1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џина Милер: „Брегзит е како религија“

Бригит Маас
24 јануари 2017

Кога Џина Милер поднесе тужба против владата на Меј, таа не очекуваше дека ќе се соочи со толкав анимозитет. Целта на тужбата е да му се даде можност на парламентот да се изјасни по прашањето за активирање на членот 50.

Großbritannien Gina Miller vor dem Obersten Gericht in London
Фотографија: picture alliance/abaca/K. Green

ДВ: Британскиот врховен суд денеска треба да ја донесе одлуката. Дали мислите дека ќе го добиете случајот?

Џина Милер: Да. За мене отсекогаш беше јасно е дека тоа е црно-бела правна ситуација: Парламентот е суверен. Драмата околу тоа настана поради политиката, не поради случајот. Кога бев осудувана од печатот и политичарите, секогаш ги прашував: Дали воопшто сте ја прочитале мојата тужба? Доколку знаевте за што се работи, ќе ја поддржевте. Но, драмата беше невообичаена. Сѐ околу Брегзит е поврзано со емоции. Тоа е како религија. Се чини дека рационалноста на луѓето веќе ја нема.

Но дали критичарите се во право? Вие бевте против Брегзит - значи вашиот случај исто така е политички.

Јас гласав за останување во ЕУ. Но загубивме. Затоа мора да продолжиме. Сите говореа за сувереност. Пред да се повикаме на членот 50, нашиот парламент, кој е суверен, треба да дебатира и за тоа да гласа. Мора да разговараме за секој елемент од Брегзит и како ќе влијае. Што ќе се случи со нашето земјоделство, со науката? Како ќе влијае на нашите училишта и на општеството?

Што очекувате од пратениците?

Да си ја работат работата. Не чувствувам дека досега го правеа тоа. Нивна работа е да го прават она што е најдобро за нашата земја и да застанат зад граѓаните кои ги избрале. Проблемот кој го имам со Тереза Меј е: нејзините постапки се во полза на партијата, а не на земјата. Понекогаш политичарите мора да носат непопуларни одлуки. Затоа се надевам дека откога ќе победиме и надлежноста ќе премине во рацете на парламентот, пратениците ќе одржат соодветна дебата за членот 50.

Дали Тереза Меј е на вистинската патека за да го напушти единствениот пазар на ЕУ?

Не верувам дека луѓето гласаа за тоа. Имиграцијата беше прашање број еден, но дали тоа подразбира дека граѓаните гласаа и за напуштање на единствениот пазар? Би сакала да видам доказ за тоа. Податоците добиени во периодот по Брегзит не укажуваат на тоа.

Добив многу пораки од луѓе кои гласаа за напуштање на ЕУ, пораки кои гласеа: го поддржуваме твојот случај затоа што не гласавме за „тврд“ Брегзит. Сѐ ова е политика. Голем дел од активностите на Тереза Меј се во прилог на нејзината партија, воопшто не се за Брегзит. Мораме да се вратиме на тоа што е најдобро за Британија.

По поднесувањето на тужбата постојано се соочувате со напади. Дали вашиот живот се промени?

Да, особено мојот семеен живот. Тоа не го очекував. Веќе не излегуваме фамилијарно за време на викендите. Не го користам јавниот транспорт. За моите деца има посебен влез во училиштето. Имаше неверојатно сериозни заканувачки писма. Полицијата сето ова го сфаќа многу сериозно. Луѓето велат дека доколку бев бела и маж и го поднесев случајот, немаше да се соочам со истото. Заканите се лични, не станува збор за случајот, луѓето не се информирале за што навистина станува збор.

Каква поддршка добивате?

Она што ме шокираше е дека никој не сакаше јавно да застане покрај мене и да зборува за тоа. Бев наивна: мислев дека со време, кога луѓето ќе го сфатат случајот и ќе согледаат дека јас всушност ја бранам демократијата, дека и други луѓе ќе застанат до мене или ќе ме поддржат. Но, откако во јули судовите ме одредија како правен застапник во тужбата, немам разговарано со ниту еден политичар. Ниту еден човек не ми пријде и тоа ме шокира.

Постои реален страв. Добрите луѓе кои вообичаено би го кренале својот глас се плашат дека ќе бидат етикетирани како предавници. Тоа е навистина лоша ситуација во нашата земја. Добри одлуки се носат доколку постојат различни мислења и надвладеат најдобрите. Брегзит е историска одлука, ни треба луѓето да го кажат својот став.

Тереза МејФотографија: picture-alliance/AP Images/A. Grant

Дали поради тоа не се откажавте од тужбата и продолживте со истата?

Многу луѓе ме советуваа да не го правам тоа, ми рекоа да се дистанцирам. Но мораме да се соочиме и да ги едуцираме луѓето.

Бев гостин во телевизиски емисии и присутна во јавноста – и ми беше кажано дека како обоена жена, немам право да го кренам својот глас. Или дека не сум доволно паметна за да можам да поднесам ваков случај, дека мора позади мене да стојат богати и моќни мажи. Што се случи со општеството? Мораме да се спротивставиме за да не бидат чуени само овие гласови. Единствените работи кои ги поседувам се мојот глас и моите принципи. Ќе ги користам за да го направам она што сметам дека е моја обврска за да ја одбранам државата. Немам друг мотив. Ќе продолжам да се придржувам до тоа.

Џина Милер е коосновач на инвестицискиот фонд СЦМ Прајват и е правен застапник на тужбата за Брегзит против владата на Тереза Меј, чија цел е вклучување на парламентот во одлучувањето на условите под кои Велика Британија ќе ја напушти ЕУ, пред премиерката Тереза Меј да го активира членот 50.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми