1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јунг е оптимист за Авганистан

Карстен Вик12 март 2009

Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг, ја заврши неговата неколкудневна посета на Авганистан. Тој е оптимист и не смета дека ќе дојде до влошување на безбедносната ситуација.

Од посетата на Јунг на Мазар и ШарифФотографија: AP

Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг, на крајот од посетата на Авганистан реагираше со оптимизам. И покрај постојаните напади на Талибанците, по разговорите со високите воени, но и претставници на племињата во овааа земја, замина со позитивен впечаток кон Берлин. На аеродромот во Кабул, Јунг изјави дека безбедносната ситуација во земјата според неговите информации била подобрена. „Авганистанците треба да продолжат да ја преземаат одговорноста. Мислам дека не треба да сметаме на натамошно влошување на безбедносната ситуација“, изјави Јунг.

Ваквата негова оценка важи за главниот град Кабул, но и за Кундуз во северен Авганистан, каде се стационирани германските војници. Јунг интензивно се информираше за безбедносната ситуација во овој регион, кој важи за особено критичен. Минатата година таму беа убиени тројца германски војници, а во вторникот, во непосредна близина на воената база, паднаа три ракети. Во нападот немаше повредени. Во однос на можните разговори со таканаречените „умерени Талибанци“, како што ги гледа американскиот претседател Барак Обама, Јунг има јасна линија: „Често го среќавам мислењето, исто и во овој регион, каде велат дека Талибанците се Талибанци. Тие исто така јасно го поддржуваат моето мислење дека таквите напори, за воздржување на Талибанците од насилство и ангажирање за стабилизирањето на оваа земја е задача на авганистанските власти“, вели Јунг.

Јунг ги посети припадниците на Бундесверот во северен АвганистанФотографија: AP

Поддршката продолжува

Ова е јасна порака и до авганистанскиот претседател, Хамид Карзаи, кого во август го очекуваат избори за шеф на државата. Јунг истовремено ја потврди поддршката за земјата и тамошните власти. Во текот на летото, ќе бидат испратени дополнителни 600 германски војници на Хиндукуш. Тие ќе имаат задача да ги обезбедуваат претседателските избори, но исто така да ги засилат трупите на северот на земјата. Јунг го повтори ставот дека до мир во Авганистан не може да се дојде само со воени средства: „Нашите напори во однос на прашањето за повторната обнова на Авганистан се значително зголемени, од 80 на 170 милиони евра. Со тоа е јасно на каков начин Германија конкретно ќе го поддржува Авганистан“, изјави Јунг.



Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми