Јуратовиќ: Напредокот е во рацете на македонските политичари
19 декември 2013Јосип Јуратовиќ од пратеничката група на социјалдемократите е член на Бундестагот од 2005 година. Ангажиран е во парламентарната група за Југоисточна Европа. Во изминативе осум години тој ги застапуваше интересите на Хрватска и на Западниот Балкан.
Кога е во прашање Македонија, честопати бил и критички настроен, истакнувајќи го значењето на реформите во Македонија и владеењето на правото, демократијата и слободата на изразувањето.
За последните бриселски заклучоци во врска со Македонија, Јосип Јуратовиќ за Дојче веле коментира: „За процесот на доближувањето на Македонија до ЕУ, Советот се изрази доста воздржано со што ги наведе и главните задачи кои престојат пред земјата. Ова ја потврдува и мојата теорија: На крајот на краиштата, одлуката за напредокот на Македонија е во рацете на македонските елити. Сѐ додека Парламентот не функционира правилно и политичките партии не ги отелотворуваат демократските вредности, неможе да има напредок ниту во Македонија, ниту во пристапниот процес“, истакнува Јуратовиќ.