Илиевски: Не сакам да ме третираат како баџанак на Мијалков
12 октомври 2016Шефот на македонското Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Јован Илиевски (1958), вчера со 106 гласа „за“ беше избран од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Освен Илиевски, кандидати беа и судијката од Уставниот суд, професорката Наташа Габер-Дамјановска, која добила 86 гласа, како и Звонимир Јанкуловски, професор и актуелен македонски амбасадор во Ватикан. Претходно, Комисијата за избор на судии при ПССЕ, имаше разговори со кандидатите од Република Македонија, по што со тесно мнозинство гласови ѝ даде предност на Наташа Габер-Дамјановска. Звонимир Јанкуловски не доби препорака од Комисијата на ПССЕ.
Дојче веле разговараше со Јован Илиевски непосредно откако домашните медиуми синоќа ја објавија веста за неговиот избор.
ДВ: Господине Илиевски, очекувавте ли да биде избран за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур?
Илиевски: Сега слушнав на вести. Немам официјална потврда за изборот. Но, секако дека очекував и се надевав, особено откако влегов во финалето на процесот за избор, кој беше многу напорен. Сметам дека ги поседувам сите квалификации што се потребни за функцијата што треба да ја извршувам.
Според информации од ПССЕ, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ агресивно лобирале кај пратениците од десничарските, сестрински партии, кои се мнозинство во Парламентарното собрание. На тој начин била „стопена“ првичната предност на Габер-Дамјановска.
Немам такви информации и мислам дека тоа не е точно. Напротив, имам информации дека против мене биле праќани многу дописи, со многу невистини. Не знам кој го правел тоа. Она што го знам - е дека се работело против мене, а не за мене.
Избран сте во период кога индициите за криминал од „бомбите“ се предмет на истраги од СЈО, а меѓу нив и за судско-обвинителски напредувања според партиски тефтер. За вашето име се врзува „референцата“ баџанак на Сашо Мијалков, сега бивш директор на УБК. Се разбира, роднините не можете да ги избирате, но во јавноста таа врска се сметаше за ваш објективен хендикеп при овој избор, особено во овој момент. Или можеби не?
Јас и пред нашата Комисија бев потполно искрен. Во сите изминати години буквално сум се преработил. Не ми беше право, и жал ми е што во јавноста сум третиран како 'баџанакот на Мијалков', бидејќи ако се погледне хронологијата на мојата професионална кариера, јасно е дека сум се реализирал во годините пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. Вие, на пример, најдиректно ме прашувате за ова. Од Комисијата, пак, ме прашаа дали сметам дека има некои недостатоци кои би пречеле на изборот за оваа функција. Не знам дали мислеле на истото, но кај мене тлееше впечатокот дека мислат на тоа. Им реков дека нема такви недостатоци.
На што ја темелите таквата увереност?
На мојот минат труд. Моето прво вработување беше во Јавното обвинителство во 1983 година, како приправник. За заменик обвинител бев избран во 1989 година, уште во стариот систем. Од 1993 година се посветив на адвокатурата, сѐ до 1997 година, кога повторно се вратив во Обвинителството. Тогаш бев избран за обвинител со мандат до 2002 година. За шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сум избран во 2004 година. Затоа, не ми е пријатно кога мојата кариера ја врзуваат за баџанак или за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, останавате на раководната позиција, во време кога до Обвинителството стигнуваа кривични пријави за дел од индициите во „бомбите“...
Да, но кога почнаа да пристигнуваат првите кривични пријави од СДСМ во врска со „бомбите“, јас се изземав од постапување. Тоа обврска ја презеде мојот заменик. Дури ни за параф не ми ги носеа списите.
Сега предметите се во надлежност на СЈО. Како ја оценувате работата на ова обвинителство?
Не сум ја коментирал работата на СЈО и не би ја коментирал. Ние работиме на паралелни колосеци. Не ни се вкрстуваат надлежностите.
Во февруари следната година ќе стапите на новата функција, со мандат од 9 години и без право на реизбор. Подговен ли сте да се справите со предизвиците што ги носи престижната судиска функција во ЕСЧП?
Уште во текот на овој процес, детално се запознав со работата на Судот. Знам дека ме чека многу работа, и според квантитет, и според квалитет. Голема чест ми беше и самото учество во постапката за избор, а уште поголема што ќе бидам дел од тој Суд.
Користењето на оваа содржина е дозволено единствено со согласност на редакцијата на ДВ. За условите за користење информирајте се тука.