Џамија на дресот на Келн предизвикува политички потреси
БГ/ ДПА
13 август 2020
Бундеслигашот Келн јавно ја поздрави одлуката на еден навивач да го прекине членството во клубот поради изгледот на новиот дрес. Навивачот вели дека не може да се идентификува со џамијата која е претставена на дресот
Реклама
Во нормални околности, загубата на навивач или член е причина за загриженост за секој фудбалски клуб, но членот на германската Бундеслига се обиде да ги стави принципите пред профитот.
Во вторникот, германскиот клуб јавно му посака збогум на еден навивач кој не се согласуваше со изгледот на новите дресови за гостинските натпревари на Келн.
Покрај келнската Катедрала, реката Рајна и други обележја на градот, на новиот дрес на Келн е извезена и големата џамија во градот.
Навивачот тврди дека таквата одлука го претвора фудбалскиот клуб во „верска организација“, и дека тој не може „да се идентификува со муслимани и џамии“. Клубот експресно го прифати неговото барање, и го исклучи од членство.
Градот Келн има голема муслиманска заедница и клубот смета дека додавањето на џамијата на дресот ќе биде „знак на инклузивност во градот“.
Но келнската Централна џамија, која беше отворена во 2018 година од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, е контроверзен избори, затоа нејзината изградба беше ко-финансирана од верската заедница на турската влада во Германија (ДИТИБ).
Директорот на Келн, Александер Верле ја објаснуваше одлуката за таблоидот Билд.
„Џамијата е симболична за големата турска заедница во Келн, меѓу кои има многу навивачи на ФК Келн. И таа стана неизоставен дел од панорамата на градот“.
„Тоа важи без оглед на нечиј политички став за раководителот на џамијата (ДИТИБ)“, рече Верле.
10 причини да се вљубите во Келн
Уметност, култура и карневал.. Но, Келн има многу повеќе: старите зградите во градот раскажуваат за двеилјадигодишната историја, а тука се и бројните саеми, музеи и извонредниот ноќен живот.
Фотографија: Dieter Jacobi/KölnTourismus GmbH
Катедралата во Келн – буквално огромен споменик
Околу 20.000 луѓе дневно ја посетуваат катедралата во Келн, поради што таа се вбројува во најпопуларните туристички дестинации во Германија. Катедралата во Келн е изградена пред повеќе од 700 години, а беа потребни речиси исто толку години истата да биде изградена. Готското архитектонско дело се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО од 1996 година.
Фотографија: Udo Haake/KölnTourismus GmbH
Стариот градски центар – модерно историско место
Стариот градски центар за време на Втората светска војна беше речиси целосно уништен. Голем дел од предните фасади, на веќе постоечките куќи од 1960-те години, беа реконструирани во историски стил, како што е прикажано на сликата погоре, снимена на познатиот Фишмаркт во Келн. Во тесните улички на стариот градски центар може да се најде голем избор на таверни, ресторани и пивници.
Фотографија: Jens Korte/KölnTourismus GmbH
Дом на традиционалното келнско пиво
Луѓето во Келн најмногу уживаат во локалното пиво „Kölsch“. Ова пиво смее да се произведува само во Келн и блиската околина. Се сервира во „Kölschstange“ – висока и тенка чаша од 200 мл. Се конзумира најдобро во придружба со некој од локалните специјалитети како што се „Himmel und Äad“, што на локалниот диjалект значи рај и земја – ова јадење се состои од пире, каша од јаболко и крвав колбас.
Фотографија: Privatbrauerei Gaffel
Музеи – од антички до модерни времиња
Во Келн, љубителите на уметноста и културата се соочуваат со проблеми при изборот на галерија или музеј за посета - бидејќи во градот ги има безброј. Музејот Лудвиг, на пример, има изложби на модерна уметност, на поп арт и експресионистички дела. Во Келн секој ќе го најде „својот“ музеј бидејќи има сѐ - од времето на антички Рим до модерна технологија и чоколада.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg
Цркви – сведоштва за поранешната слава
Во средниот век, Келн бил најголемиот град во светот каде се зборува германски, а бил и важен христијански центар. И денес, многу од светите градби во градот, вклучително и 12 романескни цркви, се сведоци за историската религиска важност на Келн. Св. Марија во Капитол е најголемата од нив, а е изградена на локацијата на антички римски храм. Денешната црква е изградена во 11 век.
Фотографија: Jens Korte/KölnTourismus GmbH
Паркот на Рајна – огромно игралиште
Спроти катедралата во Келн, на брегот на Рајна, се наоѓа 40-хектарскиот Рајнпарк. Изграден е во 1912 година, а во 2007 година беше прогласен за најдобар парк во Германија. Огромните тревни површини во лето служат како игралишта за фудбал, а штом зајде сонцето се користат и за ноќни дружења со скара. Со жичарницата над реката Рајна, може да се стигне од паркот до Зоолошката градина во Келн.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg
Карневал – петтото годишно време во Келн
Келнскиот карневал е еден од најголемите и најдобро познати улични карневали во светот. За време на карневалот треба да ги знаете овие важни зборови: „Алаф“ – поздрав кој се користи на карневалот и може да биде извикан во секое време; „Камеле“ се нарекуваат карамелите и бонбоните кои се фрлаат за време на уличните паради и „Бицје“ - мал бакнеж кој слободно се подарува, некогаш дури и на непознати.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini
Саем – од Гејмском до Арт Келн
Келн е ширум светот познат како град на саеми. На Гејмском, годишниот саем за компјутери и видео игри, компании од цел свет ги презентираат своите најнови хардверски и софтверски производи. На саемот АртКелн, кој инаку е најстар саем за уметност во светот, може да се најде парче уметност за сечиј џеб. Фотокина, еден од најважните саеми за фотографија во светот, во Келн се одржува секои две години.
Фотографија: Koelnmesse GmbH
Град со „отворен ум“
Келн е и град на толерантноста - затоа и не е изненадување што градот е „упориште“ на хомосексуалците. Еднаш годишно тука се одржува КолонПрајд, двонеделна манифестација за поддршка на правата на геј и трансродовата заедница, која исто така е и најголемата во Европа. Врвот на забавата на геј сцената е тридневната „Кристофер Стрит Деј“ парада која се одржува во првиот викенд во месецот јули.
Фотографија: picture alliance/R. Goldmann
Рајна – трговска и рекреативна рута
Еден од „бонусите“ на Келн е и неговата локација покрај Рајна - најдолгата река во Германија. И самите Римјани биле свесни колку е прикладна оваа локација кога на територијата на денешен Келн, во 19 година п.н.е ја основале првата населба. Денес, жителите и посетителите на Келн, можат да направат мала екскурзија со брод или да изнајмат кану и да добијат уникатен поглед на градската архитектура.
Фотографија: Dieter Jacobi/KölnTourismus GmbH
10 фотографии1 | 10
Потегот на фудбалскиот клуб предизвика различни реакции на социјалните мрежи и меѓу политичарите.
Основачот на либералната џамија во Берлин, Сејран Атес го критикуваше ставот на Верле поради некоректната претпоставка дека сите Турци во Германија се „една хомогена маса“.
Политичарот на ЦСУ, Михаел Куфер смета дека џамијата не смее да се изедначува со Келнската катедрала која е вистински симбол на градот.
„Тоа е една културолошка глупост“, коментираше Куфер за Билд.
Волфганг Бозбах од ЦДУ, апелира на поголема одмереност.
Клубот сака да ја прикаже „силуетата на градот“, а кон неа „припаѓа и маркантната фигура на џамијата“, смета Бозбах.
Католичката црква ја поздрави одлуката на клубот. Градскиот бискуп Роберт Клајне вели дека ФК Келн на овој начин се поставил против дискриминацијата и расизмот.
„Доколку имаме навивачи кои имаат толку тесна слика, тогаш подобро да се ослободиме од нив“, изјави Клајне за локалното радио дополнувајќи дека на дресовите можела да се стави и силуетата на градската синагога.
Муслиманите сочинуваат над 10 проценти од населението на Келн, четвртиот по големина град во Германија. Централната џамија беше отворена во 2018 година и една од најголемите во Европа со купола висока 35 метри.