180210 Kroatien Josipovic Mesic
18 февруари 2010Иво Јосиповиќ досега малку паѓаше в очи. На 52 годишниот социјалдемократ му беа доволни уметноста и професијата - професор на универзитетот по кривично право. Во иднина тоа ќе се промени: „Сега веројатно ќе имам уште помалку време за музика, зашто претседателската функција ќе бара многу. Но, јас сум ноќна птица. Во текот на денот ги исполнувам обврските, а со оглед на тоа што ми е потребно помалку сон отколку на другите, ноќе ќе можам да се занимавам со музика.“
Целта на Јосиповиќ е како претседател да ја одведе земјата во ЕУ. Со месеци застапниците на членство во Унијата се во малцинство, но тоа ќе се промени, смета реномираниот правник и тоа најдобро би било преку разумна политика: „Длабоко сум убеден дека сите сакаме да живееме во земја во која работата е платена, а криминалот казнуван, во земја на социјална сигурност и праведност.“
Месиќ на крајот не штедеше критики
Јосиповиќ не сакаше да биде појасен, зашто на крајот на краиштата овластувањата како претседател на државата се ограничени, а и не сакаше да влезе во клинч со конзервативната премиерка Јадранка Косор.
Неговиот претходник, Стипе Месиќ, пак, не штедеше критики. На крајот на десетгодишното владеење, 75-годишниот политички ветеран се жалеше на корупција и некомпетентност во редовите на владеачката партија. Сите напори во борбата против корупцијата се попусти доколку Хрватска конечно не добие нови и модерни закони, вели Месиќ: „Крајот на мојот мандат се поклопи со рецесијата. Го вклучив сигналот за аларм и предупредував, но оние кои тоа требаше да го слушнат се правеа глуви. Дури и денес високото државно задолжување се прикажува како успех.“
Автор: Јерг Пас/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска