1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе му помогне ли на Бразил црна магија против „панцирите“?

Јоша Вебер/ Александра Трајковска8 јули 2014

Бразил сѐ уште не го преболе шокот од повредата на еден од клучните играчи, Нејмар. Пред полуфиналето против Германија сѐ се врти околу него. Тој практично не може да се замени, но можеби би помогнала црна магија?!

Фотографија: imago/Christian Ohde

Расположението во Бразил деновиве варира меѓу очај, замисленост, пркос и нескршена надеж. Непосредно пред тешкиот полуфинален натпревар против Германија, секој има свој поглед за шансите на Бразил против Германија во полуфиналето.

„Ќе биде многу тешко без Нејмар“, вели гостилничарката Ана Лусиа, која живее на само неколку стотина метри од кампот на германскиот тим во Санто Андре. „Убаво е што е тука германската репрезентација. Тоа е добро за регионот. Но, се разбира се надевме на победа на Бразил“, вели таа со насмевка.

Оптимист е и такси-возачот Луис: „Ќе ја победиме Германија, сосем сигурно, и без Нејмар“, вели тој.

Дали Сколари „одигра“ погрешно?

Додека целата земја сѐ уште се грижи за здравјето на Нејмар, во Терезополис веќе се разви дискусија: Кој да го замени Нејмар? И дали е тоа воопшто можно? Всушност, речиси и не е. Системот на бразилската репрезентација целосно беше насочен кон Нејмар, и зависеше од неговата брзина и постигнувањето голови. Експертите токму тоа го критикуваа пред почетокот на турнирот, но националниот тренер Луиз Филипе Сколари полагаше на картата Нејмар. И тоа се виде на теренот - сите десет досегашни голови на Мундијалот кои ги постигна Бразил паднаа кога Нејмар се вклучуваше и управуваше со бразилската игра. Во половина од головите беше директен учесник. Меѓу 22 играчи кои Сколари ги избра за исполнување на мисијата победа на домашен терен, сега нема ниту еден кој би можел да ја преземе улогата на Нејмар.

Нејмар е незаменлив во бразилскиот тимФотографија: Getty Images

Сколари затоа стои пред непријатна задача. Бидејќи нема вистинска адекватна замена за Нејмар во својот состав, мора да ја прераспредели одговорноста меѓу повеќе играчи во офанзивата, да го смени концептот. Дали една ваква промена на системот е сѐ уште можна во оваа фаза од турнирот, ќе се покаже.

Да им се врзат нозете на Милер и другите фудбалери од Германија

Можеби на бразилскиот национален тренер по ова комплексно прашање - како да го замени Нејмар - му е потребна едноставно поддршка од Хелио Силман. Овој вуду-свештеник од Рио де Жанеиро е голем фан на бразилската репрезентација. За Бразил да продолжи да го сонува сонот за големото финале на Маракана тој сака да им фрли клетва на противничките играчи во полуфиналниот меч, односно на Германците. „Ги земам водечките играчи и им ги врзувам нозете, за да не можат да трчаат по тревата“, вели Хелио Силман за Спортската служба за информации. Се разбира Силман не мисли притоа на вистинските играчи, туку на вуду-кукли, кои ги прави за најважните играчи од противниците на Бразил.

Вуду-кукли за германските репрезентативци?!Фотографија: dpa

Можеби и навистина ќе помогне, секаква поддршка е добредојдена за „Селесао“ пред тешкиот натпревар. А Нејмар навреме да оздрави пред полуфиналето против Германија, тоа нема да му успее дури ни на Хелио Силман.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми