1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Europa Balkan Grenzen

13 јуни 2011

Прашањето за границите се наметнува откако деновиве претседателот на Србија Борис Тадиќ во едно интервју зборуваше за можна поделба на Косово. Европската Унија по ова прашање нема заедничка политика.

Балканизација вообичаено во политиката е поим за расцепкување на големи државни творби во повеќе мали, честопати меѓусебно непријателски поставени национални држави. На Балканот тоа се случуваше повеќе пати во изминатите векови, но по Втората светска војна со децении немаше проблеми во однос на границите. Дури со распаѓањето на Југославија и војната од 1991 до 1995 дојде до формирање нови држави од поранешните нејзини републики, со тоа и до воспоставување нови граници. Тоа е засновано врз две меѓусебно противречни норми на меѓународното право, објаснува Золвајх Рихтер од фондацијата „Наука и политика“ од Берлин:

„Едната е територијалниот интегритет, а другата - правото на народите на самоопределување. Во Југоисточна Европа имаме голема густина на различни народи и етникуми, кои врз основа на правото на самоопределување негуваат аспирации да формираат сопствени држави“.

Тој процес уште не е завршен. Пред околу три години поранешната српска покраина Косово прогласи независност, во Македонија и натаму има сецесионистички тенденции кај албанското малцинство, а во Босна и Херцеговина постојано има обиди сегашните административни граници да се сфатат како државни граници.

Српскиот претседател Борис Тадиќ во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборува за потреба од спогодбаФотографија: DW

Се разговара за поделба на Косово?

Силни стремежи кон автономија и тенденции за формирање нови, етнички хомогени држави, има и на просторите на некогашниот Советски Сојуз. Тоа постојано води кон конфликти, особено во Кавказот - примери се Нагорно Карабах, Абхазија, Јужна Осетија. Золвајх Рихтер смета дека сепак не се обистинија стравувањата на противниците на независноста на Косово, оти тоа ќе биде преседан и за други држави:

„За развојот во Јужен Кавказ, на пример, значително посилна улога играат локалните околности или други геополитички и стратегиски размислувања, отколку Косово“.

Рихтер смета дека тоа може да се промени ако дојде до поделба на Косово и да предизвика насилни локални конфликти. А српскиот претседател Борис Тадиќ, се чини, политички размислува токму во насока кон поделба. Србија не ја призна еднострано прогласената независност на Косово, токму како и Русија и Кина, па дури и 5 земји на ЕУ. Тадиќ во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ зборува за потребата од спогодба од која „сите страни би добиле по нешто и која би создала одржливо решение, мир и стабилност“. Во овој контекст Тадиќ зборуваше и за Голема Албанија и Голема Србија. Од српски дипломатски кругови се дознава дека зад кулисите веќе од пред некое време се разговара за поделба на Косово - северниот дел да се приклучи кон Србија, другиот кон Албанија.

Неединствена европска политика

Таквите идеи недвосмислено ги отфрли Едмонд Хаџинасто, министер за надворешни работи на Албанија.

„Никој, ниедна земја, вклучително и независната држава Косово, не би требало да биде третиран како плен кој треба да биде поделен, за да задоволи чии било желби. Оти, Косово не е територија, туку општество, а општествата, како и сите нивни граѓани, мора да бидат почитувани. Едно општество не смее да се третира со опсесија за територија. Тоа е целосно погрешно, целосно антиевропско и противно на иднината на земјите од регионот“.

Хаџинасто: Косово не е територија, туку општество, а општествата, како и сите нивни граѓани, мора да бидат почитуваниФотографија: AP GraphicsBank

Европската политика е нединствена по ова прашање - со негативни последици за сите, смета Золвајх Рихтер.

„Тоа значи и дека земјите на ЕУ не се согласни дали навистина треба во блиска иднина да им понудат перспектива за пристап на државите од Западен Балкан. ЕУ е токму на пат да ја поткопа својата сопствена многу силна смирувачка улога“.

А токму сега е важна една јасна и единствена политика на Унијата, оти таа може да го покаже патот кон иднината без војни и етнички конфликти, укажува Франц-Лотар Алтман од Друштвото за Југоисточна Европа од Минхен:

„Ако се види развојот во ЕУ, како границите го загубија значењето во секојдневниот живот, тоа е перспектива која треба да доведе до таму, да се рече - дај да видиме каква можност имаме пред нас, ако успееме да го минимизираме тоа кобно национално размислување и да го свртиме кон разумни изгледи во перспектива“.

Автор: Зоран Арбутина / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми