1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѝ требаат ли на Германија построги закони против исламистите?

Карла Блајкер/ Симе Недевски14 август 2014

Да се протераат или да им се забрани враќање во земјата? Германските политичари расправаат за воведување построги мерки за германските џихадисти и странските исламисти во Германија. Но, работите не се толку едноставни...

Фотографија: picture-alliance/dpa

Во граѓанската војна во Сирија учествуваат и германски исламисти. „Од почетокот на конфликтот, според наводите на германската Служба за заштита на уставниот поредок, повеќе од 400 фундаменталисти отпатувале од Германија во Сирија. Околу 100 од нив во меѓувреме се вратија- од кои 10 со борбено искуство“, изјави во јуни Ханс-Георг Масен, шеф на Служба за заштита на уставниот поредок. Кога станува збор за Ирак, во кој состојбата ја диктираат милитантните борци на „Исламската држава“, сѐ уште нема точни податоци.

На кој начин Германија треба да се однесува кон повратниците и другите радикални исламисти во земјата? Во секој случај построго отколку досега, ако се прашува Волфганг Босбах, претседател на Комисијата за внатрешни работи во германскиот Бундестаг. Тој во разговорот за весникот „Берлинер цајтунг“ во понеделникот (11.8.) рече дека Законот за странци во Германија мора да биде заострен за да се спречи опасност од насилни исламисти. „Не смееме да бидеме толерантни на погрешно место“, изјави Босбах, инаку член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), партијата на канцеларката Ангела Меркел.

Колку опасни можат да бидат исламистите со борбено искуство се покажа минатиот мај во Белгија. Таму Мехди Немуч беше осомничен дека во Еврејскиот музеј во Брисел убил 4 лица. Претходно овој француско-алжирски џихадист наводно учествувал во борбите во Сирија.

Фотографија: Reuters

Босбах и уште неколку членови од ЦДУ сакаат да воведат построги правила против две различни групи: странски исламисти кои престојуваат во Германија и германски граѓани кои се враќаат во земјата по „ангажманот“ на страната на милитантните борци на пример во Сирија или Ирак.

Побрзо протерување на странците?

Кога станува збор за исламистите од странство, политичарите го бараат следното: што е можно побрзо заминување од Германија. „Оној кој заедно со терористите се бори во сириската граѓанска војна, тој го губи своето право на престој“, рече Армин Лашет, претседател на ЦДУ во Северна Рајна Вестфалија за радиото Вестдојчер Руднфунк. Тој исто така сака построги закони за странците кои сториле казнени дела.

Исто размислува и Босбах. Тој бара зострување на законите со цел странците, кои сториле казнени дела, да можат побрзо да се протераат од Германија. Босбах смета дека пресудата од времетраење една година затвор е доволна Германија да може да донесе одлука за протерување на странскиот државјанин кој е казнуван. Досега за тоа беше потребна казна затвор од најмалку 3 години.

Волфганг Босбах, претседател на Комисијата за внатрешни работи во германскиот БундестагФотографија: picture-alliance/dpa

Чист популизам?

„Тоа е чист популизам“, вели франкфуртскиот адвокат Рајнхард Маркс. Овој стручњак за правото на престој во државата објаснува дека уште во законот од 2004. година е содржано т.н. протерување врз основа на факти. Тоа важи за лица за кои е докажано дека припаѓаат на некоја терористичка организација или поддржуваат некоја слична група или поддржувале.

„За случаите за кои се води расправа сѐ е веќе тука во законите“, вели Марс за ДВ. Прашањето дали е неопходна тригодишна или едногодишна казна затвор за некој да може да се протера, овој правник во случајот за исламистите во Германија го смета ирелевантно.

Правилото кое го предлага Босбах има за цел „потполно други групи кои со ова немаат ништо“, вели Маркс. „Тоа ги погодува сите млади странци кои се тука и имаат проблеми во текот на растењето.“

Тешкотии кога станува збор за германските државјани

Исламистите кои се германски државјани, за волја на вистината не можат да се протераат. Но, Гинтер Крингс (ЦДУ), парламентарен државен секретар во Министерството за внатрешни работи веќе има поинакви планови за фундаменталистичките борци кои се враќаат во Германија од Сирија или Ирак. „Наша цел мора да биде спречување на нивното враќање“, изјави тој за весникот „Велт“.

Армин Лашет, претседател на ЦДУ во Северна Рајна-ВестфалијаФотографија: picture-alliance/dpa

И Армин Лашет истотака политичар од ЦДУ, бара на Германците кои поддржуваат терористички организации како „Исламската држава“ да не им иде дозволено враќање во земјата. „Тука ни треба уште поголема непопустливост на државата, инаку во еден момент ќе се соочиме со тероризам тука во Германија“.

Се рзбира притоа постои еден проблем: државата не смее на еден германски државјанин да му забрани враќање во татковината, објаснува правникот Рајнхард Маркс. Тој истакнува дека мора да се дејствува уште порано: „Заминувањето од земјата може да се спречи. Тоа е регулирано со Законот за патни исправи“, вели Маркс. Тој потенцира дека доколку е доцна за таква можност, останува уште и можоста за следење. Лашет пак говори за „постојан надзор“ на исламистите кои од џихад се враќаат во Германија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми