1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе пораснат ли локалните даноци на имот?

Свето Тоевски22 ноември 2015

Претстојат измени на законот за даноци на имот. Веројатно, потоа ќе уследат зголемувања на локалните даноци на имот, врз основа на пазарната вредност на недвижноста. Граѓаните веќе негодуваат.

Фотографија: DW/N. Velickovic

Заради измени и дополненија на законот за данок на имот, Владата на Македонија уште од летото годинава побара од Заедницата на општини да достави предлог за начинот на ревалоризација на вредноста на основата за утврдување на данок на имотите на граѓаните и стопанските претпријатија. По ова, Заедницата на општини пристапи кон изготвување заеднички предлог, во име на сите 84 единици на локална самоуправа и градот Скопје. Како што дознаваме, тој предлог ќе биде конечно утврден на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС до крајот на оваа седмица и потоа ќе и биде упатен на Владата. Од ЗЕЛС се уште нема навестување што ќе содржи предлогот околу новите даноци на имот, но, првите и основни елементи се веќе познати. На официјалната интернет - страница на Заедницата на општини на почетокот на годинашниов ноември, како и во нејзиното гласило за септември годинава, беа објавени информации, според кои „се предлага основа на данокот на имот да претставува пазарната вредност на недвижноста, која ќе се корегира на секои три години согласно со коефициент утврдуван со посебна Одлука на Советот на општината и на Советот на Градот Скопје за секоја од зоните.“ „Повторната проценка на вредноста на недвижностите, заради утврдување на данокот на имот во Македонија ќе се однесува на целокупниот недвижен имот на секое физичко и правно лица во соодветната зона. Агенцијата за катастар на недвижностите во овој момент врши масовна проценка на вредноста на имотите.“ - се наведува во споменатите информации на ЗЕЛС.

Побаравме изјава од Министерството за финансии во врска со тоа зошто се пристапува кон промени во законот за данок на имот и како се коментираат овие првични ставови на асоцијата на локални самоуправи. До моментот на објавувањето на овој прилог не беа пристигнати одговори на упатените прашања, но, претставници на ова министерство неофицијално ни имаат речено дека првин ќе се почека општините и ЗЕЛС да го достават својот предлог до Владата, а потоа ќе се соопшти и официјален став.

Фотографија: Sveto Toevski

Даноците за имот меѓу најниските во Европа

Што велат општините и нивните градоначалници? Градоначалникот на Брвеница Енвер Пајазити истакнува: „Примената на новиот предлог за начинот на ревалоризација на вредноста на основата за утврдување на данокот на имот на граѓаните и правните лица може да предизвика зголемување на даночните давачки: граѓаните ќе се соочат со нови повисоки сметки и ќе бидат уште повеќе оптоварени. Досегашниот начин на одредување на данокот на имот е во ред, но, и со него досега мачно го наплатувавме данокот на имот во локалните средини. Просекот на наплатеност се движи околу 60 проценти, колку што има и општина Брвеница, со разлики од општини до општини, а само поретките локални самоуправи имаат 70 - тина проценти наплата на овој данок. Со новите проценки на недвижноста и одредувањето на новите даноци на граѓаните и фирмите овој процент ќе започне да опаѓа. Ситуацијата дополнително ќе се искомпликува и поради тоа што во повторната проценка на вредноста на имотот на правните и физички лица ќе бидат вклучени и нотарите: тоа повлекува и повеќе трошоци за обврзниците од данок на имот.“

Надлежните служби на општината Куманово во информацијата за ДВ укажуваат: „За дел од зоните на градот Куманово сигурно ќе дојде до зголемување на пазарната вредност на недвижниот имот (стан, куќа деловен објект), бидејќи во последниве години дел од локациите во централното градско подрачје стануваат поатрактивни, модерно урбанизирани со додадена пазарна вредност на недвижен имот. Со примена на позитивен коефициент ќе се зголеми вредноста на недвижниот имот, а согласно со тоа ќе уследи зголемување и на основата за пресметка на данок на имот. Но, Општина Куманово веќе практикува пресметка врз основа на пазарната вредност на недвижен имот од данок на промет и досега немаме негативни реакции: од 2009 – 2012 е извршена репроценка на пазарна вредност на недвижен имот согласно со тогашната методологија за околу 32.000 даночни обврзници. До овој момент приливот врз основа на даноци на имот е во рамки на планираните буџетски рамки и се наплатени 1 милион и 723 илјади евра. Во овој поглед очекуваме исполнување на планираните буџетски проекции за 90-95 проценти.“ Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски дополнува: „Ние како локална самоуправа ќе имаме зголемување на приходите по основа на новата методологија на пресметка на даноците на имот, но, од друга страна ќе се соочиме и со големи издатоци при експропријацијата на имотите што се вршат, бидејќи и тука ќе се применува пазарната вредност на имотите на граѓаните што ќе им се експроприираат.“

Од експертската јавност доаѓа поддршка за претстојните корекции во даноците на имот, кои ќе ги плаќаат граѓаните и фирмите. Александра Максимовска, професорка по финансирање на локалните самоуправи од државниот Правен факултет во Скопје, коментира: „Даноците на имот во Македонија се на најниското ниво споредено со рамништето во европските држави. Вредностите на имотот долги години беа потценети, а поради тоа општините имаа незадоволителни приходи од даноци на имот. Оправдан е новиот предлог за проценка на вредноста на недвижностите и тоа ќе води кон пореално оданочување, познато во споредбената европска пракса. Зонското пресметување, односно, имањето коефициенти/пондери за секоја зона е познат метод, кој има позитивни резултати во други држави. Очекувам ова да биде успешен проект, бидејќи се работи за реално пресметување, за очекувани повисоки даночни приходи, без притоа да се зголемуваат даночните стапки. Само се применува системот за вистинско вреднување на имотите, кој е попогоден за држави со нерамномерен општински развој како Македонија. Општините со овие здружени мерки преку ЗЕЛС ја покажуваат решеноста да се потпрат врз сопствените приходи, а не врз трансфери од централниот буџет.“

Граѓаните против зголемување на даноците

ДВ праша и дел од граѓаните на Скопје, Тетово и Брвеница: што мислат во врска со планираните корекции во локалните даноци на имот? Б.Б. 36 - годишен жител од Тетово, вели: „Јас сум невработен и во последниве месеци дома немаме пари да платиме ниту 3 - 4 евра месечно за заедничката струја и за чистачка во влезот, а што да кажам за нови зголемени даноци на имот, од каде ќе најдам пари и за тоа? За станот од 64 квадратни метри сега треба да плаќам данок од околу 14 евра годишно, но, и тоа не го плаќам по две до три години не оти не сакам, туку затоа што немам. Граѓаните немаат сила да ги издржат новите даноци на имот.“; З.Џ, 72-годишен пензионер од Тетово, негодува: „А, бе, како нема да почувствуваат граѓаните удар од новите зголемени даноци на своите недвижности?! Јас имам месечно приходи од 350 евра од пензијата и од дополнителни приходи, па пак велам дека и за мене не е малку што и сега треба да плаќам 25 евра годишно данок на имот за мојот стан од 75 квадратни метри во центарот на Тетово. А што ли ќе речат оние што се егзистенцијално загрозени? Драган М. од Скопје е револтиран: „За што да зголемуваат даноци на имот, за што ќе им требаат повеќе пари на општините: дали можеби за новите партиски, ’рамковни“, роднински и какви не други вработувања, се наполнија со луѓе за кои нема ни столче ни место да седнат да работа, а кај се тие општини да ги пополнуваат дупките на улиците, да се грижат за јавното осветлување?! Појдете во Скопје подалеку од центарот, во периферните населби, па ќе ја видите состојбата.“; Јован Г. од Скопје, е револтиран: „За куќата плаќам 50 евра данок на имот годишно, а колку сега треба да биде и заради што да се зголемуваат овие давачки? Луѓето немаат пари да плаќаат, па сега им испраќаат извршители и присилна наплата. И зонска пресметка не му помага на оној што нема за живот. Кој живее во луксузни објекти, нека плаќа луксузни даноци, но, оставете го народот намира од товарењата со секакви плаќања.“

Фотографија: DW

Професорката Максимовска се надоврзува кон овие искажувања на граѓаните: „Мерките за присилна наплата што ги презема градот Скопје во одредени случаи се за оправдување, бидејќи даноците од имот се единствени исклучиви локални даноци. Во однос на реакциите на граѓаните, како и од правните лица, сметам дека секое покачување на одредена јавна давачка доведува до негодување, но, во овој слуучај се работи за утврдување реални пазарни вредности, според прецизна методологија, што доведува до поголема рамноправност на субјектите и општинска конкурентност. Ако е очекувано обврзник да плаќа повеќе штом заработува повеќе, тогаш зошто да не се примени истиот принцип како оправдување и кај проценката на имотите и утврдувањето на даночните решенија? Во посиромашните општини, или во општините со социјално загрозени групи на граѓани постојат опции за намалување на даноците, за отпишување даночен долг и други социјални мерки, кои можат да ги преземат градоначалниците. Даноците од имот се најмалиот дел од даночниот товар на еден граѓанин, или правно лице. Стапките се 0.10-0.20 so 50 отсто ослободување за оние што живеат на имотите, а тоа е најнакрај 0.05 отсто. Нема потреба да се прави ’предвремена бура’ од негодувања пред да се осознае конкретниот исход и разликата меѓу досегашните и идни проценки“.

По доставувањето на предлогот од ЗЕЛС до Владата останува да се види колкави нови даноци од имот ќе се плаќаат во општините во земјата. Но, и дали тоа ќе придонесе кон градба на нови инсфраструктурни објекти.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми