Џенова: Зарем треба да се умира за работите да се променат?
ЕМФ /агенции
16 август 2018
Обвинителствто во Џенова стравува дека под урнатините на мостот Моранди има уште 10 до 20 лица. Бројот на загинати во катастрофата се зголеми на 39. Жителите на Џенова бараат одговорност.
Фотографија: Imago/Xinhua/A. Lingria
Реклама
Спасувачките екипи не запираат со пребарување на урнатините за да стигнат до евентуални преживеани во катастрофата на мостот Моранди. Главниот обвинител во Џенова, Франческо Коци, изјави дека сѐ уште би можело да има „меѓу десет и дваесет исчезнати лица“. Надежите дека сѐ уште има живи под урнатините со секој изминат час се намалуваат. Жителите наЏеновасе бесни на компанијата која управува со автопатот - Аутостраде, но и на властите кои немаат доволно интерес за тоа како се одржуваат автопатите.
Зарем треба да се умира за работите да се променат?
01:06
This browser does not support the video element.
Франко, кој живее во околината на урнатиот мост, е сигурен:
„Ќе видите, на крај ќе го обвинат инженерот што го градел мостот... кој е мртов! Сите останати ќе си ја спасат кожата."
Неговата сосетка Паола е избезумена од грижи:
„Мојата куќа е во околината на мостот. Ми се плаче. Не знаеме што нѐ чека. Се грижат само за автопатот, но не и за нас, околу 600 луѓе кои сме евакуирани од домовите. А јас имам четиригодишно дете!“
Еден жител од Џенова со резигнација констатира:
„За жал, луѓето секогаш мора да умираат за работите да се променат и подобрат во Италија.“
Со него се согласува и жена која со солзи во очите ја посматра сцената на катастрофата:
„Мислам дека не се одржува како што треба, политичарите немаат доволно интерес. Сега одеднаш сите се појавуваат, зборуваат за тоа. Зарем мора да се случи нешто толку ужасно и зарем луѓето мора секогаш да умираат за работите во Италија да се променат?“
Мостови и објекти кои се урнаа
Мостовите се спектакуларни градби. Но, тие може да предизвикаат и драматични катастрофи. Конструкции во мизерна состојба има секаде во светот. Нивното уривање чини многу животи.
Фотографија: picture-alliance/C. Contreras
Мостот Чирахара, Колумбија
Мостот Чирахара требаше да поврзува два тунела. Но, кога во јануари 2018 година требаше да се поврзат два дела од мостот, се случи несреќа. Се урна еден од столбовите. Загинаа девет лица. Причина за уривањето беше грешка во конструкцијата. Од истата причина беше акутно загрозен од уривање и друг дел од мостот. Затоа мостот беше урнат со експлозив во јули 2018.
Фотографија: picture-alliance/C. Contreras
Мостот Студенка, Чешка
Кога се урна на 8 август 2008 година, работниците само што имаа почнато со санација на мостот Студенка. Во моментот на уривањето еден воз беше упатен во насока на градилиштето. Машиновозачот се обидел да кочи, но било предоцна. Возот се втурна во урнатините со брзина од 120 км на час. Сѐ уште до крај не е разјаснето зошто се урна мостот, но познато е дека конструкцијата имала повеќе недостатоци.
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Galgonek
Мостот Мисисипи, САД
Мостот долг 581 метри поврзуваше два кварта на Минеаполис. Автомобилите возеа по осум ленти над реката Мисисипи. Неколку дена пред уривањето на мостот почна негова санација. Слободна беше само една лента. Сепак, уривањето на мостот среде сообраќаен шпиц, на 1 август 2007 година, однесе 13 човечки животи. Причина за уривањето - грешка во контрукцијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Smith
Зградата Сампун, Јужна Кореја
Зградата Сампун во Сеул се урна за само неколку секунди. Во уривањето на стоковната куќа, на 29 јуни 1995 година, животот го загубија над 500 лица. Причина: не се почитувале градежни прописи, конструкцијата не била добра и се применувале несоодветни градежни материјали.
Фотографија: picture-alliance/Yonhap
Зградата Рана Плаза, Бангладеш
Една од најголемите трагедии е уривањето на осумкатницата „Рана Плаза“ во Бангладеш, на 24 април 2013 година, кога животот го загубија 1135 луѓе. Само еден ден претходно било утврдено дека зградата има пукнатини, а полицијата забранила пристап до објектот. Но, до тоа се држеле малкумина. Во уривањето загинаа пред сѐ текстилни работнички од фабрика сместена во објектот.