1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

ЕУ-санкции против Унгарија?

Кено Верзек | агенции
27 април 2022

ЕУ за првпат го активира т.н. механизам за заштита на владеењето на правото - против Унгарија. Земјата сега се соочува со сериозни финансиски санкции. Зошто? И како точно функционира овој механизам?

Symbolbild EU & Ungarn
Фотографија: Imago/Gueffroy

Со години, едно од најголемите прашања во ЕУ беше како Унијата има намера да се справи со владите на земјите-членки кои систематски ги прекршуваат основните демократски вредности и го поткопуваат владеењето на правото. Дебатата и натегањата околу оваа тема траеја десет години, додека Брисел конечно не се договори за т.н. механизам за владеење на правото кој стапи во сила на почетокот на 2021 година.

Откако Унгарија и Полска поднесоа тужба против овој инструмент, на Европскиот суд на правдата (ЕСП) му требаше уште една година да го прогласи механизмот за компатибилен со правото на ЕУ во февруари 2022 година и на тој начин правно валиден. Сега тој е активиран за првпат: против Унгарија, членката на ЕУ чија антидемократска трансформација под владата на Орбан, всушност и ја предизвика дебатата за владеењето на правото во 2010 година.

Потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Шинас денеска во Брисел (27.04.2022) соопшти дека Европската комисија покренала постапка против Унгарија во согласност со механизмот за владеење на правото. Според Шинас, Еврокомисијата го овластила еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан да го испрати писменото известување за почетокот на постапката до Будимпешта.

Потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис ШинасФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu Agency/picture alliance

Главни причини за покренувањето на постапката се бројните назнаки за корупција и неправилностите во јавните тендери, како и загрозување на независноста на правосудството. Унгарија би можела да биде предмет на многу строги финансиски санкции - земјата потенцијално би можела да загуби стотици милиони евра субвенции од ЕУ.

Повеќе: Полска и Унгарија: ЕУ нѐ казнува и нѐ уценува

Бидејќи станува збор за пари кои економски се витални за Унгарија и секоја година изнесуваат 4 остсто од бруто националниот производ, нивното повлекување би можело да биде сретство за запирање на владата на премиерот Виктор Орбан во процесот на поткопување и разградување на начелото за владеење на правото во земјата - на тоа барем се надеваат критичарите на унгарскиот премиер.

Помали, покомпликувани

Она што на прв поглед звучи едноставно и уверливо, во реалноста е прилично компликувано и полно со разни детали. Најпрво Комисијата ќе испрати писмо до унгарската влада во кое ќе изрази загриженост поради кршење на владеење на правото во земјата и ќе формулира некои прашања. Конкретно, се работи за систематски неправилности на јавните тендери.

Државните договори често ги добиваат луѓе од семејството и кругот на пријатели на премиерот Орбан или на членовите од неговата партија Фидес. Во основа се работи за договори во кои се вклучени и пари од европските фондови. Постојат оправдани сомнежи дека тендерите се осмислени во полза на пријателите на Орбан.

Повеќе: Договор во ЕУ: Владеење на правото, па потоа европски милијарди

Шефот на канцеларијата на Орбан во ранг на министер, Гергели Гулиаш, уште пред неколку месеци, по критиките од ЕУ, најави дека јавните тендери во иднина ќе бидат редизајнирани. Меѓутоа, тоа досега не се случи.

Унгарскиот премиер, Виктор ОрбанФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Проблеми во примената

Од друга страна, станува збор за систематски неправилности околу продажбата на земјоделско земјиште на претприемачи блиски до Орбан, за трансфер на огромен јавен имот на фондации кои многу тешко се контролираат. А, на крајот, тука е фактички и непостоечката соработка помеѓу Канцеларијата за борба против измами на ЕУ (ОЛАФ) и унгарското државно правобранителство.

ОЛАФ во последните години истражуваше бројни случаи на измама и на корупција во врска со фондовите на ЕУ, а потоа ги препрати досиејата до унгарското државно правобранителство. Но, по правило, тие или не отвораат постапки или ги завршуваат без резултати - дури и кога станува збор за многу очигледни случаи на измама.

Унгарската влада има 3 месеци да одговори на писмото од Европската комисија. Таа, притоа, со Комисијата може да се договори за конкретни потези и рокови во кои би требало да ги реши проблемите.

Ако Комисијата не е задоволна од одговорот, може да изрече финансиски санкции кои, меѓутоа, на сила би можеле да стапат најрано за 6 до 9 месеци. Проблем, притоа, е тоа што овие санкции со квалификувано мнозинство мора да ги потврди и Европскиот совет, тело со шефови на држави и на влади од ЕУ. Тоа значи оти најмалку 15 од 27 земји членки со најмалку 65 отсто од населението на ЕУ мораат да се согласат.

Ова е значајна, иако не и непремостива пречка. Поинаков е случајот со постапката во врска со членот 7 од Договорот за ЕУ. Тоа значи дека на државата членка може да ѝ се одземе правото на глас во ЕУ - што всушност претставува исклучување од членството без формално исфрлање од Унијата. Оваа одлука бара едногласност на сите останати земји членки, а прилично е сигурно оти во случај на Унгарија барем Полска би била против (и обратно).

Фотографија: picture-alliance/Joker/M. Fejer

Само нова политичка игра?

Уште едно ограничување на механизмот на владеење на правото е во неговата природа: овој инструмент може да се користи само ако во некој случај на кршење на начелото за владеење на правото се вклучени средства на ЕУ. Ако тоа не е случај, ЕУ не може да интервенира, дури ни во сериозни случаи на корупција. Само општа закана за независноста на правосудството може да биде причина за започнување на постапката за воведување санкции.

Поради тоа критичарите овој механизам го гледаат пред сѐ како инструмент за борба против корупцијата, а помалку како ефективно средство за преземање акција против општите кршења на владеење на правото.

Во моменталната ситуација, руската војна против Украина, постои уште еден важен аспект: унгарската влада би можела на оваа закана да одговори со својата закана дека во тој случај ќе стави вето на одредени санкции на ЕУ кон Русија.

Поради тоа не е исклучено примената на толку фалениот механизам за владеење на правото на ЕУ повторно да стане дел од политичката игра - која Виктор Орбан ја игра со ЕУ долги години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми