1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Енергијата сѐ поскапа: До кога ќе трае трендот?

Томас Колман
31 декември 2021

Цените на енергија во 2021 година експлодираа. Греењето и точењето гориво се забележливо поскапи. Една од причините е закрепнувањето на светската економија. Но, и политиката придонесува за поскапувањата.

Зимата допрва претстои, што значи дека цените на енергенсите единствено можат да одат нагоре
Зимата допрва претстои, што значи дека цените на енергенсите единствено можат да одат нагореФотографија: picture-alliance /dpa/A. Weigel

На бројни потрошувачи на гас во Германија на домашната адреса им пристигна известување дека од наредната години ќе го плаќаат многу повеќе овој енергенс. Најмногу среќа имаа оние чиј снабдувач најави поскапување од „само“ 10 отсто. Кој има полош договор, ќе плаќа 20 и 30 насто повеќе.

Заздравувањето на глобалната економија јасно се гледа по растот на цените на најважните енергенси. Колку побрзо се опоравуваа најголемите светски економии, американската и кинеската, толку побрзо растеа цените на енергија. А, тие цени во САД и во Европа доведоа до рекордни инфлации. Таквите месечни скокови на инфлација Западот ги помни како проблем од 70-тите или 80-тите години. Во Америка ноемвриската инфлација изнесуваше 6,8 отсто - што е највисока стапка од 1982 година.

Гас има малку и е скап

Од почетокот на пандемијата, цената на природниот гас повеќекратно се зголеми. На важниот виртуелен пазар на гас во Холандија, цената на гасот за мегават-час се искачи од 17 евра, колку што изнесуваше на 4 јануари 2021 година, на 100 евра на крајот на февруари. Тоа е рекорден раст на цената, за околу 500 насто. Инаку, просечната цена со години се движеше во рамки меѓу 15 и 20 долари.

Цените на гасот доживеаја највисок скок во 2021 годинаФотографија: Colourbox

Меѓутоа, цените не се вратија на ниво пред пандемијата. На крајот на јуни годинава, се забележани цени од 60 евра, што е трипати повеќе во однос на долгогодишниот просек. Но, вчера (21.12.) цената собори уште еден рекорд - скокна на 2.004 долари за 1.000 кубици, односно на над 172 евра за мегават-час.

И нафтата во текот на годината беше сѐ поскапа. Барел нафта на крајот на 2020 година чинеше околу 52 долари. Една година подоцна, на 7 декември, цената изнесуваше 75 долари. Пред малку повеќе од месец порано таа изнесуваше дури 83 долари.

Нафтата и пандемијата

Меѓународниот енергетски форум, чие седиште е во саудискиот главен град Ријад, смета дека во втората половина на 2022 година светската побарувачка за нафта ќе го достигне нивото пред пандемијата. Единствена можност тоа да не се случи е појавата на таков сој на вирусот кој повторно би ги присилил на локдаун големите потрошувачи како што е Кина, со што нагло би се намалила побарувачката, па цените би паднале. Пекинг и натаму има стратегија целосно да ја искорени заразата и досега без колебање затвораше огромни пристаништа, фабрики и цели индустриски области, воведувајќи карантин.

Повеќе: „Неподносливи“ цени на енергијата во Европа и барања за интервенција на државата

Никој не знае дали цената на нафтата наредната година ќе се стабилизира на ниво меѓу 70 и 80 долари. Но, речиси ништо не навестува ниска цена на нафтата како во пандемиската 2020 година. Тогаш цената паѓаше и по 20 евра. Во еден момент, за време на целосните карантини во Кина и во Европа, нафтата за првпат во историјата имаше негативна цена - трговците покрај нафта добиваа и малку пари од произведувачите кои веќе не знаеа што да прават со производот.

Германците не сакаат ниту да помирисаат дизел

02:30

This browser does not support the video element.

Но, тоа сценарио е малку веројатно. Поголема е веројатноста дека возачите ќе точат скапо гориво и оти претприемачите скапо ќе го плаќаат транспортот на својата стока.

Сепак, теши фактот што сме многу далеку од рекордната цена на нафтата од јули 2008 година, кога еден барел изнесуваше 147 долари.

Други ценовни фактори - даноците

Според податоците на германскиот сојузен Завод за статистика, до крајот на октомври 2021 година, цените на енергијата се зголемиле за 18%. По привременото намалување на данокот на промет на 16 отсто во втората половина на 2020 година, стапката се врати на стандардното ниво од 19 отсто на 1 јануари 2021 година.

Покрај тоа, во Германија е воведен данок емисиите на јаглерод-диоксид. Секој тон емисии на стакленички гасови, без разлика дали се произведуваат од електрани на гас или од мотори на дизел гориво, чини 25 евра. Според пресметката на Германскиот автомобилски клуб (АвД), тоа го поскапи бензинот за седум центи, а дизелот за осум центи.

Скапа заветрина

И електричната енергија ќе поскапи. Експертите долго време предупредуваат на т.н. „енергетски теснец“ (Energy Crunch) во Европа. Главната причина е што енергетските концерни мораат да трошат повеќе гас, јаглен и нафта во зима, поради грејната сезона, за да се спречи недостиг на електрична енергија. А на берзите за следната година се проценува дека цената на струјата  во Германија ќе биде за 11 отсто поскапа, а во Франција за 7,7 отсто. Ова е показател дека кризата би можела да трае подолго отколку што досега се мислеше.

Ветерница покрај термоелектрана на јаглен во германскиот град ГелзенкрихенФотографија: picture-alliance/imagebroker

Освен тоа, челниците на енергетските концерни, како што е Арне Бергвик, главен аналитичар во шведскиот Јамткрафт, изјавија за медиумската група Блумберг дека зимата допрва доаѓа и ако е студено, цените на енергијата дополнително ќе скокнат во остатокот од сезоната. бидејќи сѐ помалку ќе може да се смета на залихите на гас и енергетските резерви од хидроцентралите.

Значи, светската економија повторно бара сѐ повеќе енергија, а понудата е ограничена, бидејќи со години сѐ помалку се инвестира во фосилни горива. На почетокот на декември, Меѓународниот енергетски форум (ИЕФ) повика инвестициите во експлоатација на нафта и на гас да се зголемат на 523 милијарди американски долари до крајот на деценијата, со цел да се избегне дополнително зголемување на цените и економска нестабилност. Организацијата на земјите извознички на нафта ОПЕК, во договор со Русија, веќе со години ги ограничува количествата на производство на енергенси, за да ја ограничи понудата. Тоа ја зголемува цената.

Покрај сето тоа, поради помалата брзина на ветерот во минатата година, електричните ветерници во Европа  произведоа помалку електрична енергија.

Ценовна политика

Во Германија станува збор за политичка одлука за поскапување на фосилните горива, за да може економијата што побрзо да ги постигне климатските цели. И старата и новата германска влада се држат до планираниот раст на цената на емисиите на јаглерод диоксид по десет евра за тон секоја година. Ова треба да ја намали атрактивноста на користењето автомобили на бензин или дизел за граѓаните и бизнисите.

Затоа, малку е веројатно дека евтината енергија ќе ја има во изобилство во догледна иднина. Цените на енергијата може значително да паднат само ако побарувачката ширум светот драстично се намали, како на почетокот на пандемијата, во пролетта 2020 година. А тоа навистина не го сака никој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми