1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

„Волшебно оружје“ на војската на САД против коронавирусот?

Александер Фројнд
7 февруари 2022

„Пан-коронавирус-вакцината“ на американската армија, СпФН би требало да заштитува од сите соеви на коронавирус, сегашни и идни, и да ја елиминира потребата од редовна вакцинација. Експертите се скептични.

Дали наскоро американските војници ќе примаат вакцина, која штити од сите видови и соеви на коронавирусите?
Дали наскоро американските војници ќе примаат вакцина, која штити од сите видови и соеви на коронавирусите?Фотографија: Brian A. Barbour/U.S. Army/Zuma/picture alliance

„Супер-вакцина“, „ пан-коронавирус-вакцина“, „волшебно оружје“ - сето ова би требало да биде вакцината против коронавирусот СпНФ, која во моментов ја тестира американскиот воен истражувачки институт. Бидејќи оваа вакцина со шилести феритин наночестички, скратено СпФН, би требало да заштитува од инфекции од голем број варијанти на коронавирусот. Редовни засилувачки-вакцини така не би биле потребни, дури и ако се појават нови соеви.

Како функционира супер-вакцината?

СпФН е протеинска вакцина. И принципот на дејство е сличен на оној на протеинската вакцина на Новавакс, која беше одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА) на крајот на декември.

СпФН се базира на феритин, ендогена протеинска молекула која може да складира железо. Оваа протеинска молекула се превиткува во 24-страна топка, слично како фудбалска топка. На секоја страна пото може да се нанесе карактеристичниот шилест протеин на различните соеви на коронавирусот. Ова овозможува вакцината лесно да се менува и модифицира.

И претходно одобрените вакцини, исто така, ги  таргетираат шилестите протеини, бидејќи со нив, како што е познато, коронавирусите продираат во човечките клетки. Со вакцинацијата се создаваат антитела кои се врзуваат за шилестиот протеин на таков начин што вирусот повеќе не може да се прицврсти за неговиот рецептор на нашите клетки и, согласно тоа, повеќе не може да зарази.

Истовремено, вакцинацијата ги активира Т-клетките, кои ги препознаваат и ги убиваат инфицираните клетки во случај на инфекција и на тој начин го спречуваат размножувањето на вирусот. Вакцината СпФН, освен тоа има и засилувач на дејството кој веднаш го става имунолошкиот систем во состојба на зголемена готовност (во воен жаргон). Овој активен засилувач АЛФКју би  требало да биде особено безбеден и ефикасен.

Освен тоа, за разлика од иРНК вакцините (Фајзер, Модерна), СпФН не треба да се чува во фрижидер на двоцифрена температура под нулата, што го олеснува складирањето и дистрибуцијата. Ова важи и за протеинската вакцина од Новавакс.

Успешно тестирана на мајмуни

СпФН беше развиена во Институтот за истражување на армијата Волтер Рид во Силвер Спринг, Мериленд. Прво, ковид-вакцината со феритин- наночестички беше тестирана на резус мајмуни.

Вакцинацијата предизвика силни неутрализирачки антитела против оригиналниот коронавирус, како и против четирите варијанти Алфа, Бета, Гама и Делта, па дури и беше ефикасна против вирусот САРС-1, иако овој тип на вирус значително се разликува од САРС-КоВ-2, пишуваат истражувачите од институтот во списанието Сајенс Транлејшенал Магазин.

Според извештаите на медиумите, антителата создадени со вакцината СпФН, исто така, би можеле да се справат и со сојот Омикрон.

По успешните тестови на резус мајмуни, веќе се спроведени и студии од прва фаза на луѓе,  соопшти Институтот Волтер Рид. Овие тестови врз луѓе имаат за цел да дадат информации за тоа дали ефективноста на СпФН може да се пренесе и на луѓето и дали вакцината добро се поднесува.

Тестовите имаат за цел да го отворат патот „за универзална вакцина која не само што штити од сегашниот вирус, туку и од идните варијанти“, вели копронаоѓачот на вакцината, Др. Кејвон Моџарад. „Би сакале да ги почекаме клиничките податоци пред да ги објавиме во јавноста, но досега сè се одвива токму како што се надевавме“.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

02:02

This browser does not support the video element.

Наредниот коронавирус пред очи

Долгорочно, според главниот медицински советник во Белата куќа, Ентони Фаучи, развојот на универзална вакцина против коронавирус може да помогне да се спречи наредна пандемија.

„Се инвестира многу, не само во подобрувањето на вакцините што ги имаме за САРС-КоВ-2, туку и во развојот на следната генерација вакцини, особено универзалните вакцини против коронавирус“, рече Фаучи на сослушувањето во Конгресот.

Не е случајно тоа што американската војска сака да развие ефикасен „сребрен куршум“ против коронавирусите. Последните децении покажаа дека и во иднина се очекуваат агресивни коронавируси. „Забрзаната појава на човечки коронавируси во текот на изминатите две децении и порастот на варијантите САРС-КоВ-2, меѓу нив и најновиот сој Омикрон, ја нагласуваат континуираната потреба за превентивни вакцини од следната генерација кои нудат широка заштита од коронавирусна болест“, истакнува пак копронаоѓачот на СпФН-вакцината, Кејвон Моџарад.

„Нашата стратегија  се состои од тоа да развиеме технологија за 'пан-коронавирус' вакцини , која потенцијално би можела да обезбеди сигурна, ефикасна и оддржлива заштита од повеќе видови и соеви коронавирус“, истакнува Моџарад.

Ентони Фаучи, главниот медицински советник на Белата КуќаФотографија: CAP/MPI/RS ©RS/MPI/Capital Pictures/picture alliance

Сомнежи за „волшебното оружје“

Останува да се види дали вакцината развиена од американската војска е всушност „волшебно оружје“ што ќе донесе одлучувачки пресврт во пандемијата и ќе ги држи под контрола идните варијанти.

„Овде не гледам 'чудотворна вакцина'“, вели др. Андреас Радбрух, имунолог и научен директор на германскиот центар за истражување на ревматизам во Берлин. „Допрва ќе се види дали оваа вакцина штити од сите можни варијанти на САРС-КоВ-2 кои не постојат денес. Би бил скептичен“.

Дури и во споредба со протеинската вакцина на Новавакс или со иРНК вакцините, кои исто така може да се менуваат многу брзо, СпФН не е ултимативниот „менувач на играта'. „Мислам дека оваа вакцина не е фундаментално супериорна во однос на многу други вакцини кои моментално се во развој, кои исто така се потпираат на нешто повеќе од само шилестиот протеин, барем концептуално“, вели имунологот Радбрух. „Во принцип, се разбира, тоа би било добро кај вакцините  да имаме малку повеќе избор, особено оние со повеќе компоненти на вирусот. Но, не треба да заборавиме дека големата предност и на иРНК вакцините е тоа што тие можат многу брзо да се прилагодат на новите варијанти“.

Значи, не треба да се надеваме на „волшебно оружје“, бидејќи веќе имаме „супер вакцини“ кои го држат под контрола актуелниот коронавирус  САРС-КоВ-2, кои значително ги намалуваат тешките облици на Ковид-19 и кои исто така можат лесно да бидат модифицирани и за идните коронавируси, благодарение на новата иРНК-технологија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми