1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Враќање на нуклеарната енергија?

Дирк Кауфман | агенции
11 јули 2022

Затворањето на атомските централи во Германија беше завршена работа. Но, дали војната во Украина сега станува причина за враќање кон атомската енергија?

Нуклеарната централа Исар во покраината Баварија
Нуклеарната централа Исар во покраината БаваријаФотографија: Peter Kneffel/picture alliance

Во Германија во моментов „во погон“ се само уште три атомски централи: Исар 2 во Баварија, Некарвестхајм 2 во Баден Виртемберг и АКВ Емсланд во Линген, Долна Саксонија. Сите останати се исклучени, а овие три треба да работат само уште до крајот на годинава. Тие во моментов обезбедуваат околу 6% од вкупната потрошувачка на струја во Германија.

Во светло на актуелната геополитичка ситуација веќе има барања активните централи да продолжат со работа. Бидејќи Германија сака што е можно побрзо да се ослободи од зависноста од нафта или гас од Русија веќе постои закана од недостиг на енергија за претстојната зима, поради што сега се потребни други извори на енергија. Проширувањето на производството на електрична енергија од јаглен не е пожелно поради заштита на климата, а за проширување на обновливите извори на енергија е потребно многу време, некои научници и политичари ја гледаат нуклеарната енергија како вистинска алтернатива. Но, има и многу критичари кои мислат дека ова не е добра идеја.

Црвено-зелените коалициски партнери со ист став

Во германскиот парламент има јаз меѓу опозицијата и владата по прашањето за нуклеарната енергија. Црвено-зелените коалициски партнери во голема мера се против продолжување на животниот век на овие централи, во опозицијата пак, но и кај коалицискиот партнер ФДП има поборници за натамошна употреба на атомската енергија. Лидерот на пратеничката група на СПД, Ролф Мицених, се осврнува на ветувањето „дека постепено ќе ја укинеме употребата на атомската енергија“. Освен тоа, достапни се „доволно алтернативи“, смета тој. Канцеларот Олаф Шолц (СПД) и министерот за економија Роберт Хабек од Зелените укажаа дека доволно гориво има за „до крајот на годината“.

Термоцентрала на природен гас во Линген, ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Според канцеларот, еден од аргументите против можното растегнување на употребата на резервите е дека „ова лето произведуваме многу електрична енергија на поинаков начин“. Премиерката на покраината Мекленбург-Предна Померанија, Мануела Швезиг (исто така од СПД) додаде: „Ако никој не сака нуклеарен отпад, тогаш не можеме сериозно да зборуваме дека нуклеарните централи треба да продолжат да работат“.

Либералите на две столчиња

Сепак, некои политичари од Либералите сакаат барем да се провери опцијата дали трите атомски централи би можеле да продолжат да работат. Претседателот на ФДП, Кристијан Линднер, е „за отворена дебата, ослободена од идеологизирање, за тоа дали треба да се задржи и нуклеарната опција“, како што рече тој во говорот пред Асоцијацијата на индустријата, БДИ.

Повеќе: Германија: Помалку гас, повеќе (нееколошки) јаглен

Лидерот на парламентарната група на ФДП, Кристијан Дир, сака да ја „остави настрана сета идеологија“ и се фокусира на тоа „како можеме да спречиме евентуален недостиг на електрична енергија во зима“. Владата треба да испита „до кој степен можеме да користиме и нуклеарна енергија за да го премостиме јазот“.

Јасни позиции од Минхен

Шефот на ЦСУ, Маркус Зедер, се изјасни за продолжување на работата на атомските централи. Таквото продолжување е „дефинитивно“ можно, изјави баварскиот премиер за Дојчландфунк. Во ваква сериозна ситуација мора да се зборува за сите опции затоа што „веројатно се движиме кон најголемата економска и социјална криза на оваа земја во последните децении“. Шефот на АфД, Тино Хрупала, исто така се изјасни за продолжување на работата на атомските централи.

Фотографија: Kimimasa Mayama/Epa/dpa/picture alliance

Теоретски изводливо

Ако трите атомски централи кои сѐ уште работат продолжат со работа и по 31 декември, треба да се измени Законот за атомска енергија. Во тој случај мора да се измени актуелно важечкото временско ограничување и да се дефинираат нови количества за производството на струја.

Трите атомски централи би можеле да работат и по 31 декември годинава, но со ограничени капацитети и би произведувале помалку струја од досега. Причина за тоа е што во тој случај постоечките ресурси би ги согорувале побавно за да траат подолго.

Набавката на нови, за да се постигне истиот капацитет, трае 12 до 18 месеци, иако има опција и во претстојните шест месеци да се дојде до дел од нив. Но, за тоа да се оствари според весникот „Ханделсблат” нарачката веќе сега мора да биде направена.

Дали има доволно стручен персонал?

Сојузните министерства за економија и за екологија се скептични во однос на продолжување на работата на централите, меѓу другото и затоа што во моментов нема доволно стручна сила. „Потребните персонални ресурси за натамошно работење веќе ги нема и допрва ќе мора да бидат градени”, се вели од министерствата во заедничкиот став. Тоа важело и за надзорните одбори и вештаците.

Претставници од браншата различно гледаат на тоа. Од Здружението на лобисти „Атомска техника Германија” сметаат дека нема недостиг од стручни лица. „Квалификуван персонал генерално може да се најде, бидејќи постројките мора и по затворањето на централите да ги задоволат безбедносните стандарди кои важат во време на активното работење”.

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

02:18

This browser does not support the video element.

Нема разбирање кај компаниите

Во меѓувреме компаниите кои управуваат со сѐ уште активните централи (ЕнБВ, Еон, РВЕ) не се согласија за продолжување на работењето. Од РВЕ изјавија: „Нашата централа во Емсланд е насочена кон згаснување на работата на крајот на годината. Дотогаш ресурсите ќе бидат потрошени, а продолжување на работата би значело соочување со големи препреки”. И ЕнБВ и Еон повеќекратно посочија на досегашниот став на владата. Првиот човек на РВЕ, Маркус Кребер, смета дека актуеланата дискусија е ретроградна. „Се чудам по малку за дебатата и пред сѐ за тајмингот во кој ја водиме”, рече Кребер за телевизијата „Велт” додавајќи дека „е предоцна за тоа”. Според Кребер не може едноставно да се набават ресурси за атомска централа, туку мора „точно да одговараат на типот на реактор”.  Се работи и за „прашањето на безбедносната архитектура, безбедносните контроли и кој каков ризик ќе преземе врз себе”.

Целата дебата не води никаде, смета Кребер. „Мора да се погрижиме за нештата кои навистина ги решаваат  проблемите. Да се изгради инфраструктура за гас, за да штедиме на гасот.” Пред сѐ мора да се забрза енергетскиот пресврт. „Мора да донесеме нови технологии наместо да водиме дебати за тоа дали нешто ќе работи уште месец плус", заклучи Кребер. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми