1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Поуките од распадот на Југославија

Норберт Мапес-Нидик
26 јуни 2021

На 26.06.1991 година почна војната којашто ја уништи Југославија. Денес други мултиетнички држави се исправени пред слични предизвици како мултинационалната држава пред нејзиниот распад. Пишува Норберт Мапес-Нидик

Symbolbild ehemaliges Jugoslawien
Фотографија: Andrej Isakovic/Getty Images/AFP

Вредеше ли една деценија војни, бегства, протерувања? Не, би одговориле повеќето граѓани во седумте држави наследнички на Југославија кога би се анкетирал репрезентативен колектив од нив. Така ќе биде и кај постарите, кои ги преживеале случувањата, но и кај помладите, кои не знаат за ништо друго освен за постјугословенското време.

Но, ваков колектив не постои. Нема веќе југословенско општество кое би било претставено со ваква анкета. Ако денес се прашаат луѓето во одделните поранешни републики, тогаш одговорите ќе бидат многу различни. Единствено мнозинството Словенци има релаксирани сеќавања на повеќенационалната држава. Беше океј, сосема добро, штета за некои работи, но на крајот веќе не одеше - тоа е во Словенија широко распространетата формула. Но, дали навистина беше океј?

Меѓу Албанците на Косово речи и нема „југоносталгичари“. Сеќавањето на последната деценија од таа држава е премногу трауматично. Во Косово до 1999 година немаше војна, но имаше полициски терор. Наспроти тоа, заради распадот на Југославија се жали отворено во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, па дури - иако затскриено и дури по третото пиво - и во Хрватска.

Во големо истражување на јавното мислење по 10 години од независноста и војната, јасно мнозинство го опишуваше Јосип Броз Титокако галионска фигура на презираната Југославија, како најголем Хрват на сите времиња. Обидот на оваа позиција да дојде таткото на независноста на Хрватска во 1991 година, Фрањо Туѓман, не наиде на вистински одзив. Стипе Месиќ, вториот претседател на земјата по независноста, на своите мемоари гордо им стави наслов: „Како ја уништивме Југославија“. Тоа немаше добар одек. Во второто издание на истото дело насловот гласеше: „Како беше уништена Југославија“.

Норберт Мапес-НидикФотографија: Privat

Различноста не беше проблемот

Земјата долго во себе ја носеше клицата на својата пропаст. Не беше проблем културната различност на луѓето - други нации, од Индија, преку Швајцарија до доселенички земји како САД, сите тие излегуваат на крај со многу поголеми разлики. Проблемот беше односот кон сето тоа.

Во „првата Југославија“ во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941) важеше паролата дека националните, конфесионалните или културните противречности би требало колку што е можно повеќе да се игнорираат. Се случи спротивното: со оглед на тоа што разликите не беа тема, се наметна релативното мнозинство, српското.

Обѕирот на комунистите

По нападот од страна на нацистичка Германија и силно етнички обоената граѓанска војна во 1940-тите, комунистите се заколнаа дека нема да ги повторуваат старите грешки. Во „втората Југославија“ (1943-1991) имаше свесни обѕири кон старите национални идентитети (Срби, Хрвати, Словенци, н.з.), а беа поддржувани и новите, како на Македонците, Бошњаците, конечно и на Ромите.

Сѐ додека националниот идентитет по советски урнек се разбираше како фолклор, а за политиката беше надлежна само Комунистичката партија, системот си функционираше. Но, кога комунизмот почна да се става под сѐ поголем прашалник, а парламентарната демократија се докажа како надмоќна ширум светот, кога конечно избледе и митото на партизанската борба, националната припадност почна да добива сѐ повеќе политичко значење.

#dw_BalkanBooster: На што помислувате кога ќе слушнете Југославија?

02:39

This browser does not support the video element.

Позиции, работни места, финансиски средства, автопати, распоредување претпријатија - во социјалистичка Југославија за сѐ се внимаваше на етничкиот „клуч“. Мнозински одлуки немаше, зашто една националност секогаш беше посилна од останатите. За сѐ се стремеше кон оптимална рамнотежа. Но, рамнотежата беше лабилна. Кога ќе беше разнишана, како на почетокот на 1970-тите во Хрватска, зборот на Тито беше моќен и оние кои го нарушуваа мирот беа затворани.

Можниот наследник на Тито, големиот судија, мораше да биде вкрстување од потомците на различни југословенски националности. Таков не можеше да има. Во осумчленото Претседателство, кое требаше да ја преземе улогата, мнозински одлуки беа можни формално, но кога една нација беше надгласувана, секогаш во прашање беше доведуван нејзиниот опстанок. Кога Слободан Милошевиќ, српскиот „реформски претседател“, за каков што важеше на почетокот, со својот „српски блок“ немаше обѕири кои беа неопходни, државата дојде до својот крај.

Фотографија: DW

Логиката на поделбата

Југоносталгичарите денес повторно го фалат мултинационалниот модел како пример, велат дека земјата била или уништена од странство или од злонамерни политичари. Но, општество кое своето богатство и моќ го распределува според етнонационални квоти, не смее да се чуди кога конфликтите меѓу етникумите ќе завладеат со сѐ. На крајот, поделбата беше логична последица. Злонамерни луѓе, кои проектот го доведоа до крвав крај, имаше, како и секаде во светот, доволно и во Југославија.

Повеќе:

Словенија 30 години од независноста: Заробени во духот на минатото?

Словенија и Хрватска: различен однос кон југословенското наследство

Пред 80 години почна војната и создавањето на македонската држава

Тоа не значи дека Југославија никогаш немала шанса. Кога на крајот на 1960-тите речиси насекаде во светот владеше демократско расположение, и во Југославија младите се бореа за либерални вредности. На повеќето на прво место им беше граѓанската еднаквост, не националната. Но, старата гарда на власт, со Тито на врвот, не сакаше да се осмели на поголема демократија. Наместо тоа, одлучи уште пофино да ја уреди ентичката рамнотежа. На крајот, сите се чувствуваа искористени од сите. И сите со право се чувствуваа така.

Југославија нема да ја има никогаш повеќе. Но, други мултиетнички држави и организации со слично уредување денес се исправени пред пред слични предизвици како и мултинационалната држава пред својот распад. Доволна причина да се избегнува каква и да е ароганција при погледот на минатото.

Норберт Мапес-Нидик 30 години работи како дописник за германските медиуми за теми од Југоисточна Европа

Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми