1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Југословенското наследство ѝ носи на ЕУ нови непријатности

Обработка: Е.М. Фиданоска
29 декември 2017

Словенија најави дека од денеска ќе ја применува пресудата на арбитражниот суд за границата која се однесува на морето, и покрај тоа што Хрватска не ја признава. Печатот на германски јазик ги анализира можните последици.

Grenzstreit Bucht von Piran
Фотографија: picture-alliance/akg-images/A. Held

Во граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, Брисел се воздржува од дејствување, што би можело уште повеќе да го заостри конфликтот околу Пиранскиот залив, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“ во текстот со наслов „Југословенскто наследство ѝ носи на ЕУ нови непријатности“. Во текстот, меѓу другото, се вели:

„ЕУ во процесот на преговори за приклучување на Хрватска експлицитно инсистираше на надминување на спорот со помош на абритражна пресуда, и со тоа стана како политички, така и правно - гарант на решението. Спротивставувањето на Хрватска да ја спроведе одлуката на судот, предизвикува нервоза во Брисел... Европската Комисија постојано ставаше до знаење дека пресудата се однесува на билатерално прашање, но поради поврзаноста со преговорите за приклучување има директни европски правни последици. Тоа, според Брисел, значи и судска надлежност на ЕУ, поради што ЕК би можела да го вклучи Европскиот суд... Тоа би го вклучило Брисел подлабоко во вителот на конфликтот. Тоа носи и опасност од нова ескалација, поради тоа што е можно да стане уште потешно наоѓањето решение со кое двете страни би си го зачувале образот.“

Цитирајќи го Томас Бикл, кој за универзитетот Дуизбург-Есен направи стдуија за последиците од спорот, весникот наведува дека со судска постапка ЕУ ќе се соочи со конфликт „кој може да се реши само политички и билатерално“:

„Имплозијата на судската постапка меѓу Словенија и Хрватска може да доведе до тоа постоечките членки на ЕУ уште побескомпромисно да ги користат своите средства за притисок врз кандидатите за приклучување. Авторот на студијата Бикл укажува на кавгите меѓу Хрватска и Србија, територијалните конфликти меѓу Хрватска и Црна Гора или на спорот за името меѓу Грција и Македонија. За да ја одржи во живот перспективата за приклучување, ЕУ, според мислењето на Бикл, ќе мора да инсистира на решение на конфликтите на кандидатите за приклучување со ЕУ-земјите уште пред почетокот на преговорите за приклучување.“

Помали инциденти меѓу хрватските рибари и словенечките полициски патроли имаше уште летоскаФотографија: Getty Images/AFP/J. Makovec

Истиот весник во текстот со наслов „Одмерување на силите на Јадранот“ се занимава со прашањето - што би се случило по едностраната примена на новиот граничен режим, и анализира:

„Не можат да се исклучат помали инциденти. Уште во текот на летото имаше конфронтации на хрватски рибари и словенечки полициски патроли, кои поминаа без поголеми последици. Подраматични се политичките последици. Словенија веќе го блокира приклучувањето на Хрватска во ОЕЦД. Ќе се спротивстави и на приклучувањето на земјата во Шенгенскиот простор, поради тоа што, како што со потсмев се вели во Љубљана, 'не се дефинирани ниту нејзините (хрватските, н.з.) граници'. Хрватска е на курс на конфронтација и со Европската Комисија. Таа смета дека пресудата се однесува на билатерален проблем. Меѓутоа, со оглед на тоа што постапката е последица од преговорите за приклучување, таа ги тангира и европските закони - и јурисдикцијата лежи во Брисел. Загреб ризикува правен спор со ЕУ и наскоро би можел да се приклучи кон клубот тврдоглави Источноевропејци. За ЕУ-новајлијата тоа се лоши перспективи.“

Повеќе на темата: 

Граничен спор: Словенија и Хрватска одат кон судир

Арбитража: Во Хрватска лути, во Словенија незадоволни

Со спорот околу Пиранскиот залив се занимава и „Зиддојче цајтунг“, кој меѓу другото пишува:

„Интересот на ЕУ е јасен. Таа сака по секоја цена да избегне нерешениот граничен конфликт да се одрази негативно на процесот на приклучување на државите од Западен Балкан. Затоа мора да се стори сѐ за конфликтите да се држат подалеку од него и ако е можно да се решат уште претходно, пишува Томас Бикл во студија за универзитетот Дуизбург-Есен. Но, како тоа да се оствари, кога дури и една неутрална арбитража не води кон ништо? Во актуелниот конфликт Германија би морала да се вклучи повеќе, бара Душан Рељиќ (од фондацијата Наука и Политика, н.з.). Има и добра вест. Таа се се однесува на компликуваниот спор меѓу Македонија и Грција, која му го оспорува името на соседот поради тоа што стравува од територијални претензии кон својот регион Македонија. Непосредно пред Божик претставниците на двете страни седнаа на маса со посредство на ОН. Навистина, тоа не е првпат. Но, овојпат, како што се вели, тие навистина имаат добра волја за конечно решение на проблемот.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми