1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американско-руска шпионска пресметка во Македонија

БГ
11 октомври 2018

Американскиот весник во големо истражување открива детали од сознанијата на службите на САД за руското мешање и влијание во Македонија, пред, за време и по референдумот. Победникот во судирот, сепак, останува неизвесен.

Mazedonien Referendum Namensstreit Protest Gegner
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Њујорк Тајмс пишува дека грчкиот милионер со руско потекло Иван Савидис станал предмет на интерес на американските тајни служби и дека преку следење на неговите комуникации се дошло до важни сознанија за руското влијание во Македонија. Дополнително, се открива дека протерувањето на двајцата руски дипломати од страна на грчката влада се случило како резултат на доказите кои премиерот Алексис Ципрас ги добил директно од американските тајни служби.

„Американски претставници велат дека пресретнале комуникации во јуни годинава кои покажуваат дека Савидис работел како руска врска на поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција за името. (...) Москва, која го смета проширување на НАТО за опасност за нејзините граници, беше одлучна да го порази референдумот за договорот“.

„Во знак на одмазда, американските претставници направија невообичаено агресивен чекор: и ги предадоа прислушуваните материјали на Владата на левичарскиот премиер Алексис Ципрас. Грчката влада одговори со редок судир со Москва, протерувајќи двајца руски дипломати од Атина и забранувајќи им влез на уште двајца“.

Ретка победа против Русија

Иако гласањето на референдумот во Македонија заврши со неизвесен исход, и одлуката сега му е препуштена на македонскиот парламент, американските претставници сметаат дека разоткривањето на Савидис и исфрлањето на руските дипломати е ретка победа во битката против руската кампања на дезинформирање во Европа и во САД.

„Возвраќаме и покажуваме дека и ние можеме да играме остро“, вели Кристофер Хил, поранешниот амбасадор на САД во Македонија. „Можеме да откриваме информации, можеме да правиме нешта кои во минатото не ги правевме“.

Според Њујорк Тајмс, примерот покажува дека претседателот на САД Доналд Трамп и искусните оперативци во државната служба не секогаш работат на иста цел. Во 2016 година во САД е формирана т.н. група Руско влијание која ја сочинуваат претставници на Стејт департментот, Министерството за одбрана и разузнавачките служби. Целта на групата е да се спречи руското влијание во Европа. Тоа вклучува и анализа на избори во европските земји каде Русија би можела да интервенира.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и македонскиот премиер Зоран Заев во СкопјеФотографија: Reuters/O. Thoefilovski

Изминатата пролет, пишува натаму весникот, било забележано дека Македонија е многу веројатна цел.
Три дена по потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името меѓу македонската и грчката влада, рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов јавно се закани дека „за некои грешки постојат последици“.

Доказите против Савидис

Заканата на Чижов предизвикала серија пораки од американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пјат до Вашингтон, во кои тој предупредувал дека Москва ќе се обиде да го попречи претстојниот референдум.

„Стејт Департментот, ЦИА и европската команда на Пентагон во Штутгарт, Германија веќе се занимавале со проблемот. Но дотогаш, спротивставувањето на референдумот веќе излезе на површина во Македонија. Во текот на летото се појавуваат стотици нови интернет страници кои повикуваат на бојкот на гласањето и постови на Фејсбук кои ги повикуваат Македонците да не гласаат - класична дезинформација, велат македонски и американски претставници, режирана од групи поддржани од Русија“.

Тука повторно на сцена стапува Савидис, кој е следен од американските служби уште од периодот додека бил пратеник на партијата на Путин, Обединета Русија во рускиот парламент. Во јуни годинава

американските оперативци собрале доволно докази од пресретнатите комуникации на Савидис - електронски пораки, смс-пораки и телефонски разговори - дека тој ги плаќа демонстрантите. Висок американски претставник објаснува дека разузнавачките служби лесно ги собрале финансиските податоци кои докажуваат дека Савидис им плаќал на граѓани и фудбалски навивачи да предизвикуваат насилство против референдумот во Македонија.

Иван Савидис предизвика скандал откако со пиштол влезе на терен за време на фудбалски меч во ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa/augenklick/firo Sportphoto

Меѓу оние кои добивале пари од Савидис се македонски политичари, новоформирани радикални националистички организации и хулигани на фудбалскиот клуб Вардар, кои ги извршија насилствата на протестите пред Собранието во Скопје.

Раскинот со Москва

Проследувањето на овие информации до грчкиот премиер било релативно лесно. Но убедувањето тој да делува не било така едноставно. Задачата му припаднала на американскиот амбасадор во Атина, Пјат. Ципрас претходно одби да им се приклучи на санкциите против Русија поради „случајот Скрипал“, но три работи се покажале клучни: желбата на Ципрас да се реализира договорот со Македонија, помошта од САД за време на финансиската криза, и најавата дека САД ќе го прошират своето воено присуство во Грција.

На 11 јули, Ципрас ѝ раскина на Москва. Неговата влада исфрли двајца руски дипломати и им забрани влез на уште двајца.

„Сепак, задкулисните напори на САД би можеле да пропаднат доколку македонскиот парламент не се согласи со промената на името. Но, премиерот Зоран Заев веќе најави дека ќе свика предвремени парламентарни избори доколку процесот не успее“, пишува Њујорк Тајмс.

“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми