1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе го заигра ли Иванов „Виенскиот валцер“?

Катерина Блажевска21 април 2016

Неофицијално, овој четврток е денот Д кога се очекува Иванов да ја преиспита одлуката за аболиција. Неговата одлука ќе открие дали постои искрена волја Македонија да стане правна и просперитетна држава

Фотографија: picture alliance/abaca/AA

Денешниов четврток, ден пред закажаната лидерска средба во Виена, се смета за неформален рок во кој се очекува претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за аболиција, доколку е свесен за незадоволството што таа ги предизвика кај граѓаните и за долгорочните последици врз развојот на правната држава и интегративната иднина на земјата. И покрај секојдневните протести во Скопје и други градови, но и жестоките меѓународни реакции, до денес нема сигнали дали Иванов ќе ја повлече одлуката.

Нејзиното повлекување беше првиот услов што вчера го постави опозицискиот СДСМ, за да учествува на утрешната лидерска средба во Виена, иницирана од еврокомесарот Јоханес Хан и европратеничката тројка Ховит-Вајгл-Кукан. Вториот услов на СДСМ - свикување седница на Собранието на која ќе се одложат изборите распишани за 5-ти јуни, вчера беше торпедиран од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

„Секое свикување седница на веќе распуштено Собрание, би претставувало грубо кршење на Уставот на Република Македонија“, соопшти Вељаноски.

Се чека на потегот на ИвановФотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

ДПМНЕ: Деструктивна политика

И покрај многубројните укажувања на правни експерти, дека и по распуштањето на парламентот пратениците може да заседаваат бидејќи нивниот мандат трае се до изборот на новиот собраниски состав, ваквиот став не доби поддршка од ДПМНЕ. Членот на оваа партија, Илија Димовски, кој одлуката на Заев да не оди во Виена ја оцени како „неодговорна и деструктивна“, изјави: „Собранието повеќе не може да се свика. Се лажат одреден број партиски активисти или поддржувачи на СДСМ дека тоа е возможно. Тоа не е возможно. Единствена возможна и единствена добра варијанта е да се одржат избори на 5- ти јуни“.

Запрашан, каков одговор добила ВМРО-ДПМНЕ од претседателот по барањето тој ја повлече аболицијата, Димовски се воздржа од конкретен одговор:„Мислам дека господинот Иванов имаше јавни прес-конференции на кои го соопшти својот став. Не би сакал да зборувам во негово име. Морате да се обратите во кабинетот на претседателот на државата“.

И додека кабинетот на Иванов упорно молчи, правниците бараат излезни решенија. Поранешниот министер за правда, Аднан Јашари, смета дека нема правна можност за повлекување на аболицијата, но дека одлуката може да ја поништи Уставниот суд, по што нема да важат и последиците од неа. Други, пак, укажуваат дека Уставниот суд нема надлежност да постапува по одлука на шефот на државата. Според академик Владо Камбовски, Иванов може да ја поништи одлуката врз основа на член 6 од Европската конвенција за човекови права и практиката на Европскиот суд, која е дел од домашното судство.

Прашањето е - дали власта е навистина искрена кога тврди дека не се согласува со претседателската одлука, или ќе се прави обид нејзиното повлекување да биде условено со учество на сите на изборите на 5-ти јуни, со оглед дека ДПМНЕ критиките до СДСМ и натаму ги претставува како опозициски „страв од избори“.

„Со денешното (20.04 - н.з) бегање од разговори, Зоран Заев потврди дека е во паника од соочување со народот на изборите закажани за 5-ти јуни (...) Заев и заврти грб на Македонија и потврди дека неговата намера е продлабочување и ескалирање на кризата, затоа што тој и луѓето околу него можат да функционираат и да привлечат внимание само во време на криза. Тој со бегањето од разговорите во Виена покажа дека само заради спасот на сопствената кариера има намера да ја држи Македонија уште долго во заложништво“, рече Димовски. Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) побара од лидерите на другите три партии да не подлегнуваат на барањата на Заев, со став дека „не смее да му се попушти ни милиметар“.

Легитимно барање

За разлика од критиките во атарот на власта, одлуката на СДСМ во граѓанскиот ја сметаат за оправдана. Според Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образоние (МЦЕО) тоа е легитимно барање кое ќе придонесе за обезбедување на исти услови за учество на сите „партнери“ во преговорите.

Граѓаните бараат повлекување на одлуката на Иванов за аболицијаФотографија: picture alliance/abaca/AA

„Преговори во денешни услови не смее да има без притоа да се создадат услови за истите. Ова го зборувам и како граѓанин, но и како дел од МЦЕО. Денес, на 21 април 2016 година, состојбата во која опстојува државата е целосно изменета. Во повеќе градови низ државата протестираат самоорганизирани граѓани со барање за враќање на демократијата и гарантирање на владеењето на правото. Оттаму, во овие преговори мора да има претставници на граѓаните и граѓанските организации, пред се оние кои се обединуваат под #протестирам. Нивното учеството ќе биде дополнителна гаранција дека овој пат ќе отидеме до крајот во имплементацијата на Договорот“, вели Стојковски.

Категоричен е во ставот дека не се преговара за демократија и владеење на правото.

„Што се однесува до обвинувањата кои денес ги споделија владејачката партија, нејзините приврзоци и 'независните' аналитичари дека СДСМ избегнува преговори и сака да ја ескалира кризата, би можел да кажам: ниту Заев ниту било кој друг нема мандат да преговара за одржување на избори на 5 јуни. За демократија и владеење на правото не се преговара“, дециден е Стојковски.

Македонско издание на Чаушеску

Дипломати, пак, потсетуваат дека дипломатската практика за решавање на кризни состојби меѓу две или повеќе страни, најчесто за свои алатки ги употребува посредувањето, дијалогот, компромисот, толеранцијата... Тие се употребуваат во услови кога се работи за кредибилни и сериозни преговарачки страни и кога посредникот поседува голем авторитет на кого му веруваат сите или најголемиот број на субјекти. Но, не се уверени дека сите страни го рефлектираат посакуваниот кредибилитет.

„Условите што вчера ги постави Заев можеби не се очекувани од страна на комесарот Хан“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин.
„Заев досега предничеше во соработливоста, мирниот тон за дијалог, желбата за изнаоѓање решенија за излез од кризата, најчесто на штета на опозицијата, ако се присетиме само на 'тоалет хартијата', на првото прифаќање за враќање во парламентот, па на второто прифаќање по Пржинскиот договор и тн. Овојпат, пристапот на Заев кон 'виенскиот валцер' може да се протолкува низ неколку пораки што тој ги упати. Пред се, тој ја прифати сугестијата на граѓанскиот сектор дека со македонското издание на Чаушеску или Јарузелски нема договор без исполнување на двата наведени услови. Тој и се обрати и на ЕУ. Токму нејзиниот нерешителен став и индиферентост кон криминалот, односно толерирањето на ДПМНЕ од денот на исфрлањето на опозицијата од парламентот до денес, доведе до губење на нејзиниот кредибилитет во очите на опозицијата. За да го врати, ќе треба посилно да притисне кон властодршците“, вели Ружин.

Според него, тоа е порака и кон САД, кои оставија на македонскиот политички простор Брисел да ја докажува сопствената способност и ефикасност.

„Исто како и досега, претходно ни комесарот Филе, а сега ни Хан, не се здобија со задоволувачки кредибилитет да покажат строгост кон главните виновници за дефицитарната демократија, медиумскиот мрак, партизираното судство и организираниот криминал. Без учеството на САД не постои можност за решавање на кризата“, смета Ружин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми