1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џихадистите освоија делови од Кобане

Рута Кристина/ Ж. Ацеска7 октомври 2014

Екстремистичката организација „Исламска држава“ навлегла во курдското упориште Кобане и по жестоки борби освоила делови од пограничниот сириски град. Дали ќе успее целосно да го освои?

Фотографија: Aris Messinis /AFP/Getty Images

Џихадистите од „Исламска држава“ освоиле три кварта во источниот дел на сирискиот град Кобане (Ајин ал-Араба на арапски), кој се наоѓа во близина на границата со Турција. Борците на ИД под своја контрола ја имаат индустриската зона и квартовите Мактала ал-Џадида и Кани Арибане, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Претходно во Кобане се воделе жестоки улични и борби за одделни објекти со курдските жители. Исламистите навлегле со тенкови и употребувале автомобили-бомби, како што соопшти портпарол на курдската медиумска група „Слободна медиумска унија“ за новинската агенција ДПА. Повеќе од 2.000 луѓе од градот се засолнале во близина на турската граница.

ИД од пред три недели се приближи кон градот, и покрај отпорот на Курдите и воздушните напади на меѓународната воена алијанса. Градот е последниот бастион и воедно енклава, контролирана од курдските единици за народна одбрана. Нивните борци се поврзани со сириското крило на курдската Работничка партија, ППК.

Фотографија: Reuters/Umit Bektas

За нови напади се јавува и од Хасака, друга курдска енклава во североисточна Сирија. Во само неколку минути атентатори самоубијци нападнале две контролни позиции на Курдите на периферијата на градот, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, при што биле убиени најмалку 30 курдски борци и војници.

Турција засега не испраќа копнени трупи

Неколку часа пред делумното освојување на Кобане, курдските политичари ја повикаа меѓународната заедница да им пружи поголема поддршка и предупредија од масакар.

„Ние ќе преземеме се‘ што е можно за да им помогнеме на луѓето од Кобане“, вети турскиот премиер Ахмет Давутоглу во интервју за американски СиЕнЕн. Но, тој сепак се огради: „Да се испратат копнени трупи, сепак е друга одлука“.

Зашто, според него, ако се интервенира во Кобане, би морало да се интервенира во цела Сирија. Кобане се наоѓа на самата граница кон НАТО-членката Турција. Турскиот парламент минатата недела даде зелено светло за воена акција на турската војска во Сирија и во Ирак заради борба против ИД.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг при посета на Полска изјави дека доколку постојат знаци за загрозеност на Турција, постои можност и за испраќање трупи. Главна задача на Алијансата е „обезбедување на територијалниот интегритет на членките, вклучувајќи ја и Турција“, рече тој. Од сирискиот завојуван граничен регион инаку се‘ почесто стигнуваат стрелби и до територијата на соседната држава.

Протестна акција пред Дојче веле во БонФотографија: DW/J. Mahncke

Протести на Курдите во Европа

Курдите во Европа организираа низа демонстрации против напредувањето на ИД и нападот врз градот Кобане. Во знак на протест Курдите во градот Ден Хаг се обидоа да влезат во зградата на холандскиот парламент. Група од околу 60 демонстранти атакуваше и на зградата на Дојче веле во Бон. Активистите, дел членови на курдското женско биро за слобода и други женски здуженија, во Дојче веле предадоа декларација во која бараат „хуманитарна помош за избеганите жени и деца и долгорочни проекти за нудење перспектива за преживување на жените, девојчињата и децата“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми