1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ји: По изборот на Џафери, да се избере и реформска влада

БГ
1 мај 2017

Високиот американски дипломат Хојт Ји од Скопје порача дека Собранието треба да продолжи со работа под раководство на новиот спикер Џафери и што побрзо да избере нова влада. Заканата од санкции останува.

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Фотографија: MIA/Photo Service

Поддршка за изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието и охрабрување за побрзо формирање на влада која ќе се зафати со реформските приоритети и враќање на земјата на патот кон ЕУ и НАТО. По дводневната серија средби со шефот на државата Ѓорге Иванов и лидерите на најголемите политички партии, американскиот дипломат Хојт Ји пред новинарите одби да ги коментира ставовите на дел од своите соговорници, но испрати јасна порака дека претходно искажаната закана за санкции кон некои македонски политичари од страна на Стејт департментот, не била случајна. 
„Чувствуваме дека е многу важно лидерите да најдат начин да му дозволат на мнозинството во парламентот да предложи влада и владина програма. Сфаќаме дека има загриженост за владината програма, и веруваме дека тоа треба сериозно да се разгледа и изгласа во парламентот. Тоа е вистинското место за таа дебата“, рече Ји. Дополни дека САД „не гледаат ниту една причина зошто мнозинството во парламентот да не добие шанса да формира влада“. 
Дипломатот употреби остро зборови осудувајќи го нападот во Собранието од минатиот четврток. 
„Уште поалармантен е инцидентот во парламентот од минатиот четврток кога членови на парламентот беа насилно и кукавички нападнати поради тоа што избраа нов спикер на парламентот. Силно ги осудивме овие напади и бараме од властите брзо и целосно да ги истражат нападите, и одговорните да ги изведат пред лицето на правдата“. 

Сите забелешки во парламентот
Поздравувајќи го изборот на Џафери за собраниски спикер, Ји им порача на сите што имаат забелешки за неговата работа, „да ги отворат тие прашања во парламентот“. 
Ји ги отфрли тврдењата на некои портали кои беа пренесени од провладините медиуми во Македонија дека наводно во земјата дошол „како турист“ и дека немал мандат од Белата Куќа да ја претставува земјата. 
Во однос на заканите за санкции кон одредени политичари во земјата кои го блокираат демократскиот процес, Хојт Ји потврди дека таквата можност сериозно се разгледува. 
„Во сите наши односи без оглед дали станува за партнери, сојузници или непријатели ние ги сметаме одговорни за тоа што го прават или зборуваат. Не сакам да откривам детали како ќе го сториме тоа, но САД го земаат сериозно тоа што го зборуваат и тоа што го прават, и тоа што се подготвени да го сторат за да им помогнат на своите партнери“, рече Ји. 
На крајот порача: „Оние во Македонија кои сакаат да ги остварат целите за приближување кон ЕУ и НАТО ќе најдат многу добар партнер во САД“. 
 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми