Ќе има ли истражна постапка за инцидентот во „Wetten dass“?
13 декември 2010Според официјални извори, изминатите денови до Јавното обвинителство во Дизелдорф пристигнале пет пријави, кои се однесуваат на одговорните лица во ЦеДеЕф. Останува отворено дали пријавите ќе бидат прифатени и дали Јавниот обвинител ќе покрене истражна постапка против некоја од раководните личности во телевизијата.
Тешка несреќа
Во несреќата тешко се повреди дваесет и три годишниот студент Самуел Кох, кој падна во обид со федери на нозете да изведе салто-скок преку автомобил во движење. Поради тоа беше прекината емисијата, во која инаку обични луѓе се обложуваат околу успешноста на изведбата на необични задачи. Ова е прв ваков случај во речиси триесетгодишна историја на оваа забавна емисија. Несреќата деновиве се претвори во повод за дебата во јавноста околу програмите на германскиот јавен радиодифузен сервис и неговата можна лакомост за што поголеми квоти на гледаност.
Готшалк повторно пред камерите
Во меѓувреме водителот на емисијата во која се случи тешката несреќа, Томас Готшалк, одлучи сепак наскоро повторно да настапи на телевизија. Тој имено во договор со раководството на телевизијата ЦеДеЕф, ќе ја води шоу-програмата која прави годишен преглед на настаните во 2010 преку разговори со истакнати личности. Меѓу гостите што се поканети се и актуелниот министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг, актерот Марио Адорф и други истакнати личности од јавниот живот на Германија.
Со тешкиот инцидент се занимаваше и Надзорниот одбор на Втората програма на германската ТВ. Претседателот на одборот, Рупрехт Поленц, инаку политичар од редовите на владеачката Христијанско демократска унија, изјави дека покрај другите теми како буџетот за наредната година, сака со колегите да разговара и за несреќниот случај што предизвика толкаво внимание во јавноста.
Автор: ГЧ/АТ/дпа/афп
Редактор: Симе Недевски