1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Јовески: Обвинителството ги следи состојбите

30 јуни 2020

Од денеска престанува важноста на Законот за СЈО, но тоа не значи дека пропаѓаат предметите кои ги водеше ова обвинителство. Се следи и состојбата со новите „бомби“.

Nord-Mazedonien Staatsanwalt Ljubomir Jovevsk
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Битка против корупција и криминал, битка за вистинска правда, враќање на правдата... Ова се пораките на сите партии во изборната кампања, со таа разлика што опозицијата обвинува за селективна правда, а власта критикува за многубројни обиди за опструкција на правдата.

Денеска на сила стапува новиот Закон за Јавно обвинителство, кој беше донесен во февруари годинава, пред распуштањето на парламентот. Иако донесувањето на овој закон не беше формален услов за одлуката за почеток на преговори со ЕУ, некои земји членки на Унијата силно ја потенцираа важноста од неговото донесување. Дел од одредбите во законот беа предмет на критики од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а клучната забелешка беше дека во него се крие обид за амнестија на функционери од власта. Прстот беше вперен во членот 110 од Законот за јавно обвинителство, со кој се предвидува прислушувани разговори да не можат да бидат основа за подигнување обвиненија, туку тие само да служат како индиции. Исклучок од ова веќе законско правило ќе бидат предметите на СЈО покренати до 30 јуни 2017 година. Сите прислушувани разговори што не се предадени во Судот како докази или индиции во истраги, Законот предвидува да се уништат.

Елиминирање на политички влијанија

„Новото законско решение не значи скриена амнестија на определени сторители на кривични дела“, вели за ДВ, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески. 

Тој оценува дека новиот закон суштествено ја унапредува работата на Јавното обвинителство и ја зајакнува неговата самостојност, со тоа што се решава и долгогодишниот проблем на финансирање.

„Со Законот, за потребите на јавното обвинителство ќе се одвојуваат најмалку 0,4 отсто од буџетот на државата. Со Законот се елиминираат политичките влијанија во изборот на обвинителите, бидејќи за избор во повисоко Јавно обвинителство сега услов е определен период јавниот обвинител да работел во пониското обвинителство. Значи ќе се почитува принципот на кариера“, посочува Јовески. 

Јовески: Обвинителството ги следи состојбите со објавените прислушувани разговори и доколку утврди дека во нивната содржина има елементи на кривично дело, ќе постапи соодветно Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Потсетува и дека со новиот Закон е предвидено јавниот обвинител кој раководи со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, да го бираат јавните обвинители на непосредни избори.

„Ваквата поставеност на ова обвинителство и неговата финансиска самостојност  се доволна гаранција дека ќе може успешно да се справува со тешките кривични дела и корупцијата“, потенцира Јовески.

Од денеска престанува важноста на Законот за СЈО, тоа не значи оти дека пропаѓаат предметите кои ги водеше ова обвинителство.

„По тие предмети се постапува континуирано од страна на надлежните обвинители“, потсетува обвинителот.

Стари бомби, нови бомби

Деновиве опозициската ВМРО-ДПМНЕ го повикува Обинителството да постапува по индиции за криминал и злоупотреби, кои речиси секојдневно одекнуваат од серијата разни нелегално снимени аудио разговори што осамнуваат на Јутјуб во последниов период.   

„Обвинителството ги следи состојбите со објавените прислушувани разговори и доколку утврди дека во нивната содржина има елементи на кривично дело, ќе постапи соодветно и ќе утврдува кој ги објавил овие разговори, кој ги снимил, дали се целосни, и во кој период се направени снимките“, вели Јовески.

И додека опозицијата бара правна разврска за новите „бомби“, во јавноста тлее незадоволство што таква разврска сѐ уште нема за „бомбите“ од 2015 година. СЈО беше формирано да гони кривични дела кои се поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а денес се уште тапка во место и капиталниот случај „Таргет/Тврдина", за незаконското прислушување од УБК и за уништувањето на опремата со која е извршено тоа кривично дело. Обвинението е поднесено на 30-ти јуни 2017 година, потврдено на 15-ти септември, првото рочиште е одржано на 22 декември 2017 година. Три години подоцна моменталениот статус на овој предмет гласи: судењето сѐ уште трае со изведување на докази предложени од страна на Јавното обвинителство.

Истото се однесува за преметите „Титаник 1“ „Тендери“, „Талир“ и многу други. Покрај претходните бројни одлагања на рочиштата, истото продолжи и пролетва, но овојпат заради корона-кризата. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми