1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јужна Африка - како потфрли државата

Клаус Штекер
16 јули 2021

Насилство, грабежи, пожари. Јужна Африка со години не била сведок на вакви страшни немири. Непосреден повод беше апсењето на поранешниот претседател Зума. Но, одамна е веќе и нешто друго во игра, смета Клаус Штекер.

Schwere Unruhen in Südafrika nach Verurteilung von Ex-Präsident Zuma
Фотографија: Dino Lloyd/AP Photo/picture alliance

Геолошки активни вулкани во Јужна Африка не се регистрирани, но политички ерупции има дотолку повеќе. Историјата на земјата е историја на насилства: политички, расистички, етнички инструментализирани, социјални, криминални. Земјата е како буре барут и малку е потребно за да се предизвика нова експлозија. Со години постојано доаѓа до протести во врска со социјалните услуги: бесот поради лошото снабдување и корумпирани административци во општините се излева во улични судири и произволно насилство.

Во други случаи гласини се доволни за оружана маса да се мобилизира против доселеници. Овој пат повод беше апсењето на екс претседателот Џејкоб Зума.

Етничкиот фактор повторно во политиката

Поранешниот шеф на тајната служба за специјални акции, Тулани Дломо, наводно стои зад немирите кои започнаа во провинцијата од која потекнува Зума, КваЗулу-Натал.

Како да е шеф на кралска гарда, Дломо сега раководи со приватна армија Зулу. Зума го врати етничкиот фактор назад во политиката. Неговата гарда телохранители се фрли заштитнички пред него кога одбиваше да се покори на налогот за апсење и тоа во неговиот луксузен имот во Нкандла, финансиран од даночни средства. Имотот за правични луѓе е како споменик што предупредува за корупцијата. Полицајци не можеше да се видат никаде, а кога конечно им се предаде на властите, развојот на анархијата и прелевањето во соседната провинција Гаутенг со метрополите Јоханесбург и Преторија, можеше да се проследи во живо на интернет. Сепак немирите имаат само малку допирни точки со апсењето на Зума, а повеќе со системот што тој го етаблираше: државата стана дисфункционална. Тајните служби, полицијата, службата за спроведување санкции ги наполни со послушници. Владината партија е политички и етнички поделена и парализирана и тешко дека може да се реформира.

Немирите ја загрозуваат и кампањата за вакцинација

Претседателот Сирил Рамафоза им врати некои од старите надлежности на специјалните сили и истражителите. До неодамна беше речиси незамисливо Зума да заврши зад решетки, а дел од неговите најблиски соработници се на обвинителна клупа. 

Клаус Штекер, автор на коментарот

А, сепак анархијата од последните неколку дена покажува дека државата и понатаму не функционира. На повеќе од 70 починати од актуелните насилства, дневно има и по 700 починати од корона како и по 12.000 нови случаи на заразени. Безбедносните сили тешко можат да го спроведат воведениот карантин. Кражбите ја загрозуваат и кампањата за вакцинација, а ја спречуваат и договорената испорака на помош. Социјалната држава е трајно корумпирана, важните државни компании поради корупција и лош менаџмент се дисфункционални. По 16 месеци корона нема функционална економија.

-повеќе:

Се шират безредијата и грабежите во Јужна Африка, преку 70 мртви

Јужна Африка: што наследува Рамафоза по заминување на Зума?

„Национална катастрофа“ во Јужна Африка- Кејп Таун останува без вода

Сликата ја надополнуваат ограбени супермаркети, аптеки и фирми. Илјадници сопственици на помали дуќани се на раб на егзистенција. И неформалниот сектор, нерегистрираните трговци на мало и давачи на мини услуги кои во подобри времиња хранеа речиси половина од населението во Јужна Африка сега колабираа.

Спас по сопствена иницијатива

Претседателот Рамафоза е во дилема. Инвеститорите кои посветено се трудеше да ги привлече сега уште повеќе ќе ја избегнуваат Јужна Африка. Излевањето на капиталот ќе се забрза, а економското чудо ќе изостане.

Мал зрак на надеж е тоа што немирите до сега се ограничени на две од девет провинции. Надеж раѓаат повторно самите Јужноафриканци кои преземаат иницијатива онаму каде што потфрла  државата. Во повеќе градови и општини спонтано се креира жив штит од луѓе за да ги заштитат бизнисите. Во Преторија здружение на таксисти ги повика своите возачи на минибуси, да им го препречат патот на ограбувачите. Во најголемиот трговски центар во Совето, „Мапоња Мол“, кој своевремено лично претседателот Нелсон Мандела го отвори, загрижени граѓани држат ноќна стража. Во меѓувреме се активираше и армијата, а од министерот за полиција доаѓаат силни зборови. Можно е оваа ерупција брзо да заврши. Но, социјалниот вулкан продолжува да клокоти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми