Ќе има ли избори: молк една недела пред големата одлука
23 август 2016За една седмица истекува крајниот рок во кој лидерите на четирите партии-постиснички на Договорот од Пржино и неговиот последен анекс од 20 јули, треба да оценат дали се реализирани договорените обврски, а со тоа обезбедени и минимум услови за одржување фер - избори. Засега нема сигнали дека лидерите на партиите се подготвуваат за евалуација на сработеното. Неодамнешните поплави во скопско, бројот на жртвите и материјалните штети, го изместија фокусот од актуелната политика кон актуелниот приоритет - санирање на последиците и помош на семејствата чии роднини и имоти настрадаа во поплавите. Со тоа пржинската агенда остана во сенка. Единствено разните партиски посети на градови и села низ Македонија, навестуваат дека во заднина се одвиваат тивки партиски кампањи како увертира за претстојната одлука.
Потенцијални ризици
Во политичките кулоари веќе подолг период се шпекулира дека „постои меѓупартиски договор да се оди на избори по секоја цена“, иако е најасно зошто тоа би било прифатливо за опозицијата, доколку изборите бидат договорени без да исполнат минимум предвидените услови за фер -избори, односно ако предвреме и неосновано се даде оценка дека тие се исполнети. „Предвременоста“ произлегува од фактот дека лидерската оценка отпосле ќе се соочи со тестот на два клучни ризици: едниот е поврзан со функционирањето на СЈО, вториот со „прочистениот“ Избирачки список.
„Уставниот суд продолжува со работа од 1 септември и допрва треба да се изјасни за уставноста на Законот за СЈО. Без оглед што е договорено лидерите во рок од пет дена да усогласат решение со кое СЈО во иднина ќе функционира непречено, тоа во практика нема да оди ни брзо ни лесно, бидејќи ќе зависи од тоа каква одлука донел Судот - дали ќе поништи или укине одредени делови од законот, или ќе го укине во целост“, предупредуваат правни експерти.
Последната опција би значела формирање на СЈО од почеток, многу време за реализирање на таа постапка, различни толкувања околу фактот дали престануваат да важат правните последици за лицата опфатени со работата на претходниот обвинителски состав, а како краен ефект растечко незадоволство од “паузирањето на правдата“ кое би го компромитирало и проблематизирало одржувањето на изборите во таква ситуација.
Вториот ризик за компромитирање на условите за фер - избори е судбината на прочистениот Избирачки список, кој исто така ќе се најде пред Уставниот суд, откако ДУИ поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одлуката на ДИК за бришење на 39.502 гласачи. Рокот за пријавување во ДИК, во кој граѓаните од „списокот на спорни“ требаше да го потврдат нивниот избирачко право, заврши на на 19 август. Во тој рок, 8.922 граѓани во ДИК го потврдиле гласачкото право, а лицата кои не го сториле тоа ќе имаат дополнителна можност за пријавување во текот на јавниот увид во Избирачкиот список пред изборите. Оценката на Уставниот суд за оваа иницијатива, исто така може да се одрази врз подготовките на изборниот процес. А, ако се има предвид дека и дел од гласачите на кои ќе им биде оспорено избирачкото право најавуваат дека ќе се жалат до Управниот суд, извесно е дека на лидерската средба ќе има многу повеќе теми кои ќе треба сериозно да бидат разгледани, пред да се донесе конечна одлука.
За овие дополнителни ризици кои би уследиле по претходно договорен датум за избори, во партиите сега не се расположени јавно да зборуваат. Некои сметаат дека „тоа не би требало да се случи“, други додаваат дека „Уставниот суд е независен и никој не може да му се меша во одлуките, а однапред не може да се претпостави какви би биле тие“.
Што е поразлично?
Во ваква ситуација, која суштински не се разликува од „условите“ поради кои беа одложени изборите на 24-ти април и на 5-ти јуни, партиите ги подигаат очекувањата дека избори ќе има според неопходните стандарди. Надежите ги темелат врз ажурираниот список, најавениот медиумски мониторинг и очекуваното балансирано известување на МРТВ, без оглед што тие мерки повеќе навестуваат „реформски впечаток“, отколку реални промени.
Вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, во интервју за Дојче веле изјави дека има услови за демократски избори, но дека таа одлука зависи од СДСМ.
„Тоа е одлука која зависи од најголемата опозициска партија, бидејќи ние во минатото заклучивме дека има услови за спроведување демократски избори. Сите претходни избори во Македонија ја изразувале волјата на граѓаните и не гледам дека така не треба да биде и на следните парламентарни избори. Но, барањето изговори ни нанесе сериозна штета во изминатиот период и затоа остануваме на ставот дека во оној момент кога најголемата опозициска партија ќе се чувствува подготвена да се соочи со волјата на граѓаните, тоа треба да го потврди, да каже јавно дека се исполнети условите и потоа да оставиме на граѓаните да одлучат која политичка гарнитура ќе ја води Македонија во следниот период“, потенцира Попоски.
Од друга страна, потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, потсетува дека изборите досега се одложувале поради неисполнетите услови, односно поради Груевски.
„Дали има или не услови за избори ќе проценат лидерите на партиите. Избори можеше да има многу порано, доколку имаше прочистување на избирачкиот список и реформа на медиумскиот простор, што зависеше од Груевски. Изборите досега се одложуваа само поради него“, изјави Манчевски.
Клуч за кризата
Лидерската четворка треба да се состане „најдоцна до 31 август“, што значи дека таа средба може да се реализира и пред тој датум. Засега е неизвесно дали претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА сами ќе го договорот денот за големата одлука, или како и многу пати досега средбата ќе ја организираат амбасадорите на САД и ЕУ, односно нивни заменици. Како што е веќе познато, од 1 септември почнува мандатот на новиот шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, Словенецот со 22-годишна дипломатска кариера, Самуел Жбогар (54).
Извори од партиската четворка велат дека немаат информации дали лидерите имале некакви претходни лични средби или телефонски контакти во контекст на претстојната средба. Доколку партиите се договорат за датум за избори, како најверојатен термин кој досега се спомнуваше, е 11-ти декември. И додека партиите ги подигаат очекувањата дека изборите ќе донесат крај на комплексната криза (правна, политичка, инстуитуционална, морална...) експерти, но и демократската јавност која изминатава година низ протести бараше промени, сметаат дека клучот е повеќе во реформите, отколку во изборите.