Македонското МВР вчера соопшти дека привело седум лица за кои постои сомнение дека биле дел од терористичката организација Исламска држава во Сирија и Ирак. Од САД велат дека се работи за репатријација
Реклама
Главна вест во македонските медиуми вчера беше апсењето на седум државјани кои се осомничени за учество во странски терористички групи во Сирија и Ирак. Од Министерството за внатрешни работи објавија и видео од апсењето на терористите кое го споделија повеќе медиуми. Во соопштението на МВР се наведува дека апсењето на осомничените терористи било извршено во соработка со Глобалната коалиција за борба против тероризмот. Надлежните тврдат дека се работи за продолжение на полициските акции Ќелија 1 и 2.
Она што не се наведува е дека лицата и биле испорачани на Македонија од меѓународните партнери директно на аеродромот во Скопје. Според новинската агенција Асосиејтед прес, по повеќемесечен притисок од САД, неколку држави меѓу кои и Македонија прифатиле репатријација на свои државјани кои учествувале во борбите на фронтовите во Ирак и Сирија како дел од ткн. Исламска држава и други терористички организации.
Македонија е последна во низата земји кои прифатиле да ги репатрираат терористите уапсени од страна на Сириските демократски сили- борбена група која делува со поддршка на САД. Се работи за вкупно 600 борци кои треба да се префрлат во земјите на потекло, но проблемот на САД е што голем број други европски држави одбиваат да ги примат назад.
САД досега одбиваа официјално да дискутираат за трансферите на уапсени терористи, со став дека оставаат на самите држави да одлучат дали ќе ги откријат одлуките за репатријација на своите државјани.
Според портпаролот на Пентгон, Ерик Пахон, чекорот на Македонија да прифати седум борци означува „значаен исчекор во многу потребната соработка во борбата против глобалната закана од тероризмот“, и претставува важен пример за останатите членки на коалицијата.
Исламската држава регрутира џихадисти крај Охридското езеро
04:25
Според АП, македонските државјани биле заробеници на Сириските демократски сили, а во Скопје стигнале со превоз кој најверојатно го обезбедиле САД.
Американскиот секретар за одбрана Џим Матис во февруари годинава ги повика сојузниците да си преземат одговорност за сопствените државјани во Сирија. Но, малкумина го прифатија неговиот повик.
Уапсените во Македонија се на возраст меѓу 23 и 41 година и обвинети се за „учество во странска армија, полиција или парамилитарна формација“. Доколку бидат прогласени за виновни им се заканува затворска казна до 10 години.
Според неофицијални проценки, околу 130 македонски државјани и се приклучиле на ткн. Исламска држава и учествувале во војната во Сирија. Најмалку десетмина загинале во борбите.
Што всушност претставува „Исламска држава“?
„Исламска држава“, покрај разорувањата во Ирак и Сирија, во вестите често се наоѓа и поради нејзината бруталност. Што е ИД и колку е моќна? Во продолжение ви претставуваме одговори на најчесто поставуваните прашања.
Што е „Исламска држава“?
Се смета дека „Исламска држава“ е фракција од терористичката организација Ал Каеда, т.е. сунитска милитантна група, за која се верува дека е формирана како одговор на недовербата и фрустрациите од неуспешното владеење на владите во Сирија и Ирак. На нивното знаме пишува „Мухамед е пророкот на Бог“ и „Нема друг бог освен Алах“ - фрази со кои се согласуваат сите муслимани, не само „ИД“.
Фотографија: AP
Каде е активна „Исламска држава“
Целта на „Исламска држава“ е формирање на „калифат“ - држава каде се почитуваат традиционалните вредности на исламот и шеријатското право. Поради нестабилноста на регионите во Сирија и Ирак, „Исламска држава“ успеа да освои и да стави под своја контрола тероитории во двете држави.
Што ја прави „Исламска држава“ различна?
Клучна разлика е бруталноста на „Исламска држава“ со која се влева страв кај противниците и цивилите - преку егзекуцијата со обезглавување и бруталното насилство. Лидерите на „ИД“ велат дека владеат со регионите кои ги освојуваат. Експертот за Средниот Исток, Шади Хамид за ПБС изјави: „Тие нудат социјални услуги. Управуваат со локалната власт. Обезбедуваат минимално ниво на право и поредок“.
Фотографија: gebphotography - Fotolia.com
„ИД“ во однос на останатите терористички организации?
„ИД“ е активна во Сирија и Ирак, но нигериската терористичка организација Боко Харам неодамна ја изрази својата поддршка. Тоа е како натпревар во суровост: додека Боко Харам е одговорна за 13.000 смртни случаи, „ИД“ е одговорна за најмалку 24.000 повредени или убиени. Ал Каеда се дистанцираше од „ИД“, а една од нејзините фракции наречена Нусра Фронт се бори против „ИД“.
Фотографија: Getty Images/A. Katib
Кои се следбениците на „Исламска држава“?
Нешто по кое се разликува „ИД“ се нејзините следбеници. Повеќе од 20.000 странски борци се придружија на групата, од кои повеќе од 4.000 доаѓаат од западна Европа и северна Америка. На сликата се прикажани државите од каде што потекнувааат најголемиот дел на борците. Најголем број борци - споредено со вкупниот број на жители на земјите, доаѓаат од мали земји како Шведска и Белгија.
Што преземаат западните влади против „Исламска држава“?
Од август 2014 година, коалиција предводена од САД спроведува воздушни напади против цели на „ИД“ во Сирија (1.422 напади) и Ирак (2.242 напади). Некои влади исто така беа активни во рамките на нивните држави: Германија ќе процесуира најмалку 30 осомничени милитанти кои се вратиле од Сирија, додека Саудиска Арабија уапси 93 осомничени милитанти во април 2015 година.