„Љубов“ ја доби Европската филмска награда
2 декември 2012Седумдесетгодишниот Михаел Ханеке (на фотографијата) ја доби наградата за најдобар филм, како и за најдобра режија, а двајцата главни актери во филмот „Љубов“, Емануел Рива и Жан-Луј Тринтињан се прогласени за најдобар актер и актерка. Филмот „ЉУбов“ остана само без наградата за сценарио, која припадна на данскиот филм „Лов“, на Тобиас Линдхолм и Томас Винетбергер.
Европската филмска академија (ЕФА) за најдобар документарен филм го прогласи швајцарскиот филм „Зимски номади“ на Мануел фон Штирлер. Наградата за европски придонес во светската кинематографија ја доби актерката Хелен Мирен од Велика Британија, а за животно дело режисерот Бернардо Бертолучи од Италија.
Будевијн Куле од Холандија е добитник на наградата за Европско откритие - наградата FIPRESCI - за филмот „Каубој“.
Европската филмска академија во септември објави листа од 47 филмови од 31 земја, како кандидати за номинација за ова признание, а за победниците одлучуваа над 2.700 членови на ЕФА ширум Европа.