќи утеха и не дозволи да настапи со непромислени реакции.

По масакрот на Утоја Столтенберг стана познат и надвор од границите на НорвешкаФотографија: picture-alliance/dpa

Сепак, тогаш во една прилика плачејќи тој порача: „Ние мораме нашите вредности непопустливо да ги браниме. Норвешкиот одговор на насилството е повеќе демократија, поголема отвореност и поголемо политичко учество“. Драматичните недели кратко по масакрот беа политичко искушение за Столтенберг, кое според општото мислење тој добро го преброди.

Од противник до поборник за НАТО

Покрај неговите три премиерски мандати, тој повеќепати беше министер и државен секретар во повеќе влади. Но, тој никогаш го немаше ресорот одбрана. Освен што беше член на Комисијата за одбрана на почетокот на 90-ите години, тој долго време воопшто немаше некаква поврзаност со НАТО, а ако имаше - тогаш тоа беше во негативен контекст. Во младоста Столтенберг беше дури и проти членството на Норвешка во НАТО и против политиката на САД. Како младинец, во знак на протест против војната во Виетнам, тој фрлал предмети кон прозорците на американската амбасада во Осло. Подоцна изразуваше и ставови против западниот воен сојуз.

Но, Столтенберг си го промени своето мислење и се погрижи за тоа социјалдемократскиот подмладок официјално да го прифати членството на Норвешка во НАТО. Како премиер тој ги одобруваше меѓународните воени интервенции. Норвешка, на пример, учествуваше како во мисијата во Авганистан, така и во интервенцијата во Либија, што нему и на неговата земја му ја донесе почитта од САД. Така подоцна во Вашингтон и во другите главни градови на земјите-членки на НАТО беа заборавени неговите активности во младоста. И така тој полека дојде да биде тема на разговор за нависоката позиција во Алијансата.

Воeна парада во Москва - Столтенберг има искуство со проблематичниот соседФотографија: Reuters

Предизвикот Русија

Како „дополнителна квалификација“ му се смета дипломатската вештина во однос на норвешкиот сосед - Русија. Како премиер, Столтенберг го олесни заедничкиот граничен сообраќај со визната либерализација за населението и со склучувањето договор за границата во Баренцовото Море.

„Неговите искуства како сосед на Русија се триумф“, забележа најтиражниот норвешки дневен весник „Афтенпостен“ уште кога Столтенберг беше во трка за водечката позиција во НАТО. Весникот смета дека тој на врвот на Алијансата ќе биде повеќе политички цивилен отколку воено ориентиран шеф. „Повеќе секретар отколку генерал“, беше формулацијата во текстот.

Но, како може НАТО да ги заштити источните членки од руски напад, без отворено воено да се конфронтира со Русија? Тоа е одлучувачкото прашање на почетокот на неговиот мандат, кој всушност почнува од 01.10.2014 година. Притоа се работи и за парите. Дури и пред избувнување на овој конфликт Американците бараа од европските сојузници во НАТО да трошат повеќе пари на одбраната.

Ова барање сега стана уште погласно. И додека другите земји-членки ги намалуваа буџетите за одбрана, норвешката влада под раководство на Столтенберг ги зголеми трошоците во одбраната. Притоа е иронично што човекот, кој како младинец беше против НАТО, сега сака да ја води Алијансата исправена пред најтешките предизвици.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми