Јункер пред избор за претседател на ЕК
15 јули 2014Европскиот парламент денеска за време на сесијата во Стразбур ќе гласа за избор на Жан-Клод Јункер за претседател на следната Европска комисија.
За да биде избран, Јункер треба да биде поддржан од најмалку 376 пратеници. Гласањето ќе биде тајно и ако биде неуспешно, претседателот на ЕП Мартин Шулц ќе треба да бара нова номинација од Европскиот совет во рок од еден месец. Според членот 117 од правилникот за работа на ЕП, откако Европскиот совет ќе предложи кандидат за претседател на ЕК, претседателот на Парламентот го поканува кандидатот да се обрати пред пратениците и да ги претстави политичките насоки во пленарната сала. По обраќањето на кандидатот следи расправа. Ако кандидатот биде избран на тајното гласање, претседателот на ЕП за тоа го известува Советот и бара од него и од новоизбраниот претседател на ЕК да ги предложат со општа согласност кандидати за еврокомесари.
Со гласањето во парламентот ќе биде завршена процедурата за именување на Јункер за нов претседател на ЕК, откако на 27 јуни го поддржаа лидерите на ЕУ и покрај противењето на премиерите на Велика Британија и Унгарија, Дејвид Камерон и Виктор Орбан.