1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се ослободи ли Зимбабве од Мугабе?

Горан Чутаноски2 април 2008

Германските весници денеска и’ посветуваат внимание на ситуацијата во Зимбабве и натамошната судбина на претседателот Роберт Мугабе, кој цели 28 години управува со земјата.

Ќе си замине ли од власта на демократски начин? Претседателот Мугабе пред гласачката кутија.Фотографија: AP


„Зиддојче цајтунг“ оценува дека ситуацијата поради необјавувањето на изборните резултати е напната, па вели:


„Мугабе можеби може да смета со лојалноста на некои генерали, но во пониските редови на офицерскиот кадар и кај војниците фрустрацијата е голема. Како офицерите, така и полицајците одвај ги прехрануваат семејствата поради хиперинфлацијата. Доколку безбедносните сили се поделат во два табора, тоа би претставувало огромна опасност за Зимбабве, кое би се нашло на работ на граѓанска војна. Владата на Мугабе се’ уште може да го одбегне најстрашното. Ситуацијата е многу опасна и вината за тоа лежи кај Роберт Мугабе, диктаторот опседнат со моќ, кој ја води земјата во се’ полоша ситуација„ – оценува „Зиддојче цајтунг“.


На Мугабе се осврнува и „Рајнише пост“, и тоа на следниот начин:


„За Зимбабве би било најдобро кога авторитарниот владетел Мугабе би се повлекол од власта. Тој за време на 28-те години владеење ја одведе земјата во пропаст. Тој ја водеше како да станува збор за самопослужување и ги злоупотребуваше луѓето за сопствена корист. Ако Зимбабве сака подобра иднина, тогаш мора да ја бара без Мугабе.

Неговото заминување би било добар сигнал не само за земјата, туку и пошироко. Тоа би било доказ дека африканските општества се во состојба да развијат позитивни сили што ќе им отворат нови перспективи на луѓето. Зимбабве порано беше житница на црниот континент, а денес е сиромашно и упатено на помош.“


Во денешен „Ди Велт“ за ситуацијата во Зимбабве ја читаме следната оцена:


„Во оваа земја на југот од Африка би можело да се случи невозможното: еден диктатор да биде сменет од власта по пат на избори. Тоа е вистински зенит на демократијата. Исто како и во соседната Јужно-Африканска Република и во Зимбабве има доволно развиено граѓанско општество, чии структури ги преживеаја сите шиканирања на власта. Се’ уште не е јасно дали Мугабе ќе се повлече на мирен начин, но во секој случај во Зимбабве е направен добар почеток во исправна насока„ – оценува „Ди Велт“.


„Ханделсблат„ манифестира скепса околу можната мирна разврска на кризата, па вели:


„Стари мажи кои биле предолго на власт ретко го наоѓаат вистинскиот момент да си заминат со достоинство. Мугабе е најдобар пример за таа појава. Иако народот на Зимбабве би сакал што поскоро да се ослободи од 84-годишниот владетел и од неговиот корумпиран режим, тој сепак се држи со сите сили за претседателската фотеља. Исто толку колку што е јасен копнежот на народот на Зимбабве по промена, исто толку е мала веројатноста тој да се случи по мирен пат, преку редовните избори„ – скептично оценува „Ханделсблат“.




Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми