1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јунг му вети германска поддршка на Косово

Петер Хајлбрунер21 февруари 2008

Германија, која во рамките на КФОР го дава најбројниот контингент војници, сака да даде придонес за стабилноста и мирниот развој на новата независна држава на Балканот, порача Јунг по денешните разговори во Приштина.

Франц Јозеф Јунг денеска во ПриштинаФотографија: picture-alliance/ dpa
Министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг при посетата на Косово се заложи за долготрајно присуство на НАТО силите. Тој им вети на косовските соговорници дека Германија ќе даде придонес и за обуката на косовските сили за безбедност. Јунг исто така посочи на мисијата на ЕУ за Косово, во која ќе учествуваат полициски експерти и службеници за поддршка на управните структури на новата држава.

Гостинот од Берлин побара вклучување на Србија во напорите за создавање стабилност во регионот. Постои заедничка желба за мирен и добрососедски развој, чија конечна цел ќе биде Европа, нагласи Јунг:


„Сакам со тоа да изразам надеж дека во однос на српската ситуација во иднина ќе има добрососедски односи и дека и таму има европска перспектива, бидејќи имаме заеднички интерес регионот да се развива стабилно и мирно.„


Како ќе соработуваат мисиите на НАТО и на ЕУ на Косово?


Во новата независна држава на Балканот ќе се вкрстуваат задачите на мисиите на НАТО и на ЕУ. Тие на прв поглед не се мешаат: КФОР, вклучувајќи ги и 2.500-те германски војници, треба да се грижи за мирот и поредокот на Косово. Подлога за ангажманот е резолуцијата 1244 на ОН, а војниците на КФОР уживаат почит како од албанското мнозинско, така и од српското малцинско население. Но, Србите на Косово, исто како и официјален Белград и Москва, не ја признаваат мисијата на ЕУ, туку ја сметаат за нелегитимна бидејќи нема експлицитен мандат од ОН.


Вториот проблем е тоа што мисијата на ЕУ треба да се грижи и за борбата против организираниот криминал и потрагата по воените злосторници. Во тој дел таа би требало да преземе дел од обврските на КФОР. Тоа значи дека мисиите на КФОР и на ЕУ би требало да имаат јасна, формална соработка. Но, неа ја нема, нагласува и германскиот министер за одбрана Јунг и бара нова фаза:


„... на конкретна соработка меѓу Европа и НАТО. Ако ја погледнете на пример ситуцијата на Косово, тогаш тука се и КФОР како мисија на НАТО, така и европската мисија, што допрва треба да биде имплементирана. Овде е итно неопходна соработка.„


Каде е проблемот?


Тоа што формалната соработка меѓу двата сојузи, во кои членуваат истовремено поголем број европски земји, се‘ уште не функционира се должи на блокадата од страна на Турција. Таа имено како членка на НАТО, но не и на ЕУ се плаши дека ќе загуби дел од своето влијание и ја блокира формалната соработка меѓу ЕУ и НАТО. Затоа ЕУ бара начини на неформална соработка, што во случајот на Косово ќе се добива преку персоналната политика. Раководител на правната мисија, имено, е пензионираниот француски генерал Кермабон, кој претходно ја вршеше функцијата главен командант на КФОР. Така тој одлично ја познава структурата како на НАТО-силите на Косово, така и на новата мисија на ЕУ.




Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми