1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се врати ли светската кајак-елита во Матка?

5 април 2010

Годинешново натпреварување Илинденски кајак слалом имаше балкански карактер. Но, со оглед на некогашниот сјај и тежина на натпреварите на диви води во Македонија, надлежните размислуваат како да го вратат сјајот.

МаткаФотографија: Zlatko Kalinski

На патеката на Матка се одржа 42-то издание на Илинденски кајак-слалом (ИКАС). Најдобриот македонски кајакар Атанас Николовски успеа да го добие двобојот против Хрватскиот олимпиец Динко Мулиќ во кајак-слалом.

Годинешново натпреварување на Матка имаше главно балкански карактер. За тоа, зошто не беше посилен, зборува претседателот на Кајакарската федарација на Македонија, Лазар Поповски. „За нас претставуваше голем предизвик одржувањето на 42-от ИКАС, затоа што имавме многу малку време на располагање. Само 14-тина дена, откако се официјализираше формално-правно обединетата Кајакарска федерација на Македонија.“

Како беше некогаш, а како е денес?

Трајко Јовковски е едно од најголемите имиња на македонскиот кајак на диви води. Екс-репрезентативец на Југославија, четврто пласиран на Европското првенство во 1961 година во Дрезден, се сеќава на првиот ИКАС одржан во 1968-та година. Вели дека на Матка тогаш доаѓала светската кајак-елита. „Тогаш патеката беше сосема поинаква одошто е сега. Тогаш беше природна, со природни препреки во преубав амбиент. Дојдоа многу натпреварувачи од Чешка, Полска, Австрија, комплетната А и Б репрезентација на Југославија... ИКАС беше многу масовно посетен.“

Трајко Јовковски, некогашен член на кајакарската репрезентација на ЈугославијаФотографија: Zlatko Kalinski

Интересна е компарацијата, што ја прави Јовковски на кајакот пред пет децении и денес. „Како и во сите други спортови, во кајакот техниката останува иста. Се менуваат кајаците и начинот на оценувањето. Инаку, патеките во Европа главно се вештачки, добиваат на брзина, такашто ако во тоа време решаваше техника и прецизност, сега решава најмногу брзината.“

Кајакот на диви води е еден од спортовите, кој има убава традиција. Десетици македонски имиња се со голема меѓународна репутација. Патеката на Треска беше поприште на Светското првенство во 1975 година, неодамна и на Европското првенство. Но, за жал квалитетот перманентно опаѓа.

Привлекување млади спортисти - еден од приоритетите

Лазар Поповски до неодамна репрезентативец, од скоро на чело на Кајакарската федерација има визија за враќање на стариот сјај. „Ќе се фокусираме на неколку моменти. Прво да ја подобриме инфраструктурата на патеките на Матка и на оние во Струга и во Дебар. Во мај започнуваме со кампања за привлекување на млади спортисти, низ пионерски школи и во центрите за кајак на мирни и на диви води. Истовремено работиме на логистика на доведување на тренер од странство, кој би бил во својство на тренер-консултант во Кајак-федерацијата. Со тоа би ги помогнале тренерите, кои би имале платен статус во најдобрите клубови. Досега не сме имале тренери-професионалци. Конечно, ќе се фокусираме на репрезентативците Атанас Николовски, Огнен Брежански и Далибор Божиновски, кои се олимписки кандидати за Лондон 2012 година. Целта е да им се овозможат добри подготовки. Манифестациите од типот ИКАС во следната година планираме да аплицираме да прераснат во натпреварувања од повисок ранг, како што се светските и европските првенства, сениорски и јуниорски.“

Лазар Поповски, претседател на Кајакарската федерација на МакедонијаФотографија: Zlatko Kalinski

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми