Шест земји од Западен Балкан сакаат да влезат во ЕУ. Таа ги привлекува со пари и со стабилност. Шефот на Еврокомисијата Јункер оди во посета на регионот. Тука ќе се соочи со многу проблеми и ќе препорача решенија.
Реклама
Од утре до среда, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ќе ги посети шесте земји од Западен Балкан кои би требало да пристапат во ЕУ. Со турнејата која започнува утре во Скопје тој, како што вели, сака да ги „охрабри“ Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Ова се случува по објавувањето на најновата стратегија на ЕУ во која првпат е наведена и конкретна година за можен прием на нови членки: 2025 година.
Но, тоа не е „само датум за охрабрување“, како што рече Јункер пред да тргне на пат. Од шестте влади на Балканот ќе се бара да спроведат реформи, да ја сузбијат корупцијата, да се погрижат за почитување на принципите на правната држава, слободата на медиумите, да ја оживеат економијата и да ги решат меѓусебните конфликти. Само ако тоа биде спроведено во задоволителна мерка, и ако бидат исполнети конкретни критериуми, ќе бидат можни нови пристапувања во ЕУ, рекоа службениците од опкружувањето на Јункер во Комисијата. И додадоа дека ЕУ има волја да прими нови членови, и оти овие земји имаат реална перспектива.
Македонија и Албанија би можеле да преговараат со ЕУ
Пред Јункер да појде на пат, комесарот на ЕУ за проширување Јоханес Хан на Македонија и на Албанија како еден вид подарок им вети дека и со нив ќе започнат преговорите за пристапување. На лето, како што рече, ќе се зборува и за конкретен датум за тоа. Досега формално се преговараше со Србија и со Црна Гора, при што малата Црна Гора, која е веќе членка на НАТО, оствари најголем напредок.
Жан-Клод Јункер на своето патување ќе се соочи со низа нерешени проблеми меѓу државите. Најтешки проблеми се јавуваат во врска со Косово. Ова подрачје по воените конфликти се отцепи од Србија, но како држава не го признаваат сите земји од ЕУ, а секако, ни Србија. Пред да станат Србија и Косово еден ден членки на ЕУ, овој проблем мора да се реши.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обидува да ги подготви своите сонародници на тоа дека Косово на крајот ќе мора да биде признаено. ЕУ веќе 4 години се обидува да ги доведе до помирување Белград и Приштина- досега без успех. Јункер на својата турнеја, исто така, ќе се обиде да посредува, велат европските дипломати во Брисел. Не само последиците од војната на Косово, туку и граѓанските војни во поранешна Југославија се она со што мора да се позанимава Јункер.
Хрватска, која е веќе членка на ЕУ, и Србија имаат сѐ уште отворени сметки од војната. Босна и Херцеговина и натаму е поделена држава која не функционира. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за време на една посета на Брисел рече оти Хрватска и Србија имаат „зеднички интерес“ кога станува збор за политичката и за економската соработка во ЕУ. Но и оти на планот за воена оштета и од последиците од војната има уште многу отворени прашања.
Хрватска - најмладата членка на ЕУ
Хрватска е мала земја, впечатлива по своите контрасти. Од 1. јули таа стана 28. членка на Европската унија.
Фотографија: DW/K. Skyring
Европска земја
Хрватите отсекогаш се чувствувале како Европејци. Многумина сметаат дека со влезот во ЕУ, земјата конечно стигна таму каде што и‘ е местото. Пречките за влез се отстранети, но остануваат проблеми на кои уште треба да се работи: корупција, висока невработеност и економска криза.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Загреб - светски град во Средна Европа
Со околу 800 илјади жители, што е околу една петтина од вкупното население, Загреб е и најголем град во Хрватска. До Првата светска војна Хрватска беше дел од Австро-Унгарската империја Архитектонски Загреб е граден според империјална Виена. И старите загрепчани, познати како „пургери“ го моделирале својот животен стил според Виена.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Дубровник - бисер на Јадранот
Далматинскиот приморски град Дубровник е олицетворение на медитеранската култура. Со векови, Дубровник бил независна град-држава и главен ривал на Венеција. Стариот дел на Дубровник е прогласен за Светско културно наследство од УНЕСКО во 1979 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Сонот за независнот
Во период од 70 години, од 1918. до 1991. Хрватска беше дел од Југославија. Но сонот за независна држава опстана. На 25 јуни 1991. тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман ја прогласи сецесијата и независноста на Хрватска од Југославија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Војна, уништување и раселување
Откако ја прогласи независноста, Хрватска се соочи со востание на локалното српско малцинство поддржано од југословенската армија. Војната траеше 4 години. Околу 22 илјади луѓе загинаа, стотици илјади беа раселени, и беше предизвикана огромна материјална штета. Мировен договор конечно беше потпишан во декември 1995. година.
Фотографија: picture alliance/dpa
Бегалци од Хрватска
За време на војната околу 700 илјади Хрвати беа принудени да ги напуштат своите домови. Многумина избегаа во Германија. Во последната фаза од војната, земјата ја напуштија околу 250 илјади Срби. За разлика од Хрватите кои се вратија во своите домови, Србите се‘ уште не можат да го сторат тоа. Тие се надеваат дека влезот на Хрватска во ЕУ ќе им го овозможи тоа.
Фотографија: DW
Мински полиња
Пешадиските мини се остатоци од последната војна. Околу 680 квадратни километри во Хрватска се‘ уште се покриени со мини. Околу 90 илјади мини беа поставени за време на војната, најголемиот дел неодбележано. По завршувањето на војната повеќе од 500 луѓе ги загубија животите од мини. Нивното целосно отстранување е планирано до 2019. година.
Фотографија: DW/I.Zrilic
Воени криминалци или херои?
Недоволната соработка со Хашкиот трибунал го забави хрватскиот напредок кон ЕУ. Многу Хрвати се убедени дека нивните генерали се воени херои, а не криминалци. На државата и‘ беа потребни повеќе години да го уапси обвинетиот генерал Анте Готовина. На крајот тој беше ослободен во Хаг, а дома му беше приреден ентузијастички дочек.
Фотографија: Reuters
Успешна туристичка индустрија
Главната економска гранка на Хрватска е туризмот. Најпопуларно секако е јадранското крајбрежје со своите „илјада острови“. Хрватите се убедени дека го имаат „најубавото море на светот“. Тие се надеваат дека влезот во ЕУ ќе им донесе уште повеќе туристи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фудбалот- национален спорт
И другите спортови, како ракометот, кошарката и ватерполото се популарни во Хрватска, но фудбалот е број 1. Хрватската национална репрезентација е гордост на нацијата и се наоѓа меѓу десетте најдобри во светот. Најголемиот подвиг беше освојувањето на третото место на Светското првенство во 1998. во Франција.
Фотографија: Reuters
На состанок во кафуле
Доколку сакате да се сретнете со некого во Хрватска, тоа го правите во некое од безбројните кафулиња низ земјата. Кога времето ќе затопли, терасите на кафулињата се преполни. Најпопуларен пијалок е капучино и еспресо. Секој сака да види и да биде виден. Удобноста и софистицираноста се критериумите по кои се бираат местата за седење.
Фотографија: DW/K. Skyring
11 фотографии1 | 11
Јункер бара трпение
„Ќе мораме да даваме објаснувања и ќе мораме да појасниме дека проблемите ќе мораат да бидат решени инаку непотребно ќе го губиме времето“, рече Јункер неколку дена пред своето патување. Освен тоа, додаде, во Европа е потребно повеќе трпение. „Договарањето околу отстранување на последиците од војната меѓу Германија и Луксембург траеше 45 години“, рече Јункер, инаку поранешниот премиер на Луксембург.
На лето и на почетокот на есента, Комисијата ќе ги објави конкретните планови за пристапување на сите шест земји, планови во кои ќе се земаат предвид нивните особености.