1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали и догодина ќе го славиме Денот на Европа?

Бернд Ригерт
9 мај 2020

Пред 70 години, францускиот министер за надворешни работи Шуман повика на создавање на солидарна Европа без граници. Дали постои таа храброст денес? Однесувањето во пандемијата предизвикува сомнежи, смета Бернд Ригерт.

Belgien Brüssel Europatag
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

„Мирот во светот не може да се одржи без творечки напор кој одговара на големината на заканата.“ Со оваа реченица францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман пред 70 години го започна своето соопштение кое го постави темелот за развој на денешната Европска унија. Како поука од ужасите од двете светски војни, Шуман претстави визија за една европска федерација која би се темелела на солидарност и на изедначување на животниот стандард.

Пред 70 години мирниот соживот беше предизвик кој бараше „творечки напор“. Денес тоа е новиот поредок кој и Европа и целиот свет мораат да го создадат по неочекуваната, можеби и разорувачка пандемија. Заканата за благосостојбата, животот и за слободата е огромна. Каде се тие творечки жени и мажи од димензијата на Роберт Шуман кои би можеле да не изведат од оваа криза?

Европа нема гаранција за успех

Поранешниот италијански премиер, Пауло Џентилони, кој сега е европски комесар за економија, предупредува на можна пропаст на еврозоната, а така и на цела ЕУ поради кризата предизвикана од коронавирусот. Здружувањето на економските сили за да се извлечат сите членки на Унијата од најтешката криза од Втората светска војна би можела да биде преголема задача за ЕУ и би можела да ја разори.

Економската криза ги продлабочува веќе и онака присутните ровови кои се протегаат во Европска унија. Богатите држави ќе можат брзо да застанат на нозе, сиромашните држави ќе станат уште посиромашни. Нивните повици за солидарност лесно ќе станат уште погласни и порадикални, а соодветна реакција ќе се слушне од богатите членки.

Повеќе:

-Брисел собра 7,5 милијарди евра за вакцина за коронавирусот

-Корона-криза: Позитивно обоено неединство во ЕУ

-Самит на ЕУ: Италија сака корона-обврзници, Германија не


Во пандемијата најпрво секој себеси си е најдобар пријател. Она што го поттикна Шуман пред 70 години и што се претвори во заеднички пазар, заедничка валута и заеднички вредности за 27 национални влади се отфрли само за неколку недели. Во дива паника се затворија границите, се запреа ланците на испорака, се ограничија човековите права, целата економија ја фрли во кома. И излезот од оваа состојба која не може долго да се трпи започна хаотично и без координација. Секоја членка делува како што сака. 
ЕУ сега треба да се грижи за обнова и што е можно побрзо да собере што повеќе пари. Но, тие пари може да ги добие од своите членки и тогаш да го подели поинаку. Во таа ситуација некои претседатели на држави, како францускиот претседател Макрон, бараат повеќе овластувања во ЕУ. Други, како холандскиот претседател на владата Марк Руте, предупредуваат како тоа воопшто не е добра идеја. Националистите и популистите од класата на унгарскиот премиер Орбан веќе бараат помалку Европа.Конфликтот меѓу овие фракции е стар колку и соопштението на Шуман. Досега ЕУ со голема мака уште некако можеше да се извлече од проблемите како што се проширувањето на исток, одбивање на Уставот, финансиската криза или Брегзит. Но, овој пат „заканата“ каква што ја мислеше Шуман е огромна. Сѐ уште недостасува примерен „творечки напор“ кај членките на ЕУ. Не помага ни неодамнешната одлука на германскиот Уставен суд со која се поставува прашањето за неоспорна надлежност на Европскиот суд и со тоа го разнишува правниот поредок во ЕУ.

Бернд Ригерт, автор на коментарот

Криза каква што немаме видено

Кај претстоечките преговори за невидениот фонд за обнова, нов Маршалов план и за најголем заеднички буџет кој некогаш постоел членките на Унијата мораат уште да докажат дали се способни за „солидарност на дело“ како што зборуваше Шуман пред 70 години. Во меѓувреме, европските држави толку многу се меѓусебно испреплетени што само заеднички ќе можат да ја совладаат кризата и да одржат благосостојба - и на крајот, да одржат мир. Ниту една национална држава не може економски да закрепне со оглед на глобалноста на оваа катастрофа, бидејќи секој е зависен од ланецот на снабдување што би функционирал и на пазарите ширум светот. 
Овој 9 мај кој во чест на Шуман и неговиот историски план е прогласен за Ден на Европа всушност требаше да започне Конференција за иднината на Европа која беше планирана многу пред пандемијата. За здодевна конференција со заклучоци кои потоа ќе фаќаат прашина во фиока сега навистина никој нема време.

Конференцијата е одложена, но сега е време за „творечкиот напор“ за кој говореше Роберт Шуман: треба да донесеме смели одлуки и да дејствуваме заедно со сето срце. Ќе биде најважно, како и пред 70 години, Франција и Германија повторно заеднички да ја охрабрат постпандемиската обнова. Кој сака да соработува е добредојден. Никој нема да биде присилен, ни Италија, ни Полска, ниту пак Унгарија.

Европската унија се соочува со својот најголем тест. Затоа што се поставува прашањето, ќе има ли и наредната година Ден на Европа, кој ќе можеме да го славиме?

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми