Јоахим Лев останува германски селектор
23 јули 2014„Да, во моментов не можам да си замислам ништо поубаво отколку да продолжам да работам со оваа екипа, да ја водам на Европското првенство во Франција, да ги развивам натамошно тимот и одделните играчи. Јас сум мотивиран исто толку колку и на првиот ден во Германскиот фудбалски сојуз“, порача 54-годишниот Јоахим Лев во интервју за интернет страницата на Германскиот фудбалски сојуз.
Лев планира да го исполни својот договор, кој има важност до 2016 година, и да ја води германската репрезентација кон титула на следното Европско првенство по две години.
„Во Бразил прославивме гигантски успех, но постојат и други цели кои сакаме да ги постигнеме. Мундијалот 2014 беше кулминација, но не и крај“, рече Лев.
По резултатот 1:0 во финалниот натпревар против Аргентина, Лев замина на одмор, најавувајќи пауза за размислување. По десет дена стигнува најавата на која се надеваше и претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Волфганг Нирсбах. Договорот со Јоахим Лев беше продолжен во октомври 2013 година, предвремено, по успешните квалификации за Светското првенство.