Јужноамериканските држави се солидаризираат со Еквадор
20 август 2012
Држави од Јужна Америка му изразија неограничена поддршка на Еквадор во судирот со Велика Британија околу случајот со основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Министрите за надворешни работи на 12-те јужноамерикански земји ги повикаа двете страни да го решат спорот низ преговори и ги осудија заканите на британските власти за употреба на сила врз амбасадата на Еквадор во Лондон, кадешто се крие Асанж.
„Го поддржуваме правото на државите да даваат политички и дипломатски азил... и изразуваме солидарност и поддршка на владата на Еквадор по заканите врз нејзината амбасада во Британија“, се наведува во заедничката изјава.
Еквадор во четвртокот (16.08) му додели политички азил на Асанж кој престојува во просториите на амбасадата веќе два месеца. Британските власти се заканија дека нема да му дозволат на Асанж да ја напушти земјата и дека ќе сторат се’ за да го уапсат и да го израчат во Шведска каде е осомничен за сексуален напад.
Асанж вчера (19.08) и‘ се обрати на јавноста прв пат од март и тоа од терасата на амбасадата на Еквадор, при што ги повика САД и претседателот Барак Обама да престанат со `ловот на вештерки` против Викиликс. Тој повика на ослободување на новинари и `бунтовници` и на општа борба против репресијата, но не зборуваше за своите понатамошни потези.