1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Димовски: Не бегам, не се кријам, сам ќе се јавам во Судот

4 декември 2017

Сметам дека правдата е неселективна и ќе ми овозможи да ја докажам мојата невиност за што постојат сериозни доказни материјали, вели пратеникот Димовски, и ги демантира медиумските наводи дека е недостапен за полицијата.

Mazedonien Strafgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Покана од Судот не сум добил. Ниту од некого бегам, ниту од некого се кријам, затоа што немам никаква потреба за тоа. Не ми преостанува ништо друго, освен самиот да се јавам за да го дадам мојот исказ“, изјави за Дојче веле пратеникот на Социјалистичка партија на Македонија, Љупчо Димовски, откако во дел од медиумите беше објавено дека тој е меѓу лицата кои се уште не и се достапни на полицијата.

Тој е еден од шесте пратеници на кои им беше одземен пратеничкиот имунитет по барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во врска со настаните од 27-ми април година

По негово барање, тој изјавите за ДВ ги даде преку комуникација со смс-пораки.

„Покана од Кривичен суд се уште немам добиено. Јас сум постојано на адресата од личните документи. Сите изминати денови сум во мојот дом или ги извршувам работните обврски во партиските простории, во почетокот на неделата во Собранието или на координативните состаноци на пратеничката група на Коалицијата 'За подобра Македонија'... Цело време сум достапен, активен, се среќавам со пратеници и граѓани, се движам, се појавувам на одредени јавни места и во очекување сум на поканата за да можам да се произнесам, за што сум во постојан контакт со мојот правен застапник. Јас живеам сам во мојот дом и никој друг не може да прими никаков документ, затоа што освен мене нема кој друг да отвори врата. Иако, многу лесно е да ми биде врачен на кое било од местата каде што работам, се движам или престојувам. Во оваа ситуација не ми преостанува ништо друго, освен самиот да се јавам за да го дадам мојот исказ, за што сум целосно согласен и подготвен“, вели пратеникот Димовски.

Љупчо ДимовскиФотографија: Silvera Padori-Klenke

Не го оправдувам насилството

Во однос на кривичното дело за кое се сомничи, Димовски е дециден дека не може да прифати какво било обвинување против него, затоа што е чесен човек и никогаш никому не сторил какво било зло.

„Особено не можам да се согласам со квалификацијата против мене, која ја дознав од медиумите. Сметам дека правдата е неселективна и дека ќе ми овозможи да ја докажам мојата невиност за што постојат сериозни доказни материјали. Јас по ниту еден основ не го оправдувам физичкото насилство, за што уште вечерта (27-ми април- н.з), на првата средба со пратениците од мнозинството, на неколкумина од нив и јавно им ја изразив мојата солидарност, загриженост и осуда. Напоменувам дека какво било мое поврзување со настанот јас го отфрлам, затоа што тоа не е вистина. Ова се многу сериозни моменти кога врз мене се истураат секакви неиздржани и злонамерни зборови. Со ништо не сум заслужил таков однос кон мене. Перцепцијата во јавноста што со своето работење ја имам изградено за мене, и угледот кај граѓаните, соработниците, пријателите и семејството, никому нема да дозволам да ги оцрни“, дециден е Димовски.    

Никаква енигма    

Кога пред седум месеци телевизиите „Телма“ и „Аласат-М“ објавија снимки од безбедносните камери во парламентот, на кои се гледа декапратеници ги отвораат вратите на Собранието, на истата снимка кратко фигурираше и Димовски, но само како накратко доаѓа во ходникот и се враќа назад. Тогаш за ДВ тој изјави дека немало никаква координација за отворање на вратите на парламентот.

„Доколку имало, јас сигурно би знаел. Немаше такво нешто. Се сеќавам дека во еден момент излегов во ходникот и кратко застанав, бидејќи вниманието ми го привлече џагорот на луѓето кои тропаа по вратите и сакаа да влезат. Нема никаква енигма во моето движење таму. Имам право да се движам непречено низ парламентот и низ истиот тој ходник поминувам секој ден“, изјави Димовски. Рече дека таа вечер во ходникот видел лица од собраниското обезбедување кои ги познава бидејќи ги гледа секој ден, но и некои други, за него непознати.

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Претпоставував дека се луѓе од службите кои си ја вршат својата работа, со оглед дека надвор имаше протест и луѓето тропаа по вратите, сакајќи да влезат (...) Бидејќи пратениците од СДСМ веднаш излегоа од салата, мислевме дека си заминаа. Воопшто не знаевме дека се упатиле во прес-центарот. Ние останавме во пленарната сала. И никој не прашува како на чуден начин за кратко време на сите ни се истрошија батериите на телефоните. Додека јавноста на ТВ гледала снимки во живо, ние и не знаевме што случува во прес-центарот, бидејќи беше ограничена интернет конекцијата. Истата вечер подоцна,  кога ги видов пратениците (од мнозинството - н.з) им изразив загриженост и негодување за насилството што им се случило“, изјави Димовски пред седум месеци.

Утре распит, Груевски бара амнестија

Утре (вторник, 5-ти декември) пред судија на претходна постапка треба да се јават пратениците кои добиле покани за распит, а на кои Собранието минатата недела им го одзеде имунитетот. Освен на Димовски, имунитетот им е симнат и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ - Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски и Сашо Василевски. Ослободување за нив и за другите осомничени за кои судот изрече мерки на притвор, вчера побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, од протестниот марш кој почна пред Министерството за правда и заврши пред зградата на Владата.

„Со сета осуда на насилството од поединци, со целосно сочувство кон оние кои беа физички нападнати и повредени, но земајќи ги во обзир и грешните чекори на власта, ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија на учесниците од инцидентот на 27-ми април 2017тата и почеток на период на национално помирување, затоа што овој реваншизам не не води никаде. Доста е! Потребно е национално помирување. Да запрат политичките прогони“, порача Груевски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Веднаш потоа замина на седница на партискиот Извршен комитет, по чие завршување партијата го дистрибуираше следното соопштение: „Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осуди политички монтираните обвиненија за тероризам и неоснованите притвори кои им беа изречени на партиски членови, уметници, актери и лица поврзани со настаните од 27-ти април. Злоупотребата на државните институции кои под политички притисок на власта упаѓаа во домови и ставаа лисици на пратеници е акт на терор и газење на демократијата. ИК заклучи дека ваквото безумие од страна на СДСМ ја турка државата во уште подлабока криза и затоа мора да се преземат идни чекори со кои ќе се стави крај на политичкиот прогон и политичкиот реваншизам“.

На крајот од соопштението се потенцира дека „согласно статутот на партијата, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучил да му предложи на Централниот комитет на следната седница да отпочне процедура за организирање на вонреден Конгрес на партијата на 23 декември 2017 година“.

Кој ќе биде нов лидер?

Организирањето на нов конгрес според стариот статут кај иницијаторите за реформи во партијата веќе предизвика сомнежи дека Груевски планира да инсталира своја марионета и дека тоа не води ни кон демократизирање ни кон модернизирање на партијата. Во меѓувреме, почнаа шпекулации за наследникот на Груевски. Во јавноста се вртат имињата на Илија Димовски, Антонио Милошоски, Никола Попоски, Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев. Во последниот период се спомнува и Генералниот секретар Христијан Мицкоски, но и дека дел од постарите кадри на ВМРО-ДПМНЕ го преферирале Емил Димитриев. Денеска првата шпекулација на оваа тема стигна од бугарски БГНЕС под наслов „Груевски го подготвува 'античкиот Димовски' за наследник, Заев очекува силна опозиција“. Во текстот се вели дека „во централата на ВМРО-ДПМНЕ најчесто се споменува името на Илија Димовски како веројатен наследник на Груевски. Димовски е меѓу најдоверливите лица на сегашниот лидер во ИК. Тој беше и меѓу најсилните заштитници на веќе стопираниот проект 'Скопје 2014' и на политиката на т.н. 'антиквизација на Македонија'“, пишува БГНЕС.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми