1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битка против градежната инвазија на Водно

Екипа на ДВ
21 март 2022

И покрај апелите и жалбите кои ги поднесуваат жителите на улицата Питу Гули до Општина Центар, продолжува градењето на објект на парцела во парк шумата Водно, над нивните домови, до која нема пристап.

Nordmazedonien Skopje  Illegale Bauten
Фотографија: Bürgergruppe zum Schutz von Vodno

Водно никако да куртули од градежната инвазија која му се случува. Ниту опасноста од ерозија на земјиштето, ниту судските процеси коишто во моментов се водат за „Плацевите на Водно“ не ги попречија инвеститорите да ги реализираат нивните градежни планови, навлегувајќи длабоко во белите дробови на Скопје. И покрај апелите и жалбите кои ги поднесуваат жителите на улицата Питу Гули до Општина Центар, продолжува градењето на објект на парцела во парк шумата Водно, над нивните домови, до која нема пристап. Граѓаните се прашуваат што се крие зад издаденото одобрение за градба, кое според нив е дадено за еден спрат повеќе од дозволеното, замаскирано во „галерија”. 

„Парцелата на која е дадено одобрение за изградба нема пристап до јавен пат, што значи дека не е изведена и не е можно по легален пат да се изведе никаква инфраструктура. Единствен начин за да се добие пристап е да се изгради нова улица на ридот која не е во Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година“, велат граѓаните од Питу Гули. 

Тоа што особено ги загрижува и што според проектот за архитектура во објектот се предвидени 10 спални соби и 7 купатила, а според проектната документација се предвидени 20 спални соби и 30 купатила. Тоа според нив, укажува дека објектот нема да биде луксузна семејна куќа, туку ќе биде или мотел, преноќувалиште, дом или хотел. 

Што се гради на Водно - луксузна семејна куќа, или мотел, преноќувалиште, дом, хотел... Фотографија: Bürgergruppe zum Schutz von Vodno

Барање за поништување на одобрението за градба

На 18 март жителите на Питу Гули, улицата која се наоѓа веднаш под спорните „Плацеви на Водно“ - за коишто во моментов се води судски процес, поднесоа барање за поништување на Одобрението за градење издадено на Маркеза ДООЕЛ од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ. 

Според нив, одобрението е издадено спротивно на Деталниот урбанистички план за овој дел. Согласно со Извод од план за градежна парцела бр 10.75 - тука, дозволената максимална катност е П + 1 + Пк. Планираната градба во основниот проект врз основа на кој е издадено одобрението за градење - предвидува еден спрат повеќе од дозволеното - кое инвеститорот се обидел да го замаскира со поимот „галерија“, инаку термин кој е непостоечки во Законот за градење. Спратот додаден како „галерија“ има функционална висина (2,65 м), додадена над висината од 3,35 м на приземјето. Општината направила превид и така приземјето станало спрат со висина од 6 метри. 

„Со наводната 'галерија', Општината на инвеститорот му дозволила да добие уште еден спрат од градбата, што е спротивно на параметрите утврдени со ДУП-от. Општината доделила Одобрение за градба, без да овозможи пристап до истата, што е спротивно на член 94 од Законот за градежно земјиште. Во фактичката состојба не постои пристап до самата парцела. Во моментов, ДУП-от предвидува „Улица 5“ како пристап до парцелата, но таа во реалноста не постои, а не постоела ниту во моментот на извадање на Одобрението во прашање. Општината ја нема предвидено изведбата на оваа улица во својата Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година“, вели адвокатката Сузана Јошевска - Анастасовска. 

Жителите на Водно укажуваат дека во моментов постојат нерешени прашања со соседните парцели кои дополнително ги отежнуваат прашањата околу издаденото одобрение за градба. Велат дека инвеститорот бара начин како да обезбеди пристап за да отпочне со градење. 

„Соседите кои живеат таму повеќе од 50 години се изложени на постојани притисоци и трошоци за изработка на елаборати за да ја докажат точноста на оградувањето на нивните парцели надевајќи се дека општината нема да пронајде слабост која инвестиротот би ја искористил за да добие пристап“, раскажуваат жителите на Водно. 

Правни механизми 

Тие изминатиот период имале неколку средби со градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски кој покажал интерес за да помогне да се реши овој проблем со урбанизација на ридот на спорните парцели. Неговиот став бил доколку успеат да се најдат правни механизми дека ќе направи сé за да се поништи првото и постоечкото одобрение за градба на ридот и да се спречат идните одобренија за градба. 

Надлежните бараат правни механизми за да се поништи одобрение за градба на ридот и да се спречат идните одобренија за градба.Фотографија: Bürgergruppe zum Schutz von Vodno

Ваквиот став Герасимовски го потврди и во изјава за „360 степени“.  

„Зошто се дозволувале дозволи искрено? Не само за оваа, туку и за други дозволи за згради кои што се одобрувале во тој дел од Центар. Бидејќи Водно е белите дробови на градот, лизгаво е земјиштето и јас барам правни механизми како тоа целосно да се сопре. Во делот на дозволи за градба, понатаму во тој дел бараме начини како да истото се стопира и да самата општина нема правни последици и финансиски последици. Истото сум горе- долу сигурен дека ќе го реализираме“, порача градоначалникот на Центар. 

-повеќе на темата: Нов атак врз природата - ќе се гради населба на падините на Водно

Експертите од Шумарскиот факултет изготвија елаборат во кој оваа шума во која се наоѓа парцелата со добиено одобрение е засадена како дел од големата акција за пошумување која започнала во далечната 1928 година. Целта на пошумувањето била биолошка стабилизација на почвата и заштита од ерозија ипоплави. Оваа шума, како и целата планина Водно, е првото законски прогласено ерозивно подрачје во државата. Сите климатски сценарија, се наведува во елаборатот, укажуваат дека во иднина ќе има сè почести и поинтензивни поројни врнежи, кои дополнително го оправдуваат стравот од свлечишта, ерозии и поплави. 

Во непосредна близина се наоѓа и Претседателската резиденција. На целиот рид движењето е ограничено токму поради безбедносни причини, па според жителите на Питу Гули се провлекува прашањето - како е дозволена измената во овој дел на Водно, без да се земат предвид овие многубројни аргументи. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми