1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Јужна Кореја ѝ нуди преговори на Северна Кореја

ЖА / агенции
2 јануари 2018

Јужна Кореја предлага средба на високо политичко ниво, по помирливите тонови од севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун кон соседот во новогодишниот говор.

Südkorea Panmunjom DMZ Grenze zu Nordkorea
Фотографија: Getty Images/J. Heon-Kyun

Средбата на високо политичко ниво би можела да се одржи на 9. јануари во граничното место Панмунџом, предложи јужнокорејскиот министер за обединување, Чо Муонг Гуон во Сеул. На неа би можела да се дискутира можноста за  учество на спортски претставници на Северна Кореја на Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот град Пјонгчанг,  но и други теми поврзани со подобрувањето на билатералните односи, се вели од Сеул.

Јужнокорејскиот министер за обединување, Чо Муонг ГуонФотографија: Getty Images/AFP/J. Yeon-Je

Во моментов на Корејскиот Полуостров владеат силни тензии. Меѓународно изолираната Северна Кореја продолжува да работи на унапредување на својата атомска програма и производство на нуклеарно оружје, постојано упатувајќи закани кон САД и Јужна Кореја.  Во септември лани Пјонгјанг изврши проба на хидрогенска бомба, а во ноември се пофали со тестирање интерконтинентална ракета, тврдејќи дека целокупната американска копнена територија е на дофат на севернокорејските ракети.

Во својот новогодишен говор, севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун повторно се закани со употреба на атомско оружје, но истовремено најави можност да испрати екипа на својата земја на Зимската олимпијада во Јужна Кореја. Тоа се толкува како гест на манифестирање подготвеност за водење дијалог. Доколку средбата вистински се одржи, тоа би биле првите разговори на високо политичко ниво меѓу двете влади по повеќе од две години.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми