Ќе се бара поништување на американската одлука за Ерусалим
ЕМФ /агенции
18 декември 2017
Советот за безбедност на ОН, според дипломатски извори, денеска би требало да гласа за предлог-резолуција која предвидува повлекување на признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на САД.
Реклама
Во текстот на предлог-резолуцијата, поднесена во Советот за безбедност од страна на Египет, меѓутоа, како што јави агенцијата Ројтерс, не се наведуваат директно ниту САД ниту претседателот Доналд Трамп.
Во предлогот е содржана формулацијата „длабоко жалење поради најновите одлуки во врска со статусот на Ерусалим“. Освен тоа, сите „одлуки и дејства“ кои би требало да го променат статусот на градот се прогласуваат за „ништовни“ и се предвидува нивно повлекување.
Дипломати тврдат дека предлог-резолуцијата има широка поддршка во Советот за безбедност. Таму САД меѓутоа имаат право на вето. Засега нема официјален став од Вашингтон во врска со текстот.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена го призна Ерусалим за главен град на Израел и со тоа навлече меѓународни критики врз себе. Израелската влада ја поздрави неговата одлука.
Во меѓувреме, турскот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека амбасадата на Турција ќе биде сместена во палестинскиот источен дел на Ерусалим. Главна пречка за тоа е израелскиот окупаторски режим во тој дел, но со „божја помош и божја дозвола, се ближи денот кога таму ќе ја отвориме нашата амбасада“, изјави Ердоган во турската провинција Караман пред членовите на владејачката АКП.
Во Ерусалим има турски конзулат, а амбасадата, исто како сите други странски претставништва во Израел, е сместена во Тел Авив. Во средата Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) го прогласи Источен Ерусалим за главен град на палестинска држава. На вонредната средба на ОИЦ, свикана од страна на Ердоган, учествуваа шефови на држави или влади на повеќе од 50 муслимански држави.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.