1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се смири ли „судирот на културите„ во Данска?

31 јануари 2006

Исламската заедница во Данска денеска го прифати извинувањето на најтиражниот дански весник „Јиландс постен„ за карикатурите што го прикажуваат пророкот Мухамед како терорист.

Палење на данското знаме на Западниот брег
Палење на данското знаме на Западниот брегФотографија: AP

По повеќенеделни протести во повеќе муслимански земји, дипломатски ноти од 8 држави, закани со бојкот на данските производи и дури палење дански знамиња на палестинските автономни подрачја, ситуацијата сега може полека да се смири. Прашање е само дали она што се подгреваше со недели и месеци може да се смири за кусо време.

На онлајн изданието на „Јиландс постен„ синоќа се појави долго очекувањето извинување на главниот уредник на најпродаваниот дански весник. Спорните карикатури, објавени уште во септември минатата година, не се во спротивност со данксите закони, но тие „неспорно навредиле голем број муслимани„, пишува Карстен Јусте. Данскиот премиер Андерс Фог Размусен го поздрави извинувањето на главниот уредник, но самиот и понатаму одбива да се извини, повикувајќи се на слободата на печатот во неговата земја со долга демократска традиција и немешањето на владата. Од друга страна:

„Не гледам дека кризата е сега надмината. Станува збор за многу сериозна ситуација за нашата земја, која е изложена на огромен притисок„ – оцени Размусен.

Дека ситуацијата стана навистина многу сериозна потврдуваат следните факти: Либија ја затвори амбасадата во Данска, Саудиска Арабија го повлече амбасадорот. Исламски организации имаат намера да го изнесат случајот пред ООН и да бараат заштитна клаузула за религиите. На Западниот брег на реката Јордан на викендот приврзаници на радикалната организација „Ал Акса бригади„ дури палеа знамиња не само на Шведска, туку и на Норвешка, бидејќи едно норвешко списание во јануари ги објави повторно спорните карикатури со недолично претставениот пророк Мухамед. Супер маркетите во неколку арапски земји како Јемен, Саудиска Арабија, Катар и Бахреин ги бојкотираат данските стоки.

По извинувањето на главниот уредник на весникот, отворен е патот за смирување на ситуацијата:

„Мислам дека е многу добро што и премиерот и главниот уредник конечно одреагираа, но ќе биде тешко да се запре бранот протести. Тоа е како кога некој брод супер танкер ќе поќне да кочи, тоа трае додека да запре. Огромни народни маси се кренаа во знак на протест во голем број земји...„ – појаснува имамот Вахид Педерсен од Копенхаген.

Подлогата за ваквата ескалација на состојбата е фактички заострениот конзервативен курс на актуелната влада на Размусен, која меѓу другото ја заостри политиката на азил и доселување во Данска, а поттикна и остра јавна дебата околу т.н. „водечка култура„ во земјата. Во медиумите зачестија изрази како „рак рани на општеството„ , „непродуктивни приматели на социјална помош„ и сл. Кои се однесуваа на странците, а министерот за култура Бријан Микелсен не се воздржа на еден партиски собир ни од следните зборови:

„Среде нашата сопствена земја се создаваат паралелени општества, во кои малцинствата практицираат средновековни вредности и недомократски идеологии. Тоа не можеме да го прифатиме. Една средновековна култура никогаш нема да добие еднакви права со нашата.„

А политичар на десно-популистичката партија што ја поддржува владата на Размусен дури го оцени исламот како „чума за Европа„. Поради ваквиот тон комесарот за човекови права при Советот на Европа Алваро Жил Роблес ги обвини Данците за примитивен национализам и нетолеранција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми