1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Џамиите под закана, се бара заштита од државата

Даниел Хајнрих
25 јули 2019

Муслиманите ширум Германија се вознемирени од серија закани за бомбашки напади врз џамии. Претставници на исламските здруженија се обратија до властите - не се чувствувале доволно заштитени од страна на државата.

Bombendrohung gegen Ditib-Moschee in Duisburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Едно се чини јасно, на Нурхан Сојкан ѝ е смачено. Откако само во тековниов месец имаше закани за бомбашки напади врз џамии во Изерлон, Вилинген Швенинген и Минхен, како и врз централната џамија на ДИТИБ во Келн, најголемиот муслимански верски комплекс во Германија, во изминатите денови се појавија закани насочени и против џамиите во Дуизбург, Манхајм и Мајнц.

49-годишната Нурхан Сојкан е правник и портпарол на Координативниот совет на Муслиманите во Германија (КСМ). КСМ е работна платформа на четирите најголеми исламски организации во Германија, формирана во 2007 година. Членки се Централниот совет на муслиманите во Германија, Турско-исламската унија на агенцијата за религија, Исламскиот совет за Германија и Здружението на исламски културни центри. За Сојкан повторните закани се доволно добра причина за да се обрати до германските власти со итен апел. „Муслиманите се длабоко вознемирени. Државата има обврска да преземе мерки за градење доверба", изјави таа во вторникот во Келн. Сојузната влада, според нејзе, има обврска да обезбеди секој човек својата религија да ја практикува без страв и заштитен од насилство. „Нашиот соживот е загрозен, со тоа и нашата демократија. Тоа е неприфатливо."

Со своите зборови Сојкан наиде на отворени врати кај Ајман Мазиек.

50-годишниот жител на Ахен е претседател на Централниот совет на муслиманите во Германија. Во интервју за ДВ тој не ја крие својата загриженост од можни насилства врз муслимани. За него е јасно дека „анимозитетот спрема исламот, односно муслиманите, е многу пораснат”. Тој вели дека „речиси на неделно ниво се нанесуваат штети на џамиите". Има сѐ повеќе напади и врз физички лица.

„Од 2017., кога за првпат имаше антиисламски мотивирани напади врз муслимани и нивни објекти, бројот на напади во кои се повредени луѓе е сѐ поголем. Квалитативно нападите се многу пострашни и бројот на нерегистрирани случаи многу поголем, бидејќи полицијата и правосудството не се сензибилизирани и едуцирани за тематиката." Ситуацијата дополнително се и поради тоа што многу муслимани не поднесуваат кривична пријава.

Демонстрации на муслимани против расизмот во Германија и АфД (Берлин, 03.09.2016)Фотографија: imago images/M. Heine

Предрасуди спрема муслимани

Официјалната статистика ја поткрепува тезата на Мазиек. Според податоци од Министерството за внатрешни работи, во 2017 биле регистрирани 1.075 случаи на антиисламски кривични дела. 239 џамии биле нападнати. За 2018 сѐ уште нема финални бројки, но на барање на пратеничката група на Левицата беа соопштени привремени податоци кои укажуваат дека бројот на повредени во 2018 е зголемен. 40 лица биле повредени во антиисламски напади до септември минатата година. За споредба, во 2017. во истиот период имало 27 случаи, а на ниво на цела година 32 напади.

Повеќе:

Колку џамии има во Германија?

Данок за џамиите: Добро, исправно, неопходно

Германија - „Кога горат џамиите, гори нашата земја“

Колку предрасудите спрема муслимани се распространети во општеството покажува и студија на фондацијата „Фридрих Еберт“. Во серија репрезентативни студии фондацијата од 2006 година на секои две години ја истражува застапеноста на десноекстремистички ставови во Германија. Истражувачите, меѓу другото, ги разгледуваат и предрасудите спрема различни делови од општествените слоеви и групи. Резултатот е дека речиси секој петти анкетиран граѓанин имал одбивен став спрема муслимани.

Вакви слики се исклучок: Полиција пред џамија во Берлин, по масакрот во Крајстчрч, Нов ЗеландФотографија: DW/C. Strack

Нема постојана полициска заштита

Со оглед на таквите бројки не зачудува фактот што некои муслимански заедници уште пред неколку години самоиницијативно преку семинари почнале да се подготвуваат за справување со заканите, изјави Мазиек уште пред неколку месеци. Воведени се безбедносни контроли, се работело на подобра комуникација со полицијата, како и на подигање на свеста за да се избегне забошотување на кривичните дела во заедницата. При сета претпазливост, факт е дека перманентна полициска заштита за џамиите досега не е воведена.

Првиот полицаец во државата, министерот Хорст Зехофер, досега искажуваше само општи ставови. „И верски институции може да бидат мета на терористи. Ако има индиции за опасност, мерките за заштита ќе бидат засилени."

За Нурхан Сојкут таквите декларативни заложби, со оглед на актуелните закани за бомбашки напади, веќе не се доволни. „Многу се потценува потенцијалната опасност во моментов. Не се излезе во пресрет на нашите барања за поголема заштита на џамиите."

Бомбашките напади за среќа не се случија, но со оглед на актуелните околности верниците не можат слободно да ги посетуваат џамиите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми