1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе стигнат до Преспа или ќе ја пропуштат историската шанса?

29 мај 2018

За одлучувачки се смета телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас во текот на неделава, најверојатно во среда, но и поддршката од меѓународните партнери на Скопје и Атина.

Bildkombo Alexis Tsipras und Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/abaca/R. De Luca//AP Photo/B. Grdanoski

Следните часови и денови ќе бидат клучни за да се оцени дали има реална надеж разговорите за решавање на спорот за името да доведат до компромисно решение и конечен договор. Ваквиот став преовладува во грчките медиуми, кои не пропуштаат да ја нотираат воздржаноста во грчката влада за последната предлог- рамка што во Брисел ја усогласиле министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Дел од медиумите го отвораат прашањето колку земјите навистина се пред вратата на можен договор, кога грчки владин претставник предупредува дека „некои побрзале да кажат 'оп', пред Скопје да скокне“. Некои не го кријат оптимизмот, други изразуваат воздржаност.

Повеќе: 

Заев и Ципрас ќе го сечат јазолот кон средината од неделава?

Ципрас се коцка во спорот за името со Македонија

За кого бијат Илинденските камбани?

Пораки од Берлин

Медиумскиот фокус е насочен кон денешната средба на шефот на грчката допломатија Никос Коѕијас со неговиот германски колега Хajко Мас, и на изјавата на портпаролката на германското МНР, Марија Адебар, дадена вчера, ден  пред средбата.

„Решението за спорот ќе има позитивен ефект врз билатерални односи на двете земји и за стабилноста на целиот регион“, изјавила портпаролката на германското МНР, пренесува грчкиот весник „То вима“.

Таа потврдила дека на денешната средба Коѕијас-Мас ќе се отвори прашањето за билатералните односи, за кои од германска страна е оценето дека „се развиваат многу добро“ и за кои „г-дин Коѕијас е многу активен“.

„Верувам дека разговорите меѓу Грција и ПЈРМ може да бидат предмет на разгледување од страна на двајцата министри. Ја имаме предвид добрата вест што ја слушаме за разговорите, и го поздравуваме фактот дека Грција и ПЈРМ очигледно се приближуваат во оваа отворена тема за името“, изјавила портпаролката на германското МНР, одговарајќи на прашањето какви се очекувањата на Берлин за решавање на спорот за името.

Во однос на можноста да се најде решение пред претстојните самити на ЕУ и на НАТО, таа истакнала дека не сака да шпекулира, но оти смета дека тоа е прашање за кое денес ќе разговараат двајцата министри за надворешни работи.

Фотографија: Colourbox

Шпекулации за предлог-името

Во недостиг од официјални информации во Скопје и Атина, шпекулациите остануваат главен белег на медиумите. 

„Големото прашање е дали Заев ќе прифати ерга омнес за друго име освен за  'Илинденска'. Да потсетиме дека доминантните имиња од 'пакетoт' на Нимиц се 'Северна Македонија', 'Нова Македонија' и 'Горна Македонија'“, пишува „Ефимерида“.

Според „То вима“, „во однос на името, предлогот 'Северна Македонија' игра посилно во последните неколку часа, иако постојат пречки главно од страна на Скопје“. Уверувањето за тоа весникот го поткрепува со фактот што премиерот Ципрас говорејќи минатите денови во Солун го употребил терминот „нашите северни соседи“.
И „Прототема“ исто така тврди дека на преговарачката маса се три имиња: Горна, Северна и Нова, но и шпекулира дека Никола Димитров го предложил името „Крушевска Македонија“, кое според весникот, „се чини дека Грција досега го одбива“.

„Реалноста е дека Коѕијас и Димитров не најдоа решение за името. Ако го најдеа, договорот би бил објавен. Стана јасно дека тие не се согласуваат и затоа несогласувањето се упатува кон премиерите, така што тие сега преземаат политичка одговорност да го премостат“, пишува „Прототема“.

Според весникот, „Димитров во изминатите неколку дена во САД го тестирал отпорот на Атина, тврдоглаво инсистирајќи на отфрленото име 'Илинденска Македонија', и одбивајќи да прифати ерга омнес за која било друга алтернатива од четирите имиња од пакетот на Нимиц“.

„Овој став предизвика големо незадоволство во грчката влада. Атина појасни дека иако беше подготвена да го затвори договорот минатиот четврток, стана невозможно поради непопустливоста на другата страна. Преговорите беа одржани на интервенција на западниот фактор, кој се сврте кон премиерот на ПЈРМ.

Всушност, сега сме таму“, пишува весникот, додавајќи дека грчката влада очекува „Зоран Заев да ја исполни својата посветеност“.

Одлучувачки разговор

Според „Ефимерида“, одлучувачки ќе биде телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас во текот на неделата, а „најверојатно во среда“, кога ќе се утврди резултатот од неколкумесечните разговори и консултации за приближување до конечно решение.
„Сите податоци укажуваат на фактот дека двајцата премиери ќе се стават печат на договорот во Преспа“, пишува „Ефимерида“.

Уште по средбата Ципрас-Заев во Софија, Преспа беше посочена како место на кое двајцата премиери би се сретнале за да соопштат дека е постигнат договор.
„Во однос на тоа кога ќе ќе се одржи овој состанок, компетентни извори велат  'што е можно поскоро', намерно избегнувајќи посочување дефинитивен датум во оваа критична фаза“, пренесува весникот, додавајќи дека не е исклучено очекуваниот состанок да започне дури и за време на викендот.

Земјите во соседството со интерес го следат непредокот во процесот и даваат поддршка. Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, ја поздрави добрата вест на Скопје и Атина.

„Добрата вест што ја чувме од двајцата колеги - министрите Коѕијас и Димитров, е, дека тие по взаемни преговори постигнале принципиелна согласност за решавање на прашањето за името, и дека очекуваат нивните премиери да го одобрат тоа, за да може процесот да се придвижи напред. Мислам дека тоа е добро и позитивно решение за сите страни во процесот, вклучително и за Бугарија", изјави Захариева.
Но, нотираниот напредок во разговорите ја крева политичката температура во Грција. Со цел да не се дозволи името Македонија да биде содржано во компромисното решение со северниот сосед, забрзано течат подготовки за нови протести закажани за 6-ти јуни во повеќе градови во Грција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми