1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се проширува ли НАТО скоро или не?

Ж. Ацеска23 април 2014

Во Вашингтон се подготвува голема конференција на која треба да се испита поддршката за идејата за проширување на НАТО, на самитот кој ќе се одржи во септември во Британија.

Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Организирањето на овој собир е на Атланскиот совет на САД, влијателна институција за промоција на проширувањето на НАТО на чие чело до неодамна стоеше сегашниот секретар за одбрана на САД Чак Хејгл, која по почетокот на кризата во Украина е организација која е најгласна во поддршка на идејата за силен одговор од страна на НАТО.

Еден од предлозите на Атланскиот совет е САД, јави дописникот на МИА од Вашингтон, да обезбедат да дојде до проширување на НАТО на самитот во Британија, при што Македонија и Црна Гора би добиле покана за прием, додека Босна и Грузија се надеваат на отворање на процесот МАП, додека можни се изненадувања и во врска со Шведска, Финска и Молдавија.

Атланскиот совет досега го помогна претставувањето на кандидатурите за членство на Украина, Црна Гора, Грузија и Молдавија во САД од страна на нивните државници, а следната недела го планира досега најсилниот израз на намери во оваа насока, свикувајќи ги на едно место министрите за надворшни работи на сите земји кандидатки и голем број други европски држави.

На настанот, на кој ќе се дискутира за досегашните и идните проширувања на НАТО и Европската унија, ќе присуствуваат и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, водечките американски сенатори од областа на надворешните работи: Џон Мекејн, Кристофер Марфи, Роберт Коркер и Роберт Менендез, поранешниот советник за национална безбедност Збигњев Бжежински, поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт и други политичари кои биле или се одговорни за проширувањето на НАТО и Европската унија.

Се очекува од Македонија да присуствува министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој треба да се обрати заедно со колегите од Црна Гора, Албанија, Бугарија и Хрватска. Во Вашингтон се очекуваат и министрите за надворешни работи на Романија, Летонија и Холандија, како и министрите за одбрана на Грузија, Словенија, Естонија и Чешка, и високи претставници на НАТО и други меѓународни организации.

Се очекува овие разговори во Вашингтон, заедно со билатералните средби во американскиот Стејт департмент и Секретаријатот за одбрана кои ќе ги имаат гостите, да го определат исходот од самитот на НАТО во Британија. Како што најави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, до јуни ќе се донесе одлуката за тоа дали самитот во Британија ќе биде самит на проширување, со што конечно ќе запре шестгодишната пауза на зголемувањето на НАТО. Притоа, на патот на Македонија останува да стои нерешниот спор за името, додека од Црна Гора се очекува да спроведе реформи за борба против корупцијата и да обезбеди поддршка на јавноста, која во моментов се противи на членството во НАТО.

„Прашањето на Македонија нема врска со нејзината подготвеност за членство. Секако дека би било подобро и Македонија и Црна Гора да влезат заедно во НАТО. Би било полесно за НАТО да ги прифати заедно. Но, двете прашања треба да се решат одделно едно од друга, а јас мислам дека нема време за Македонија“, изјави неодамна Фредерик Кемп, претседател на Атланскиот совет на САД.

Атланскиот совет, кој го организира американското претставување на кандидатките за членство во НАТО, неодамна го покани премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, кој настапи со силен повик за проширување на Алијансата, за што доби и еднакво силни критики од Москва. Во неговиот настап на почетокот на април, Ѓукановиќ обвини дека Русија во неговата земја и на Балканот води кампања против проширувањето на НАТО. Ѓукановиќ изрази загриженост од можноста за дестабилизирање на регионот од страна на Русија, по примерот на Украина. Од руската страна доби одговор дека Москва е „длабоко разочарана од неговите непријателски ставови кои се на штета на Русија“.

Од друга страна, Финска се изјасни дека, иако се смета за една од можните кандидатки за членство во НАТО, сепак не планира тоа да го стори додека трае кризата во Украина. Министерот за европски прашања Александар Стуб, при неговата неодамнешна посета на Вашингтон, изјави дека во Финска расте интересот на населението за проширување на НАТО, и тој лично сака да ја види неговата долго време неутрална земја цврсто да застане на страната на западните земји. Но, Стуб воедно ги истакна големите трговски врски кои Финска ги има со Русија.

„Ние рековме дека сакаме да влеземе во НАТО кога ќе биде погоден момент за тоа, кога ќе има убаво време. Во моментов времето не е сончево, а ние не сакаме да влеземе во НАТО додека врне“, изјави Стуб.

Молдавија и Грузија, пак, двете земји кои се граничат со Руската Федерација и се соочија со територијални прашања уште пред тоа да и се случи на Украина, ја промовираат својата кандидатура за членство во НАТО при своите посети на Вашингтон, при што освен со потпретседателот Џо Бајден, добија и куси средби со претседателот Барак Обама. Двете земји се најдоа притиснати од трговски санкции од Русија, поради нивната одлука да бидат дел од Источното партнерство на Европската унија, Грузија веќе шест години не може да ги реинтегрира областите Јужна Осетија и Абхазија кои прогласија независност со руска поддршка, додека Молдавија стравува од прелевање на хаосот во Украина во нејзината област Приднестровие.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми