1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Њујорк му лежи на срце

4 јануари 2011

Од 1 јануари, во наредните две години Германија е непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, што е пред се‘ заслуга на германскиот амбасадор во ОН - Петер Витих.

Витих е амбасадор на Германија во ОН од 2009 годинаФотографија: DW

Петер Витих е пред се‘ скромен и на комплиментите одговара:

„Јас сум само едно делче од една голема машинерија, но сакам да го дадам својот придонес.“

Витих е активен во дипломатијата веќе 30 години, претходно студирал историја, политички и правни науки во Бон, Фрајбург, Кантербери и Оксфорд. По докторирањето, најпрво работел како асистент на Универзитетот во Фрајбург.

Обврска и подарок

Витих вели дека има среќа што е на толку атрактивна функција во ОНФотографија: cc-by-sa-Patrick Gruban

По првата работна задача во странство, во германската амбасада во Мадрид, во 1988 година за првпат доаѓа во градот кој до денес му лежи на срце, Њујорк. Можноста од декември 2009 година да се врати таму како претставник на Германија во ОН за него е обврска, но и подарок:

„Сметам дека навистина имам среќа што сум на толку атрактивна функција.“

Тоа е врв на неговата кариера, во која Витих постојано беше на одговорни позиции. Ханс Дитрих-Геншер го ангажира во неговиот кабинет, а кај неговиот следбеник Клаус Кинкел работеше како личен советник. Додека беше амбасадор во Никозија, тој паралелно работеше и како посредник на сојузната влада во конфликтот на Кипар.

Дипломатот ужива во урбаните квалитети на Њујорк

Германското министерство за надворешни работи го испрати Витих во Њујорк како докажан експерт. Во Берлин тој раководеше со одделот „Глобални прашања“, каде спаѓаат човековите права, хуманитерната помош и Обединетите нации. Но, овој град не му одговара на Петер Витих само од дипломатски аспект. Урбаните квалитети на Њујорк сосема се преклопуваат со приватните амбиции на агилниот 56-годишен Витих:

Њујорк е град на можностиФотографија: Fotolia/Philipp Wininger

„Многу сакам да џогирам и во блискиот Централ парк трчам околу големото езеро.“

Понекогаш трча околу езерото, како загревање пред да игра фудбал со неговите синови Максимилијан и Августин. Витих е во брак со новинарката и писателка Хуберта Фос-Витих од 1996 година, со која има и две ќерки, Валеска и Фелис. Семејството Витих живее во луксузната резиденција во источен Њујорк, која не само што е блиску до Централ парк, туку и до Метрополитен операта во Њујорк, што е од големо значење за еден љубител на операта како што е Витих.

Но, оваа година тој нема да има многу слободно време да ужива во операта. Витих знае дека поради кризите низ светот и реформите во безбедносниот ситем, во 2011 година го очекува постојан стрес и долги преговори.

Автор: Томас Шмит / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми